Бермудски триаголник на времето

Те затвораат во моите мисли/ како во карантин од Ебола.

Demo-Мануела

Денес или утре ќе не снема

Земам здив заглавена
меѓу два напоредника.
Те затвораат во моите мисли
како во карантин од Ебола.
Се појавуваш низ ликовите
на сите детски цртани
и знаеш да ги одглумиш
сите главни улоги во филмовите
на Quentin Tarantino како
суперхерој пред пензија
и болен кој најискрено
се надева дека ќе умре
во тешка депресија
и психичко растројство
гризајки го јазикот
сопствените очи
ги полнам со солзи
да те сожалам како социјален работник
како дете со аномалија
и љубовник
со грижа
и заборавени страни на светот
овде и таму.
Денес
или утре ќе не снема
како познавање од историја
и болничка храна по испран желудник
од мака и тага
како клуч без брава
и скапа авионска карта.
Знаеш, Марс е тука а Земјата таму
железничките линии се прекинати,
а автобусите навратуваат се’ поретко.

Бермудски триаголник на времето

Живееме веќе неколку генерации. Има можеби стотина години откако јас се родив последен пат, а пред тоа се раѓав и умирав уште многу пати. И речиси ништо не се промени во мојот живот. Живеам на исто место, ги гледам истите луѓе, чувам мачки, гледам филмови за македонската револуција, дишам, сведочам за твоите синкопирања… Само мачките се намножија и на грбот на нивното потомство се изобличи шарата на која бев навикната пред ти да се родиш повторно во новиот век.
Овој пат се роди многу покасно. Се гониме еден век низ историјата, но живееме во ист, а се среќаваме еднаш годишно во некоја државна институција. Секогаш ни ги мешаат термините на Мој термин. И се караме дали јас или ти си прв кај тетката на шалтер, а всушност си го мериме пулсот преку треперењата на гласните жици и воздухот го претвораме во ладен ветер кој го замаглува шалтерот. Всушност секоја година ја менуваме климата за да се преправаме дека старееме. Живееме како инстиктивни животни кои живеат се’ подолго како резултат на ГМО. Уште ги слушам твоите синкопирања. Се надевам дека еден ден ќе се родам одново за да ги смениме улогите.

Дигитална пневмонија

Нашето постоење деновиве се сведува на нелогичност. Како претставник на новоформираното прифатилиште на изгубени души, се решив на подвиг кој ќе ги отплете сите дилеми кои го мачат општеството.
Доста познато е дека сите мои истражувања или започнуваат или завршуваат во ќорсокак, но и покрај тоа сакам да го изнесам своето мислење за лебдењето на луѓето околу своите души. Доста ме изиритира појавата на лажни продавачи по нашите домови и тргнав да ги следам. Сакав да им влезам под кожа и јас да ги наежувам секогаш кога некој ќе тропне од внатрешната страна на вратата пред тие да го сторат тоа. Се претворив во паразит кој лази од зглобот на раката до подлактицата и чекав да смислат нова лага за да ги активирам моите сензори.  Всушност, муабетов го вртам околу една случка, а и бев статист само во истата: лажниот продавач застана пред вратата и додека се припремаше да ја пласира својата лага јас несакајќи се проѕевнав и го стресов. Тој изгуби контрола врз себе и падна од високите скали. Ова личеше на самоубиство, но ова беше самоубиство со таен виновник.
Заклучив дека нашето постоење се сведува на мали и големи точки кои едвај создаваат некаква нелогична композиција во нашиот граден кош.

Закотвени суперхерои

1.Во воздухот
летаат мисли
забрането зборување.
2. Отворање на градот
црна дупка
зениците се вселена.

3.Универзумот
гори.
Супермен умира.
4.Кога се шират зениците
притисокот расте.
Најверојатно срцев удар.

Луѓе на слобода

Твојот од е бавен
побрз е умот
избезумен си.

Мојот дом е празен
ветровите уриваат се’
пред себе.

Како ќе живееме

Како ќе живееме
во вакуум простор
Ова е јаз
за два света
Јас не можам
да го следам
ни мојот здив
ни мојот дух.
Јас сум сега во вакуум простор
во куќарка на
десет фамилии во 59та,
со болни пети
го газам подот
оти не знам што има
под одот на сите грабливци
Дали е жртва само нивниот плен
или и бумбарите се жртви
по ударот во стаклото
-привид на воздух во прозорот,
а светлото е олтар
со натежнати години
од бес
без првична анализа
на агрегатната состојба
на воздухот што го дишеме
и хлорираната вода што ја пиеме.

Како ќе живееме
кога сме ситни
и тесни во душата
во широкиот дух
на Вселената
-куќарка на десет фамилии,
без ни една делба на срцето
со оној кој дише до нас
додека спиеме

Тагови од објавата
Напишано од
More from РЕПЕР
Сезонско смути со праски
Нова епизода на сезонско смути. Крајниот резултат е многу вкусен и здрав...
Повеќе
Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *