Секое време си има свој знак

Секое време си има свој знак. Свој дух, своја енергија. Наивно е човек да верува и да раскажува: „Ех, како беше добро пред дваесет години!“

zlatko

Во својот живот сум пишувал разни нешта, од љубовни песни до барања за плаќање заостанати сметки на рати. Но никогаш уводник за нов весник. Возам велосипед по скопскиве улици, дува топол ветер во моето лице, ми се чини ќе летнам к’о кеса угоре в небо. Милина. На плоштад сум. Празна клупа, палам цигара. Убави жени ми ги земаат очите… Околу мене десетина скулптури, како совршен знак на една генерација неспособни и ненадарени вајари. И не само вајари. На една генерација скарана со феноменот на она што е божествена убавина. На една генерација полна со лакомост, без грам чувство за солидарност; на крајот, без грам чувство за својата смртност. К’о божем в гроб ќе ги однесат сите пари што ги искрадоа од овој мал и намачен народ. Но… враќање назад нема. Прашањето е: како и на каде денес и овде?

Секое време си има свој знак. Свој дух, своја енергија. Наивно е човек да верува и да раскажува: „Ех, како беше добро пред дваесет години!“ Денес постои една нова Младост што ми приоѓа и ми вели: „Вие сте оној што ги правеше песните за албумот ’Македонско девојче’?“ Да, тој сум. Тоа е голем комплимент за мене. Денес таа Младост бара да ѝ дадам такви нови песни. Денес таа иста Младост треба да даде свои херои. Тоа го чекам со денови, со месеци, со години… Да се разбудам и да ме запука со сета сила нова музика, нова мисла, нова идеја… Да се качам на велосипедот и тој самиот да вози, без да вртам педали. Од силата на оваа нова Младост, која е притисната од чекање, од немаштија, од провинцијализам и од алчност, од лаги и од празни несолени пароли за еднаквост, слобода и за демократија…

[pullquote align=”left”]Денес мојот брод плови во една друга река. Ако човек не умее бргу и вешто да се префрла од едно на друго место, ако нема сила да го почувствува духот на времето во кое живее, тогаш не е за оваа работа[/pullquote] Овој месец дадов три-четири интервјуа. Во секое од нив ми беше поставувано прашањето дали постои можност да се реоформи „Анастасија“. Не! Кому му треба тоа? Мене… не. Денес мојот брод плови во една друга река. Ако човек не умее бргу и вешто да се префрла од едно на друго место, ако нема сила да го почувствува духот на времето во кое живее, тогаш не е за оваа работа. За несреќа, кај нас, она што е македонска интелигенција (ако воопшто има таква) секогаш доцни добри 20 години од времето во кое се наоѓа. Бара и чека одговори од „старите и добри режисери“, од писателите на својата младост, шарка здодевни колумни, не гледајќи дека е ново и друго време. И во политиката, и во музиката, и во литературата… Овој феномен, тоа е чувство што можат да го разберат само оние луѓе што се „болни“ од онаа тешка и неизлечива болест наречена „вечна младост“. Таквите луѓе лесно фаќаат приклучок со секое ново време што природно доаѓа. За жал, Македонија речиси и нема такви големи и „класични“ планина-ликови к’о Андриќ, Крлежа, Киш… Ние сме една мала, здодевна, необразована и раскапана селска паланка, која се радува и гледа избезумено во една грда фонтана пиејќи сок, к’о да слегол вселенски брод. Со денови чекам да се разбуди таа младешка крв низ вас, тоа големо и космичко чувство за вртење кон живот, еротика и кон хумор. Ако вашиов нов весник даде само еден единствен грам такво чувство, тогаш нема да ми биде жал што ги пишувам овие редови. Ако успеете со своите нежни и детински раце да го држите тој мал оган запален, јас секогаш ќе сум до вас со моиве раце и со мојов дух. Најдлабоко верувам дека тоа ќе се случи…

Авторот е музичар

Илустрација: Томас Ламаду

Напишано од
More from РЕПЕР
На „Букстар“ се симнуваа ѕвезди
25 културни настани во 19 дена и многуте странски и домашни книжевни...
Повеќе
Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *