Геополитика на љубовта

Неодамна, во издание на ПНВ Публикации од Скопје, од печат излезе новата стихозбирка на Славица Гаџова Свидерска „Политики на љубовта“.

Slavica-1

ГЕОПОЛТИКИ НА ЉУБОВТА

АФРИКАНСКA

Ми требаш како бел господар меѓу црните луѓе
да те обожувам како Бог
како екватор што ме дели на половина
фатаморгана и дехидратација
секоја година нова алка на вратот
секој месец ритуален транс
секој ден смртта чука на вратата
секоја ноќ стомакот се слепува за грбот
секој час сонувам леб
секоја минута планирано ме истребуваат
и секоја секунда се раѓам умножена

ми требаш како номад во мојата пустина
испосник во песокта
најди ги оазите
и таму трајно насели се
како грешник

ЕВРОПСКA

И стопати од тебе да се одречам
и Бога да го прогласам за мртов
и ренесансно да се преродам
и барокно да претерувам
и постмодерно твојот лик
да го прогласам за палимпсест
од сите усни што сум ги љубела
и да те прогласам за варварин
зашто  не можам да те научам
да пиеш чај во пет часот попладне

Стопати нека е проклет Рене Декарт

Ми требаш
на тебе да мислам
да знам
дека
постојам

АРКТИЧКA

Шест месеци темнина
да те сонувам

Шест месеци светлина
да те гледам

korica-slavica-5-1

ИМАГОПОЛИТИКИ НА ЉУБОВТА

МАКЕДОНСКA

Ми требаш
како сончеви денови
што ги дегустираш во чаша вино

Охрид 365те цркви
како рис на Галичица
змија на Голем Град

да ме разединиш со допир
и да ме обединиш со бакнеж

како петвековно ропство
ми требаш

БАЛКАНСКА

Ми требаш како мир
ти требам како војна
ми требаш како лудило
ти требам како рацио
ми требаш како адреналин
ти требам како седатив
ми требаш како пушка
што ќе ги убие
сите рационализации на страста која остава модринки
сите средени мисли во педантни костуми
сите лажни зборови со лептир машнички
сите начини на калкулација увезени од Европа
да се прејадеш  да се препиеш
од мене до препукнување
никогаш да не се наситиш
и вечно жеден да останеш
да искрварат сите линии од црн туш
бела пудра и црвен кармин
да се распаднат сите маски
под кои ги сокривам вистинските очи
ми требаш како рафал
што ќе ги разнесе
тешките капути на душава

против сите ледени краеви на светот
како огнена стихија
ми требаш

МИКРОПОЛИТИКИ НА ЉУБОВТА

ЕЗЕРСКО-ПРЕСПАНСКА

Ми требаш
како
преспанската вода
на Охридското езеро
Ние го создадовме
принципот
на споени садови
ние го пронајдовме
тајниот премин
под Галичица
без тебе душата ми се суши
како циронка
Ми требаш
како пролет
што ќе ги опраши моите цветови
како октомври ми требаш
што
ќе ги
собере
моите црвени
плодови

ЉУБОВНО РЕВИДИРАНИ ПОЛИТИКИ

НОВА КЛИМАТОЛОГИЈА

Се снимија неколку филмови
за апокалипсата
неколку бури го вознемирија светот
преминуваме од книгата на родените
во книгата на умрените
бавно и болно
или остро и секавично
сеедно
меѓу две ужасно студени зими
меѓу две неподносливо жешки лета
едно тело замрзна
и
изгоре една душа
сонувајќи ја пролетта

АПОЛИТИЧНИ ЉУБОВИ

ПЕСНА НА ПЕСНИТЕ

И кога збрувам на сите човечки јазици
и кога прелетувам низ земјите и градовите
и во височините и во длабочините
и во езерата
и во пустините
во ритуалите
и тишината
јас не сум бакар што ѕвони
ниту кимвал што ѕвечи

јас
љубов
имам

Славица Гаџова Свидерска (1984, Битола) поет, истражувач, есеист и преведувач. Ма–гистер на филолошки науки и докторанд на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ – Скопје. Се занимава со истражување на односите меѓу книжевноста и дискурсите на моќта, репрезентациите на политичкото насилство во книжевноста, односите моќ-знаење-вистина во рамки на прозата, како и интермедијалните релации меѓу романот и филмот. Објавила над 30 книжевни студии, есеи, критики и осврти во периодиката во земјава и странство и добитничка е на неколку домашни награди. Учествувала на Струшките вечери на поезијата (2008, 2010, 2012, 2013), Поетска ноќ во Велестово (2013), фестивалот за алтернативна уметност Фрик (2010), Светското поетско движење (2011) и Поети за промена (2012, 2013). На Струшките вечери на поезијата во 2012 година ја добива нововостановената награда Енхалон, за најдобра песна од млад македонски автор, за песната „Писмо дванаесетто“, од поетската книга Писма, (2012) во издание на ПНВ Публикации. Нејзината поезија е застапена во неколку антологии на современата македонска поезија и преведена на англиски, српски, хрватски, босански, чешки, словачки и албански јазик.

Тагови од објавата
Напишано од
More from РЕПЕР
Гладни сме
Куферите ми се спакувани, патувам за Вараждин, одам на „Шпанцирфест“. Еден од...
Повеќе
Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *