Како Кинеската стана Кинезинка?

Ако одиме според горенаведената шема, тогаш за Кина најсоодветна би била првата комбинација: Кинец, Кинка, Кинци (спореди: од Гана – Ганец, Ганка, Ганци).

china-art-market-006

Во шеснаесеттото, коригирано издание на Правописот на македонскиот литературен јазик под редакција на Тодор Димитровски (Просветно дело, 2007), во делот што се однесува на географските имиња, за Кина стои: „Кина; Кинез; Кинеска; кинески“. Истите форми ги среќаваме и во Правописниот речник на македонскиот литературен јазик од Кирил Конески (Просветно дело, 1999). Формата за женски род наиде на доста реакции и отпор кај македонските зборувачи поради фактот дека се поистоветува со односната придавка и дека поради тоа звучи неприродно. Па, која форма за жителката на Кина, тогаш, би била најсоодветна?

Во Практикумот по правопис со правоговор (2010), Искра Пановска-Димкова дава преглед на десетте зборообразувачки модели според кои се образуваат имињата на жители во македонскиот стандарден јазик. Таа шема изгледа вака:

  1. -ец / -ка / -ци;
  2. -(ј)анец / -(ј)анка / -(ј)ани;
  3. -анец / -анка / -анци;
  4. -чанец / -чанка / -чани;
  5. -ин /-инка / -и;
  6. -ин / -ка / -и;
  7. – / -инка / -и;
  8. – / -ка / -и;
  9. -јанин / -јанка / -јани;
  10. -лија / -ли(ј)ка / -лии.

Како што може да се забележи од прегледот, комбинацијата „-ез, -ска, -ези“ не се сретнува во овие десет зборообразувачки модели. Што ги натерало составувачите на Правописот да се одлучат за ваквата шема?

Ако одиме според горенаведената шема, тогаш за Кина најсоодветна би била првата комбинација: Кинец, Кинка, Кинци (спореди: од Гана – Ганец, Ганка, Ганци). Сепак, Кинез и Кинези се форми што се толку природни и честоупотребувани во јазичната практика што било невозможно да се одбегнат иако, можеби, не се согласуваат во целост со зборообразувачките правила во македонскиот стандарден јазик. Значи, проблематична останала формата за женскиот род, односно за жителката на Кина.

Кога би се направила анкета меѓу македонските родени зборувачи за тоа како им е најприродно да ја наречат жителката на Кина, најверојатно најчестиот одговор би бил: Кинескиња. Меѓутоа, суфиксот -иња се смета за српско влијание и е нестандарден во македонскиот јазик, па затоа, секако, има потреба да се најде некој што е посоодветен.

Формата Кинеска звучи чудно затоа што, како што споменавме погоре, алудира на односната придавка. Сепак, образувањето именки за лица од женски пол од придавски форми не е новост во македонскиот јазик. На пример, именките наставничка (:наставник) или ученичка (:ученик) се, всушност, придавки, кои со текот на времето се лексикализирале (спореди: наставничка канцеларија, ученичка книшка). Причината за тоа што нив без проблем ги прифаќаме како именски форми е во тоа што тие уште одамна навлегле во јазичната практика. Тоа не може да се каже за некои други именки, кои најчесто означуваат професии, од кои и ден-денес немаме соодветна форма во женски род: на пример, биолог или хирург (биолошка и хируршка сè уште ги перципираме единствено како придавки).

За ова Минова-Ѓуркова во Синтаксата на македонскиот стандарден јазик пишува: „Во врска со занимања, звања и функции што не биле во минатото обични за жените, сè уште имаме (во најголем број) само именки од машки род, кои ги употребуваме во врска со лица од двата пола. (…) Се покажува, меѓутоа, дека во случаите кога имаме лица од женски пол, а ги означуваме со именки од машки (граматички) род, доаѓа до извесни тешкотии, па и до судир меѓу природниот и граматичкиот род…“ (Магор, 2000).

За илустрација може да ни послужат следните примери:

  1. 1.    Го побаравме хирургот Поповска и тој нè извести дека е пациентот надвор од животна опасност.
  2. 2.    Ја побаравме хирургот Поповска и таа нè извести дека е пациентот надвор од животната опасност.
  3. 3.    Ја побаравме хируршката Поповска и таа нè извести дека е пациентот надвор од животна опасност.
  4. 4.    Ја побаравме жената-хирург Поповска и таа нè извести дека е пациентот надвор од животна опасност.

Првиот пример секако дека е неприфатлив затоа што презимето Поповска јасно укажува дека станува збор за лице од женски пол (освен ако, во некоја поблиска или подалечна иднина, не се појави некоја нова мода мажите да земаат женски форми за презимињата). Вториот пример исто така е неприфатлив затоа што нема согласување меѓу именката и заменските форми. Третиот пример засега е неприфатлив, но сметаме дека е една варијанта на која можеби треба да ѝ се даде простор и време затоа што, од една страна, со самата „именка“ се сигнализира полот на лицето, а од друга – имаме согласување по род со заменските форми. Четвртиот пример е една варијанта за која некои се согласуваат дека е најбезболна – како од граматички така и од практичен аспект, но сметаме дека ниту таа не е баш најприродна за зборувачите на македонскиот јазик. Секако, може да се смислат и некои други, „побезболни“ начини за да се изрази истата содржина, како на пример: Ја побаравме Поповска, хирург, и таа нè извести дека пациентот е надвор од животна опасност. Сепак, ова е само одбегнување на актуелниот јазичен проблем, но не и негово решение.

Оттука, формата Кинеска би можело да заживее во македонската јазична практика доколку се остави време зборувачите да се навикнат на нејзината примена, но и не мора да значи дека ќе биде така. Како и да е, во последниот, шести том од Толковниот речник на македонскиот јазик под редакција на Кирил Конески (ИМЈ Крсте Мисирков, 2014), во делот насловен „Географски и други имиња (како и зборови изведени од нив)“ за Кина стои: „Кина ж. 1. Држава во Азија. 2. Кинез, Кинезинка, Кинези етн. 3. кинески кт.“ Како што може да се забележи, составувачите на речникот ја предлагаат формата Кинезинка, која можеби и е одлично решение од две причини: прво, -инка е сосема коректен суфикс за образување именки што се однесуваат на лицата од женски пол (за жителки на одредени места), и второ, со него се одбегнува поврзувањето со односната именка.

 

Литература:

Димитровски, Т. (ред.) 2007: Правопис на македонскиот литературен јазик. Скопје: „Просветно дело АД“.
Конески, К. 1999: Правописен речник на македонскиот литературен јазик. Скопје: „Просветно дело“.
Конески, К. (ред.) 2014: Толковен речник на македонскиот јазик (VI том). Скопје: Институт за македонски јазик „Крсте Мисирков“.
Минова-Ѓуркова Л. 2000: Синтакса на македонскиот стандарден јазик. Скопје: „Магор“.
Пановска-Димкова, И. 2010: Практикум по правопис со правоговор на македонскиот литературен јазик. Скопје.

 

 

Тагови од објавата
Напишано од
More from РЕПЕР
Армада што ќе ве потресе и вознемири
Сепак кулминацијата на оваа книга е во вознемирувачките описи на бедата и...
Повеќе
Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *