ПОРОЈ ОД МИРИСИ, СЛИКИ, МИСЛИ
„Тоа што свири, тоа се рацете“ [1], вели песната на Дарко Рундек.
Рацете на Михаела Гашпар се раце на скулпторка. Раце обучени за обликување на материјата: со прсти, со нокти, со длето, со чекан, со пила за железо. Михаела Гашпар (1973), како што ѝ стои во официјалната биографија, по занимање е скулпторка. Но рацете црвеникави од ’рѓата, груби од каменот, исушени од глината, раце што обликуваат, сечат и откинуваат, кои по работата се бришат со измачканата работничка крпа и се мачкаат со хидратантен крем, тие раце ја опипале површината на тастатурата, поминале со прстите преку неа слушајќи го тивкото пукање на пластиката: и тоа им се допаднало, тоа им предизвикало возбуда.
Во десет години, чукајќи со три-четири, шест-седум или сите десет прсти, Михаела Гашпар објавила шест книги: пет романи и една збирка кратки раскази. Тоа што свирело на тастатурата, тоа биле рацете. А книгите само се редеа: Без изненадна радост молам (Аора, 2010), Митохондриската Ева (Матица хрватска Осиек, 2013; второ издание Диспут, 2015), Колаче, тутун, брич (Диспут, 2013), За чајниците и жените (Диспут, 2016), Бавен одрон (Диспут, 2017) и сега Часовничарот (Диспут, 2019). [2]
Сликарот Игор Рончевиќ во една песна пишуваше за прецизните и чисти резови што ги прават рацете на стакларот и неуредните, диви резови што ги прават рацете на месарот. Во рацете на Михаела Гашпар може да се замислат сите тие занаетчиски вештини, сите тие занаетски нарави: каменорезец, бравар, столар, котлар, ѕидар, кожар, чевлар, часовничар. Може да се видат рацете на стакларот и рацете на месарот. Тастатурата така реагирала на рацете на скулпторката, плетејќи реченици, меки и жестоки, реченици што тивко жуборат и што нагло се рушат. Во Часовничарот едно дете паѓа во студена вода, под свод од лед, и водата го повикува „со неа да појдам во светот, низ речното корито, под мостовите, да се одморам во речните ракави, да се излежувам со рибите, да спијам во топлиот жабурнак, да потскокнувам низ брзаците, да се префрлам преку кружните камења, да се сопнувам низ карпите од бигор како водопад, заедно со водата да се заплеткам во тркалата на водениците, да се оптегнам на килимите од алги, да се моткам на дното на плитоците со речните змии низ отпаднатите гранки и лисја во потрага по младенчиња од риби, снежните струи да ме однесат во коритата за пирани што деноноќно брмчат, a потоа и јас и водата да дремнеме во големите сали и пештери каде што никогаш не стапнала човечка нога и во сталактитите над нашата површина да бараме форми на животни, елени со големи рогови и дебели мечки, кои не го познаваат мракот на подземјето, сè додека силата на понорот повторно не нè турне и не нè исфрли на дневна светлина“.
Како водата, и тастатурата на Михаела Гашпар секаде носи и однесува. Но темата по правило е една: распаѓање на семејството. Во романот За чајниците и жените моделот на традиционално граѓанско семејство, моделот на нуклеарно семејство (татко, мајка, дете), се разложува од страница во страница. Мажите умираат, заминуваат, злоупотребуваат, се опиваат; децата си одат или како отфрлени авети од минатото се обидуваат да се вратат; семејното богатство исчезнува, се троши на алкохол.
Нараторите на Михаела Гашпар можеме да ги замислиме на гости кај Џери Спрингер како пред камерите и публиката во студио ја раскажуваат својата семејна приказна, мачно стереотипна, но и саркастична, речиси на граница со гротеска. Во романот За чајниците и жените (или „очајниците и очајничките“[3]) тоа се четворица наратори, четири гости на доцноноќното исповедно шоу. Во Часовничарот има само еден раскажувач. Часовничарот Јосип Мајдак. Но една е и темата: семејна декаденција што се протега низ сега веќе мошне опсежната библиотека на Михаела Гашпар.
Часовничарството е прецизен занает. Занает на ситни федери и запченици, шрафчиња што се држат на јазик или се пренесуваат на врв на прстите. Ситен, мал како механизмот на часовниците што ги поправа, е и животот на часовничарот. Поради животот на Јосип Мајдак нема да се спушти ангел од небото и да му понуди ново срце кога старото ќе му дотрае. Тоа ќе го направат само хирурзите. Срцето на часовничарот никому не се давало. Животот на Јосип Мајдак бил живот на нискост и себичност, кој не ја збогатувал околината ниту му давал смисла на животот како таков. Тоа бил живот на нечуен, невидлив човек, кој далеку од сечиј поглед, од чие било знаење, го убил саканото куче, украл од умрен и ограбил вдовица, скриен од жената јадел колбас, па уште еден; ја отфрлил мајката од која се срамел онака како што од шумски пат се исфрла стар фрижидер; ја премолчувал злоупотребата на сопствениот брат.
Кога дотрајува срцето на часовничарот, хирурзите ќе понудат ново. Името на Јосип Мајдак ќе биде на листата на чекање за трансплантација, телото на Јосип Мајдак ќе лежи на железни болнички кревети за неговото тесно, ладно, слабо срце да биде заменето со ново; за со трансплантација да се замени она, дотраеното и лошото. Не за да се спаси часовничарот, да се „реформира“, да стане она што не бил. Затоа што трансплантацијата не ја прават ангели, а во операционата сала нема никого освен хирурзите и анестезиолозите. Срцето на часовничарот се заменува за „грешка“. Не затоа што она старото се давало; затоа што не се давало, и тоа го нема во овој живот: ни искупување, ни ангели, ни небо што гледа и наградува. Постојат само листи на чекање, болнички соби со пациенти што чекаат операција и операциони сали во кои рацете на хирурзите и науката ги изведуваат своите чуда.
Часовничарот Јосип Мајдак со ништо не заслужил на крајот на животот да добие ново срце. Ниту со својот живот го оправдал спасувањето од ледената вода во која како момче пропаднал низ мразот. Нема Холивуд во Часовничарот. Или го има колку една трошка. Ако постои можност за искупување, таа е само во спознанието на часовничарот дека со ништо не го заслужил подареното срце. Во Холивуд тоа е моментот кога влакнестото чудовиште се претвора во она што некогаш било, во човек. Кај Јосип Мајдак, тоа спознание е неговиот „роузбад“: моментот на спознанието дека го згрешил сопствениот живот, кој воедно носи и потенцијал за негова рехабилитација. И тука Холивуд се повлекува од приказната. Холивуд стои на почетокот на романот, потсетувајќи нè на почетокот на Граѓанинот Кејн. Холивуд цело време е во близина на текстот на Михаела Гашпар, видлив во некои наративни елементи, мотиви, но никогаш со своите лесни решенија не влегува во текстот, никогаш не успева да се пробие во него.
Не станува збор само за Холивуд. Многу малку однадвор успева да се пробие не само во текстот на Часовничарот туку и воопшто во семејните хроники на Михаела Гашпар. Часовничарот како да се случува на дно на море. Надвор од секој историски и политички контекст. Животот на часовничарот Јосип Мајдак е сопоставен преку релациите со братот, мајката, сопругата, ќерката, кучето. Надвор од тоа се релациите со муштериите, пријателите од детството, девојчето што го спасило од заледениот поток… И потоа почнува непрегледно, непроникливо сивило.
Надворешниот свет, светот на епохи, војни и револуции, светот што во секојдневјето навлегува во интимата на поединецот, во семејните домаќинства, кој ги разорува семејството и приватноста, во животот на Јосип Мајдак не постои. Редукцијата е целосна. Надворешниот свет во Часовничарот се пробива одвај чујно и искривено, онака како што искривените звуци се пробиваат до морското дно. Не знаеме во кое време сме, во кое општество сме. Маркациите се минимални. Одненадеж во романот се појавува електричен апарат за бричење. Наеднаш тука се и кварцните часовници. Дури и еден часовник, швајцарскиот лангендорф, произведен во 1960 година! Со не толку мало изненадување во романот во еден момент влегуваат и мобилни телефони, микробранова печка, машини за сушење алишта, па дури и автомобили на струја. А тука, секако, е и трансплантацијата на срце. Тоа го позиционира дејството во Часовничарот во дваесеттиот век и почетокот на дваесет и првиот. Но ништо освен тоа не знаеме.
Животот на Јосип Мајдак се одвивал помеѓу, во мал провинциски град сличен на Самобор (градот во кој пораснала Михаела Гашпар), некаде помеѓу 1930 и 2010 година. Часовничарот поправал механизми на механички часовници, во својот работен век се занимавал и со кварцни часовници, а на крајот на животот ги дочекал и мобилните телефони и нивните електрични часовници. Се бричел со жилет и со електричен апарат, се возел со автомобил, можеби и со електричен, го подгревал јадењето во микробранова… и всушност – тоа е тоа. Вратата на времето се затвора тука. Војните, револуциите, превратите и политиката ниту преку телевизијата и телевизиските вести не влегуваат во микрокосмосот на часовничарскиот и на семејниот живот на Јосип Мајдак.
Редукцијата го згуснува текстот. Исчистени од сè надворешно, семејните односи во прозата на Михаела Гашпар се соголени како повеќекратно сварени коски. Пеколот не е некаде надвор. Пеколот е внатре во домот, во семејството, зад затворени врати. Она надвор се крши пред тие врати, не допира до тој пекол: дури ни преку катодната цевка на телевизорот или далечното чукање на влезната врата.
Еднакво згуснувачки врз текстот дејствува и неговата поетичност. Таа го затвора во лирското, во субјективното. Во порој од мириси, слики, мисли и делчиња од стварноста и од секојдневното. Тоа е извонреден стил, во својата лиричност рамен можеби единствено на прозната лирика на последните романи на Дамир Каракаш.
Веќе опсежно цитиравме една реченица на Михаела Гашпар. Но некои пасуси вреди и двапати да се втиснат помеѓу истите корици. Романот што започна со вода што го довикува момчето се приближува кон крајот со отворени болнички прозорци низ кои до пациентите доаѓа свеж воздух „како одронет од другиот свет. Оние што не можат повеќе да ги отворат очите лелекаат од неговата сила, ја вртат главата, бараат засолниште од неговата јачина; се вовлекува под нашите очни капаци и во нашите усти и лежиме немоќни под таа лавина на свежина. Наутро, кога ќе ги раскрилат прозорците, на нас се излеваат мирисите на болничката градина како отрови што ќе ни ја изгорат кожата, ќе навлезат во нашиот крвоток и ќе дотечат до сите органи. Нашата бледа кожа ја прободуваат сончевите стрели и црцорењето на птиците, тие мали напасти избрусени од остри клунови испратени во нашите уши, каде што роварат низ кривулестите канали. Звуците на забрзаните чекори и на безгрижните разговори на минувачите се качуваат низ нашите празни желудочни кеси и се пењават во нашите жолчки. Во нашите жолчки се капат женски гласови, детски цивкања, засипната машка кашлица, мирисот на свежо печиво и на утринско кафе сервирани под црвената тенда на кафулето“… Има уште; но нема веќе да препишуваме.
На крајот само уште едно: насловната „немирница“[4] е делче од механизмот на часовникот што кружното свивање го пренесува во праволиниско, со една оска на друга. Часовничарот го сакал тоа име. Сакал да ѝ го даде и на својата ќерка Дуња, но сопругата не се согласила со тоа велејќи: Зарем тоа не е лошо име за една жена?
Во речникот на Лексикографскиот завод ја нема кованицата „немирница“, ниту како дел од механизмот на механички часовник ниту како име за немирна женска личност. „Немирница“ нема ни во Хрватскиот енциклопедиски речник на Нови либер; немирна личност може да биде само немирен човек, немирно дете и немирна жена. Жената по име е „Мирна“, а по карактер „немирна“; не и „Немирница“. Но спротивно на фантазијата е насловот Немирница да се чита само како назив на некакво делче од механизмот на часовникот. Во насловот како да се чувствува и присуството на самата авторка: присуството на личната и биографската димензија на тема семејство што се провлекува низ сите книги на Михаела Гашпар; тие раце, прсти што немирно скокаат по тастатурата.
Гледаме дека во текстот на Часовничарот стои нешто од Холивуд и неговите слики и мотиви; гледаме историски и политички контекст што е оставен пред затворените врати на романот; а низ необичниот, двозначен наслов на романот го гледаме и присуството на самата авторка: онаа чиј немир преку рацете прво блеснал во Ворд, а потоа и на белите страници на книгата. Оваа книга… И овие книги.
[2]Насловите на книгите во оригинал: Bez iznenadnih radosti molim; Mitohondrijska Eva; Slatkiš, duhan, britva; O čajnicima i ženama; Spori odron; Nemirnica (заб. на прев.).
[3]Алудира на изговорот на оригиналниот наслов на книгата: O čajnicima i ženama (заб. на прев.).
[4]Оригиналниот наслов на книгата на хрватски е Nemirnica (заб. на прев.).