
Марта Маркоска
Марта Маркоска е родена на 29.06.1981 година, во Скопје. Дипломирала на Катедрата за Општа и компаративна книжевност, на филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, а магистрирала на Интердисциплинарните Културолошки студии во книжевноста, при Институтот за македонска литература во Скопје. Маркоска е член на Друштвото на писателите на Македонија и досега има објавено четири авторски книги: збирката песни Стрмоглаво кон височините, за која е добитник на наградата Ацо Караманов (2012 год), збирката есеи Хипер Хипотези (2011 год.), збирката раскази Вител во Витлеем (2010 год.) и збирката песни Сите притоки се слеваат во моето корито (2009 год.). Марта Маркоска, од скоро е застапена во четири антологии: Антологија на младата македонска поезија: „Лирски Додекамерон“ (Струшки вечери на поезијата, 2012), Антологијата на поезија и проза: „Ветерот носи убаво време“ (Матица, 2012), во Антологијата на македонскиот современ расказ (Феникс, 2012), и во Антологија на текстови посветени на градот Скопје: „Планета Скопје“ (Феникс, 2012).