Аурора Бореалис

Човекот еволуирал до тој степен / може да избрише цело едно годишно време. / Замисли си ти... Мисли си... Дека еволуирал човекот...

страна Б
(Ќе ги има ли македонските работи?)

 

Пак ќе дојде април

Секој април истата песна ја терам
Април излезе најсуровиот месец
Излеговме од зимата наеднаш
Толку одеднаш –
Се чинеше ќе ja избришеме пролетта како годишно време.
Човекот еволуирал до тој степен
Може да избрише цело едно годишно време.
Замисли си ти… Мисли си… Дека еволуирал човекот…
Ми се плеткаат мислите додека сонцето
Во очите ми блеска.
Мижам.
Мислите ми се виножито во пролет.
Читам, многу, во ноќите –
и патувам на југ.

Тоа сонцето блеснало, пукнало, пржи ли пржи
Го топи мразот, му ја зема формата.
Го поразува. Го негира. Топлината е живот.
Живот.
Неми се облаците после дождот. Пролетниот.
Оној краткиот. Слаткиот. Од кој не ни СТУДИ
Во душите.
Одамна го нема тој дожд.
Можеби човекот еволуирал до тој степен
Може да го избрише пролетниот дожд.
Измислија ХААРП чудовиште.
За да нè спречат да патуваме на југ.

Неми е гајле.
И онака само моите замислени пријателчиња ме разбираат,
и мртвите поети.

По цел ден си зборам со нив.
Ако човекот еволуирал до тој степен
Да избрише цело едно годишно време
и да уништи пролетен дожд, тогаш еволуирал до тој степен
да може да си зборува со мртвите поети по цел ден.
Цел ден си зборам со Мастер Елиот.
Многу долго време ми требаше да му прозборам.

 

Четврт век транзиција

Читам, му велам, и одам на југ.
Ама ми го покриваа тсонцето. Со машините нивни.
Не ги сакам. Не ги разбирам. Човекот еволуирал до тој степен
Да се оштетува самиот себеси?
Каде е правилниот природен тек на нештата?
Каде ни се вистинските вредности, учителу?
Не може да пркнат. Многу долго трае зимата.
Студ и мраз.
И уште повеќе студ и уште повеќе мраз
Под кој човештината умира.

Не-пролет.
Не-време.
Темни облаци од секаде наоколу и студ.
Лее – не врне. Пржи, па лее.
Невреме – време.
Сепак! – Револуции се креваат по улиците на мојот град.
и сè е црвено и жолто.
и сè е сè уште на буквата на буквата м.
Не разбираат… дека јазикот да го немам
Ќе престанам да постојам.
Како ќе го кажам тоа што се кажува на сите јазици
Ама на ниту еден не звучи како на мојот – оној на м
мајчиниот!

Учителу,
Во мојотк рај е мојот почеток.
И сите мои почетоци водат кон истото место.
Раскажувач сум јас. Плетам книги од најубави зборови.
Тие не им ги давам.
Како не знаат дека тие не можеш да ги земеш.
Ѕверови. Се обоиле во бојата на алчноста,
Не трепкаат повеќе. Само се ѕверат
Во предметот на нивната добивка. Пари!
Пари, пари, пари, пари, пари,
пари
за било што. Ајдеее, распродажба.
Повелете. Повелете.
Сакате со граници, сакате без граници.
Сакате со име, сакате без име.
и едните и другите се исти.
Мајка на продажба. Татко на продажба.
Брат. Сестра. Било што во замена за кеш.
Носат одлуки со газ, наместо со образ.
Така, образот им е газ, а газот – образ.
Газообразни се. Газобразни.
Безобразни – не!
Тоа беше во минатиот век.
Еволуција.
Човекот еволуирал до тој степен –
На образот му никне газ.

Пишувам, учителу, цело време,
и песни и книги, и раскази и сонови
и стравови и маки и борби и визии
и љубов пишувам. Многу.
И патувам на југ.
Мижам. Знам дека зборовите течат.
Чувствувам – се леат низ небесниот свод.
Во сите бои на виножитото.
Па од мене извира песна, и пеам на глас
Песна од детството, научена за навек!

Тамо зората греит душата, и с’лнце светло зајдвит в гората.
И одеднаш почнува да врне. Чуден дожд.
Заборавен дожд. Пролетен.
Ми се лее по лице
Ми се лее по врат
Се лее насекаде наоколу
Убав пролетен дожд.
И плачам.
Знам – ќе престане.
Знам – сонце ќе изгрее пак и пак и пак
Таму кај што воскреснувам со секој напишан збор
Во сите бои на Каменот.

Ако затвориш очи ќе ги видиш
Собрани на ледината – играат, играат, играат.
Не кажувај никому – не кажувај на глас.
Убави се. Румени. Со образи. Насмеани. ТОПЛИ.
Играат на музиката што ги пара планините од сите страни.
Духовите на претците играат со нив.
Играме качени на планините сите.
Се меша минато, сегашност, иднина.
Каде застанувам јас, продолжуваш ти.
Ти си јас и јас сум ти.
И сите сме сè.
И сè е секогаш сега.
Ова е тајната во душата што ни тлее.
Тајната што ги стоплува срцата.
Па затвораме очи качени високо горе
и тропаме по земјата
тропаме силно
ни се може – наша е!
Ни дозволува – наша е!
Чекај… чекај само момент и ете го
Сонцето блеснало високо над небото
Во јули
Господе, та вакво никогаш не било
а секогаш викаш така
не, Господе, вакво никогаш не било
и секогаш е вистина.
Ама нема врска – земјата сака да ѝ се умилкуваш
Сети се, ти вели, сети се.

Дека дури и кога сонцето и месечината се караат
и тоа е од љубов –
паѓаат ѕвезди насекаде наоколу
шепни, шепни ѝ на вселената
тајни скриени тајни
вековни –
обој го небото во тиркиз
па индиго!

Тагови од објавата
More from Виола Дамјановски
Утринско кафе
Преведувачкото столче си се пресели кај мене дома. Не го викав, самото...
Повеќе
0 replies on “Аурора Бореалис”