Магична перспектива

Кон збирката раскази Нова приказна, Мерсиха Исмајлоска; Бран, 2014

nova_prikazna_mersiha_ismajloska-480x333

“Во такво темпо, во едно нишање во некој чуден ритам, во еден транс-занес, расказите на Исмајлоска на моменти наликуваат на магиски повикувања, на песни и формули кои бараат и ја допираат магиската моќ на зборот, но и на несвесното.”, добро забележува Александра Јуруковска во својата рецензија за збирката раскази Нова приказна на Мерсиха Исмајлоска.

Расказите од оваа збирка, поделена на три дела – детство, младост и зрелост, јасно укажуваат за постоењето на една свесност на магично ниво кај авторката, како и за една посебна, магична поставеност и перспектива на нештата, а тоа можеби најексплицитно е присутно во следниот цитат: “О, да, магиски доживеано езерото пренесува водни инкантации. Го создаваат тие танцот на Космосот погледнат од земна перспектива, со перцепција на човек. Ритуалот на езерската плима и осека го потврдува мистичното уредување на светот. Езерото поседува моќ да се повлече во сопствен сон за иницијациски да го преброди. Се враќа постојано како нов текст создаден со ракописот на брановите.”

Преку игра на зборовите и спонтаност, чистина во употребата на јазикот или на емоцијата во јазикот, како и посебен однос кон фантастичното, се отвораат расказите од Нова приказна. Се среќаваме со играта на еднорозите, волшебното езеро, змејови и ветрови, фасцинацијата од танцот, копнежот, страстта и размислите за другиот, сето тоа проткаено со некој вид на транспарентна непосредност… Мерсиха Исмајлоска има моќ да ве однесе во некое друго време и на многу други места и се истакнува како писателка која знае намерно да игра на картата на магичната употреба на јазикот и која има длабока свест (преку интересот за Кастанеда) за една посебна, магична поставеност на нештата и на природата. Расказите зрачат со искреност, топлина, непосредност во изразот и свежина која ретко се среќава во македонската литература, а авторката знае да им даде посебна, магична перспектива на расказите и да го постави дејството во некој посебен време-простор. Сето тоа може да се поврзе со цитатот на Helena Petrovna Blavatsky (познат автор од областа на теозофијата): The powers and forces of animal nature can equally be used by the selfish and revengeful, as by the unselfish and the all-forgiving; the powers and forces of spirit lend themselves only to the perfectly pure in heart – and this is DIVINE MAGIC..

 

 

Тагови од објавата
Напишано од
More from РЕПЕР
Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *