Македонските хоризонти на Иво Андриќ

Нашето интересирање во овој пристап најмногу го привлекуваат патописите на Андриќ, меѓу кои, пред сѐ, неговите два патописа во врска со Македонија.

ivo-andrik-profil

Нурнат во босанскиот временско-егзистенцијален вител и секогаш во процесот на неговиот суптилен раскажувачки ткаеж, со некои од своите остварувања, нобеловецот Иво Андриќ (1892-1975) понекогаш знае да биде креативно дејствителен и надвор од овој многустран, но за него карактеристичен, па дури и просторно и временски неограничен контекст. Особено е така кога се во прашање неговите дела што излегуваат надвор од раскажувачко-романескното јадро на неговиот опус: патописите, есеите, „крајпатните знаци“ итн. Затоа, и нашето интересирање во овој пристап најмногу го привлекуваат неговите патописи, меѓу кои, пред сѐ, неговите два патописа во врска со Македонија. Но најпрво неколку маргиналии што излегуваат од попрецизно одреденава рамка.

Како што сведочи самиот Андриќ, неговиот прв книжевен раскажувачки обид, направен уште на неговата петнаесетгодишна возраст, што значи во 1907 година, бил поврзан со Македонија. Читајќи ги и подражавајќи ги тогаш расказите на М. Горки, во неговиот прв расказ главни јунак је био неки Македонац који се, после тешког и бурног живота по Цариграду, Солуну и Скопљу, обрео однекуд у Сарајеву, где уз чашу вина и циганску свирку прича непознатом друштву свој бурни живот, а сутрадан зором продужује путем подвига и лутања.[1] Ова зборува дека и на сосема младиот Андриќ Македонија не му била непозната како земја на трагични херојства и прогонства, за каква што во тие години била позната во европскиот свет и пошироко. За Македонија, за некои македонски градови, но и за некои поими што се во врска со Македонија, станува збор во повеќе творби од Андриќевиот голем книжевен опус. Така, на пример, во расказот Прича о везировом слону, накусо, би се рекло попатно, станува збор за пресметката на везирот Џелалудин-паша со битолските бегови[2]. Вака попатно, или можеби само навидум попатно, Македонија, некои македонски градови и слично не се недопрени и во некои од записите во неговите Крајпатни знаци[3], потоа во романот Проклета авлија[4], во текстот за Аделина Ирби[5], во патописниот текст На вест да је Бруса погорела[6] итн. Се разбира дека сега нема да ги регистрираме сите тие барем условно ситни бележења од кои, сепак, не е невозможно да се состави еден навистина интересен мозаик.

Покрај престојувањата во Македонија[7], главно во Охрид, како во меѓувоениот така и во повоениот период, животот на Андриќ со Македонија го поврзуваат и пријателствата и контактите со некои Македонци. Посебно е за истакнување неговото пријателство со нашиот сликар Лазар Личеноски, како и со познатиот писател од Струшко, Анѓелко Крстиќ, со кого го врзувало долго и искрено пријателство. Како и својот македонски пријател, сликарот Л. Личеноски, Андриќ бил трајно воодушевен од македонскиот простор, од природата, од пределите во Македонија. Затоа, на едно прашање за импресивната и веродостојна слика на долината на Радика, која автентично ја пренесува, но креативно и филозофски ја промислува во патописниот текст Долином Радике, и даље, тој ќе одговори: Верувајте, тоа не е моја заслуга, туку заслуга на реката Радика, што остава толку поетичен впечаток. И тоа навистина беше причината што, како патописец, неколкупати се враќав во Македонија. Почувствував дека за неа треба нешто да забележам, да оставам запишано. И ми е жал што не можам почесто да одам[8]. Некои луѓе од с. Лабуништа, родното место на А. Крстиќ, каде што тој ги поминал и последните години од животот, до скоро ја паметеа посетата што, некаде околу 1950 или 1951 година, Андриќ му ја направил на Крстиќ во Лабуништа[9].

Со тематските преокупации на И. Андриќ со Македонија, како што беше најавено, вистински се одделуваат два од неговите патописи од периодот по Втората светска војна: Крај светлог Охридског језера[10] (1955) и Долином Радике, и даље[11] (1965). Иако жанровски недвосмислено ги одредуваме како патописи, не сме ни без респектабилен однос кон Андриќевото одредување како предели, што зборува не само за неговите жанровски отстапки и синтези, туку и за неговите сфаќања на поимот предел[12]. Што се однесува, пак, на неговата преокупација со Македонија во овие патописни текстови, во еден интервју Андриќ забележува: Минав не едно лето на Охридското Езеро. И за време на овие престои, секогаш можев да се уверам колку е интересна Македонија, и по своето минато, и по своите културни споменици, и по своите сегашни напори, и по развитокот. А освен тоа, македонскиот човек секогаш ми оставаше впечаток на многу трудољубив човек. И тоа ме привлекуваше[13]. Но во нашиот сегашен пристап кон Андриќа поаѓалиштето не ни е толку во можниот мозаик од неговите регистрирања, во неговите бележења на македонските градови и на други македонски поими, ниту во неговите одговори на новинарските прашања цитирани погоре, колку во неговото далеку подлабоко, поосмислено и посуштинско искажување, во кое вели дека градовите и пределите ги гледа низ своето доживување и како дел од себе[14].

Ако како патописец Иво Андриќ не е ниту толку задлабочено проучуван, а можеби ниту толку високо вреднуван, како што е проучуван и вреднуван како раскажувач и како романсиер, тоа секако се должи не толку на значително помалата патописна продукција во однос на раскажувачката и на романескната колку на специфичностите на неговиот патопис, односно би рекле и на неделивоста на патописите од другите негови прози. Замислувајќи ги само како една алка помеѓу раскажувачката и есеистичката проза на Андриќ, забележуваме дека, како и во другите прозни остварувања, посебно во расказите, така и во патописите е длабоко вткаена онаа суптилна поетичност со која се карактеризира Андриќевото творештво воопшто. Затоа, не се неинтересни и оние констатации според кои Андриќевите патописи обично ги добиваат особините на расказот или на слободните размислувања, потекнати од еден само почетно патописен поттик, односно дека неговата силна раскажувачка и мисловна природа не му дозволила да се задржи врз претежно дескриптивната проза на класичниот патопис[15]. Навистина, како патопис во некогаш вообичаената смисла не може да се оквалификуваат ни овие два, ниту кој било од неговите патописни текстови. Иако постои ослободување не само од фактографската обвивка туку и од патоопишувачката хронологија и од последователноста, особено во вториов текст се забележува дека со тие највидливи карактеристики на патописната литература и Андриќевиот патопис е поврзан сѐ уште само со тенката нишка на основата и на потсетувањето, а целиот е нурнат во внатрешноста на личното доживување…[16]

За природата на својот патопис, за своето сфаќање на патописот, самиот Андриќ најприближно ќе одговори во – барем за нас – најисполнетиот од неговите патописни текстови, не патописен запис, како што го нарекуваат, туку – пак за нас – патопис-есеј или патопис што е и размислување за своето (на текстот) настанување и за природата на своето постоење, од каде што извираат и поетскиот однос, спојувањето со природата и филозофскиот став на авторот за сопственото присуство во неа. Мислам, се разбира, на текстот Долином Радике, и даље. Андриќ е патописец што го заборава или сосема настрана го става движењето низ просторот, а се концентрира и говори за своето соживување, ако не дури и за своето духовно спојување со просторот. Така е бидејќи, писати га, – вели тој за патописот – то значи, отприлике, видети у сну предео или град који смо некад давно на јави гледали и доживели, и већ прилично заборавили, па тај сан онда кратко, а најбоље што се може, испричати људима свога језика, који ће га читати – ако се реше да га читају- мешајући га са својим доживљајима, жељама и путовањима и додајући му неизбежно боје и сенчења свог тренутног расположења[17]. За Андриќа, имено, и на еден генерален творечки план е специфична една извонредно суптилна, флуидна транспозиција меѓу сонот и јавето. Врз тој суптилен и недофатлив – или со нашите сетила – тешко дофатлив мисловен флуид, тој и го создава целото свое дело. Смената на сонот и јавето кај него, всушност, е еден магистрален начин да се покажат тесните врски меѓу она што се сака и она што се доживува, меѓу нашата имагинативна визија и реалната стварност, меѓу нашата душа и светот што нè опкружува, пишува Д. М. Јеремиќ[18].

Андриќевиот патопис Крај светлог Охридског језера не може да не се нуди и за едно паралелно аналитичко читање со други патописи за овој град и за овој крај, особено со текстовите на Р. Петровиќ и на М. Павловиќ, но и на други современи патописци. Без егзалтациите и без екстазите на првиот, но и без модерната, повеќе временска отколку просторна, вертикала на вториот, молчаливиот соговорник со просторот, за кого се добива впечаток дека повеќе и пред сѐ чека отколку што разговара, во својот – во некое друго, подоцнежно време пишуван – патописен текст настојува што подлабоко и што поцелосно да го доживее и што поопфатно да проговори не толку за, колку со убавините на Охрид и на езерото. Со изразито контемплативна природа, препуштајќи ѝ се на ретката сопствена можност да ги наслушнува, да ги насетува најдлабоките треперења на некој простор, на некој предел, неговиот занес, како и секогаш, ќе остане андриќевски: колку што ќе биде посмирен на површината, толку ќе биде подлабок, пожив, посуптилен, во внатрешноста. Проткаен уште и со вистинска поезија, со жива поетичност, со длабока природна лирика, но уште позабележливо мисловно продлабочен, овој текст претставува една тивка андриќевска химна за езерото и за неговата околина.

Крај светлог Охридског језера е текст што е мозаично структуриран, односно компониран од десетина помали и на посебна, поконретна, поскоро би рекле мотивска, отколку тематска преокупација посветени целини. Така, низ десетте слики што ги нуди во овој патопис, авторот во исто време остварува или креативно преобразува десет фрагменти, главно од сопствените видувања и доживувања на езерото, на градот и на неговата околина. Започнувајќи со фрагментот за извиците со кои се довикуваат охридските рибари, нешто што претставува една секогаш постоечка, но не секогаш видлива преокупираност на авторот, всушност, изразувајќи се повеќе како поет и како мислител отколку како патописец во конвенционална смисла, Андриќ успева да го оддели извикот од неговата стварна појава, од неговото појавување од/во устата на рибарот. Тоа е длабоко проникнување уште и во самата психолошка – ако не и нешто повеќе од психолошка – суштина на тој извик.

Мукли узвик којим се рибари дозивају и обавештавају од чамца до чамца при извлачењу мрежа. Нешто као а или о, али нешто што је на неодређеном месту у средини између та два гласа. То је парче ноћи усред светлог дана, изнад минерално глатке и сјајне површине језера. Једноставан скроман узвик и у својој скромности диван, због своје једносложности и целисходности достојан да се упореди са ма којом великом и лепом речју. Један једини отегнут слог из песме која је и пре и после њега сва од немог и древним правилима утврђеног рада и делања. Танак звук, створен и извијен потребом, али и ограничен њом, увек једнак, а никад потпуно исти, као ни ловина на сребрнастом дну мреже. Уз свако извлачење он се јави као неопходан звучни део немог посла и залепрша само колико је потребно, а затим легне у мокре превоје сложене мреже и савијене ужади, да се код идућег бацања и вађења јави опет, у прави час и на правом месту.

Заиста завидна судбина: постојати само као неопходан и непогрешан сигнал, кратак а речит, у великом животном оркестру људских речи и гласова једног краја. Бити једино то и као такав, по извршеном задатку, нестати[19].

На убавините на самото езеро, на неговата исклучителна природна убавина, авторот им ги посветува и двете следни секвенции од своето читање или наслушнување на пулсот на просторот, кој тој го чита како една бескрајна приказна[20]. А тие две следни слики се сликата, односно доживувањето, кога при капењето во езерото во сончев ден, при брзото излегување од водата, се создаваат краткотрајни проѕирни меури што дејствуваат како двојни огледала, како и сликата за погледот над езерото во дождлив ден, за играта на виножитото на другиот крај од езерото.

Посветувајќи внимание, пак, на работите околу конзервацијата на црквата Света Софија, Андриќевата набљудувачка свест и креативна имагинација не се задржуваат само на сегашното време на овој споменик. Овој фрагмент не е целосно исполнет ниту со самото доживување на овој монумент како еден временски феномен. Така е бидејќи у јеци сводова нејасно се јављају и брзо тону ноте одрицања и заноса минулих веровања, испреплетене и помешане с песмом овоземаљске жеље и љубави, с прегнућима и надама наших дана. А испод њих, чини ми се, наслућујем нејасне обредне тонове паганских храмова чији су мраморови заробљени дубоко у зидовима овог светилишта, које је служило толиким епохама и нараштајима[21]. Своите доживувања на овој храм, своите слики, авторот чудесно ги исткајува од навевот на песните што ги пеат момчињата што работат на конзервацијата на црквата. Андриќ не може да не проговори за ехото на песната, за отпевнувањето на сводовите, односно за волшебната акустика што го враќа во минатото и што, во исто време, се спојува со неговата поетска душа.

Од овие и од следните секвенции од овој патописен текст, кои би можеле да функционираат и како песни во проза, може да се констатира дека тие се резултат на една не само непотправено поетска, лирска, туку не помалку и мисловна доживеаност на Охридското Езеро. Со ваквите својства, овој текст веројатно и најмногу ја потврдува констатацијата на Б. Новаковиќ дека Андриќевите Предели имаат од духот, од стилот и од суптилноста на мајсторот-раскажувач, од една, и на мисловниот аналитичар, од друга страна[22]. Веројатно малкумина патописци успеале толку длабоко, но и толку автентично, да се вслушаат во охридската езерска мелодија и креативно со такво мајсторство да го трансформираат тоа доживување. Но на Андриќ не му недостиг ни доживувањето на природата и на човекот, кој е суштествен дел од таа природа, па се слеал со неа. Ваквата доживеаност кај него е резултат на неговото трагање по врските меѓу изгледот на просторот и на доживувањето, перцепцијата кај неговиот набљудувач. Во Андриќевиот текст тоа се манифестира неразделно од неговата сеприсутна поетичност, од префинетата чистота и лиричност.

Покрај и низ сето тоа, Андриќ останува вистински заинтересиран и за реалниот живот на ова подрачје, за неговата жива, и традиционална и моментална, социјална стварност, а посебно за животот на малиот човек. Така, неговиот творечки метод и овде се потврдува како еден навистина еластичен, разновиден и богат метод на проучување на човечката природа, кој мора, со самото тоа, да биде конкретен и реалистички, што би рекол Н. Милошевиќ[23]. Меѓу многуте патописци што пишувале за Охрид, никој толку реално, јасно, а во исто време и толку лапидарно и толку лирски понесено, не проговорил за овој крај. Откривајќи ги, неретко, карактеристиките на индивидуалното преку колективното и, обратно, формирајќи сознанија за колективното токму преку неговата неразделност од индивидуалното, Андриќ ќе успее повеќе можеби од кој било автор пред него толку длабоко, да не речам дури и со социјално- психолошки предиспозиции, аналитички резултатно да пристапи кон трудољубивоста на овие луѓе:

Не треба многу па да се сагледа једна од карактерних црта овдашњег човека. То је његова велика сабраност и способност да се усредсреди и потпуно преда послу који ради. Његова пажња не лута и његове руке не оклевају. Он не мисли на себе, на став који ће заузети и на утисак који оставља, него само и једино на крајњи циљ свога делања, на плод који треба да се роди из упоредног рада његове мисли и његових руку. А његова мисао не заводи га и не трчи пре времена ка циљу. Он је сав, без остатка, присутан у сваком тренутку свога рада. Сељак који се бави око свога магарета, радник који обрађује камен поред грађевине, рибар који извлачи мрежу – сви су они, ћутљиви и достојанствени, повијени над својим радом, као да га греју својим дахом и својом крвљу. Ретко се где у нашој земљи може видети човек тако срастао и сливен са послом који ради, као на обалама овог језера[24].

Во патописот и, посебно, во неговите два патописа од Македонија, Андриќ се покажува и како редок набљудувач, внесувач, но и како медитативен проникнувач, аналитичар, промислувач на смислата на видикот што е пред нас, но и на видикот што се очекува или што се претчувствува. Додека во оној патопис што настанува по или што е во врска со долината на Радика, видикот што се очекува и што се претчувствува и останува и се содржи токму во очекувањето, во патописот за Охрид очекуваниот видик, најпосле, се појавува, се отвора кога човек се искачува по стрмните охридски улици. Андриќ е особено опседнат со аксиолошката смисла, со визуелните карактеристики, но и со духот на специфичната охридска улица, со смислата на градбата на охридската куќа, со симболиката на нејзината насоченост кон височината и кон светлоста – за поглед и за отвореност кон езерото, кон природата и кон светот. Но бидејќи токму патописите од сите литературни жанрови најтешко се толкуваат, а така е бидејќи самите тие најмногу зборуваат за себе, уште еднаш за Андриќа со самиот Андриќ:

Стојим и гледам, и само ми је тешко од помисли да ће се морати сиќи одавде, спустити се. Али сад кад видим какав је јединствен видик разапет пред сваким прозором сваке од ових трошних грађевина, ја почињем бар донекле да разумевам фантастични алфабет ових издужених кућа и необично истурених доксата. Ко се више испео и боље умео и могао да се извије и наднесе над друге, тај више има од ове лепоте. И од здравља. Ваљда и од угледа[25].

ivo-andric

Патописецот Андриќ е трагач по некоја основна, по некоја сесодржајна точка, аспект, позиција, универзална жижа во која се вкрстуваат светлините, светлините во просторот и светлините на духот. По таа точка трага за да може од неа најшироко да го опфати саканиот простор – географски или временски – сеедно. Така и погледот од полето кон градот, на крајот од охридскиот патопис, за Андриќ е претстава во која е слеано сето она што е поврзано со него. Оттука и неговото длабокомислено внесување во многустраната, во многуслојната стварност на овој град, во исто време е и натамошно испитување на неговите тајни, нескриени, сепак тајни, но е уште и креативен дијалог со нив. Тоа е вистински концентрирано токму во засводувачкото и многузначно завршно искажување: А кад подигнем главу, преда мном је стари Охрид као велика, уз јужно небо прислоњена слика дубоког значења, која ми са сваким кораком бива све ближа и јаснија[26].

За разлика од Крај светлог Охридског језера, за разлика од десетте секвенции од Андриќевото „читање“ на овој простор, на текстот Долином Радике, и даље, објавен десет години подоцна, речиси е невозможно директно аналитички да му се пристапува. Така е можеби најмногу поради тоа што и авторот и текстот, наспроти згуснатите искази на восхитеност[27], преку него најмногу говорат за, ако не и со себе. Па, затоа, треба ли тој дури и да се интерпретира? Дотолку повеќе што во овој текст Андриќ суптилно ги инкорпорира и своите сфаќања за настанувањето и за карактерот на патописните текстови. … своја некадашња путовања – вели тој – треба заиста читати и одгонетати кроз сећања, и то по могућности што старија и даља[28]. Долином Радике, и даље е веројатно најзгуснатиот Андриќев текст – со зборови најскржавиот текст авторот скржав на/од зборување. И во двата негови патописа интересни за нас, меѓутоа, фабулите се скриени, но понекогаш недвосмислено се наѕираат зад поставата на поединечни пејзажи или композиции. Откритијата не се вршат со сликите, туку се кондензирани во самите слики. Над сликите слики, во сликите слики, на сликите слики…[29] Освен тоа, во овој кус, во овој необичен патописен текст, просто е збиен, со некоја несфатлива творечка компресија, целиот Андриќ. Андриќ новелистот, раскажувачот, есеистот, а веројатно најмногу поетот и филозофот. Но тука е и Андриќ метафизичарот, сонувачот, мечтателот, возвишениот фантазер итн., итн. Дали тајната на ова лежи во фактот што ова творечко себеискажување е и доживувано и пишувано од меѓувоениот период[30], па сè до неговото дефинитивно оформување и објавување (1965), а за сето тоа време виденото и доживеаното се продлабочувало и се згуснувало, но и се кристализирало. Или тајната можеби е во тоа што во неговите патописи, а посебно во Долином Радике, и даље, е остварен еден најневеројатен, а како што потврдува Андриќевото искуство, сепак можен начин на создавање (па дури и на создавање патопис). Барем онака како што не би рекле дека самиот Андриќ гледа кон ваквиот вид создавање, колку што би рекле дека го практикува. Во духот на жанровските отстапки специфични за него, а уште повеќе во духот на неговите жанровски синтези, и неговиот патопис е токму тоа – креативна синтеза. Синтеза пред сѐ на раскажувачки, лирски и неретко доминантно есеистички составки.

Според зборовите со кои започнува текстот, првото патување на Андриќ по долината на Радика можеби било уште порано од времето на настанувањето на записот од 1938 година, кој е во основата на овој патопис: То је сеќање на Радику, реку лепог имена, и прво младеначко путовање њеном долином, пре много година. Сам, неиспраћен и недочекиван, али у радосном друштву које ми је моја машта давала[31]. Додека, за некаква куса и конвенционална интерпретација, се речиси неподатливи и записот од 1938 година и завршната варијанта на овој патопис, онолку колку што е самата доживување и чувствување на просторот, толку и самата може да се доживува и да се чувствува, да се претчувствува, но не и да се интерпретира. Како би можел да биде поинаков и творечкиот и аналитичкиот дијалог со овие пред сѐ и над сѐ поетски слики, но поетски слики со неизбежна рефлексивна подлога и проникнатост, слики од видот на следниве неколку редови:

Али оно што је главно и стално и најзначајније на овом друму, ма куда он пролазио, то је да сваки видик са њега обећава – море. Не даје га, али поиграва његовом сликом негде у даљини, и кад пут право иде и кад заокреће. И после сваке окуке, сваки нови видик још сигурније обећава неко још величанственије море. Тако се видици смењују и обећања расту и зру. Море се не укаже никад, али сте га наслутили и замислили толико пута на хоризонту да најпосле ни сами нисте сигурни дали сте путовали са морем на видику или само кроз свој сан о мору, које чека негде на југу као радосно обећање[32].

Треба ли на ова да додадеме дека Андриќ креативно ткае од најпрефинетата преѓа што се остварува негде на границата помеѓу сонот и јавето и претставува највистинскиот спој помеѓу нив, спој помеѓу нашите мечти и визии, од една, и строгоста, а неретко и суровоста на стварносниот поредок, од друга страна?

Примарно раскажувач, раскажувач par excellence, во своите наративни прози, Иво Андриќ раскажува, а ако не раскажува, тогаш разговара. Друго прашање, кое во сегашниов пристап не е многу важно, е кому му раскажува, односно со кого разговара или кој е неговиот слушател. Но во патописите Андриќ најчесто чита. Го чита и го промислува, го толкува просторот. Го чита непосредно, но мошне често го промислува посредно – преку сеќавањата и преку сонот. И затоа, неговите патописи за Македонија, а посебно вториот, гледани дури и неразделно од неговите другите творби со ваков карактер, претставуваат исклучителен спој, симбиоза на македонскиот простор и на Андриќевата творечка, на Андриќевата лиризирана, но уште повеќе мисловно продлабочена имагинација. Упорно негувајќи ја сопствената страст за откривање[33], остварувајќи креативно проникнување во некои сложени животни видови и не помалку сложени психолошки и општествени обележја на човековото битие[34], во своите патописи за Македонија Андриќ остварува еден мисловен дијалог со просторот, го чита просторот и разговара со него. Особено е така кога е во прашање неговото читање, односно неговото креативно промислување на хоризонтот, на хоризонтот што се отвора со искачувањето во стариот Охрид, односно на хоризонтот што се поместува напред со спуштањето по долината на Радика. Со сето тоа, двата текста што се главен предмет на нашево сегашно интересирање влегуваат во редот на најубавите и – за толкување на Андриќа – најинтересните патописни, па дури и не само патописни негови страници.

 (2004)



[1] Иво Андриќ, Мој први сусрет са делом М. Горког. Во: Иво Андриќ, Стазе, лица, предели, Сабрана дела Иве Андриќа, Удружени издавачи, допуњено издање, Београд, 1981, књига десета, стр. 32.
[2] Иво Андриќ, Прича о везировом слону. Во: Иво Андриќ, Немирна година, Сабрана дела Иве Андриќа, допуњено издање, Удружени издавачи, Београд, 1981, књига пета, стр. 44-45.
[3] Види: Иво Андриќ, Знакови поред пута, Сабрана дела Иве Андриќа, допуњено издање, Удружени издавачи, Београд, 1981, књига шеснаесета, стр. 389, 391, 413-414. Имам извесна резерва кон записот од 503 страница кој започнува со исказот: Сећање на једно путовање….
[4] Иво Андриќ, Проклета авлија, Сабрана дела Иве Андриќа, допуњено издање, Удружени издавачи, Београд, 1981, књига четврта, стр. 21.
[5] Иво Андриќ, Госпођица Аделина Ирби. Во: Иво Андриќ, Стазе, лица, предели, Сабрана дела Иве Андриќа, допуњено издање, Удружени издавачи, Београд, 1981, књига десета, стр. 72-74.
[6] Иво Андриќ, На вест да ја Бруса погорела. Во: Иво Андриќ, Стазе, лица, предели, Сабрана дела Иве Андриќа, допуњено издање, Удружени издавачи, Београд, 1981, књига десета, стр. 182.
[7] Немаме податоци за првото патување на Андриќ во Македонија. Според патописот Долином Радике, и даље тоа ќе е веројатно некаде во почетокот од меѓувоениот период. Но, судејќи според Андриќевиот индивидуален карактер, немаме сомнение во неговото испробување и испитување на македонската земја, како што, според самото негово сведочење во патописниот текст за Сталинград, прави и со руската земја. Имено, во овој патопис пишува: Кад год дођем први пут у један крај, ја имам обичај да испитам и опробам земљу на коју сам ступио, и то не само погледом и врхом од ципеле, него и да ја размрвим под својим прстима, јер то је почетак сваког познавања свега осталог што живи и постоји на том тлу. (Иво Андриќ, Стазе, лица, предели, Сабрана дела Иве Андриќа, допуњено издање, Удружени издавачи, Београд, 1981, књига десетта, стр. 163.)
[8] Иво Андриќ, Не го делам минатото од сегашноста, интервју даден на Ристо Кузмановски, Нова Македонија, год. XXIX, бр. 9240, Скопје, 11 октомври 1972 година, стр. 9.
[9] Според усно искажување на Милорад Кузманоски, професор по македонски јазик, роден во с. Лабуништа, поранешен директор на Основното училиште во с. Пештани, Охридско.
[10] Иво Андриќ, Крај светлог Охридског језера, Борба, год. XX, бр. 284, Београд, 29, 30.ЏИ и 1.XII 1955 год., стр. 11. Преобјавуван е во изданијата на неговите собрани дела.
[11] Иво Андриќ, Долином Радике, и даље, Политика, Београд, 31.XII 1965, 1. и 2.И 1966, стр. 4-5. Текстот е преобјавен во: Иво Андриќ, Стазе, лица, предели, Сабрана дела Иве Андриќа, допуњено издање, Удружени издавачи, Београд, 1981, књига десета, стр. 243-247.
[12] Види: Слободан Ж. Марковиќ, Предели у делу Иве Андриќа. Во: Иво Андриќ у своме времену, Научни састанак слависта у Вукове дане 22/1, Београд, 1994, стр. 21-26.
[13] Иво Андриќ, Не го делам минатото од сегашноста, интервју даден на Ристо Кузмановски, Нова Македонија, год. XXIX, бр. 9240, 11 октомври 1972, стр. 9.
[14] Цитирано според: Драшко Реѓеп, Стазе, лица, предели. Во: Иво Андриќ у светлу критике, друго изданје, Избор и редакција Бранко Милановиќ, Свјетлост, Сарајево, 1981, стр. 172.
[15] Олга Ступаревиќ, Српски путопис о Италији. Во: Упоредна истраживања 1, Институт за књижевност и уметност, Београд, 1976, стр. 154.
[16] Бошко Новаковиќ, Структура Андриќевог путописа. Во: Бошко Новаковиќ, Вихорно раздобље, Матица српска, Нови Сад, 1985, стр. 177.
[17] Иво Андриќ, Долином Радике, и даље. Во: Иво Андриќ, Стазе, лица, предели, Сабрана дела Иве Андриќа, допуњено издање, Удружени издавачи, Београд, 1981, књига десета, стр. 244.
[18] Драган М. Јеремиќ, Иво Андриќ. Во: Драган М. Јеремиќ, Прсти неверног Томе, Нолит, Београд, 1965, стр. 35.
[19] Иво Андриќ, Крај светлог Охридског језера. Во Иво Андриќ, Стазе, лица, предели, Сабрана дела Иве Андриќа, допуњено издање, Удружени издавачи, Београд, 1981, књига десета, стр. 235-236.
[20] На истото место, стр. 241.
[21] На истото место, стр. 237.
[22] Бошко Новаковиќ, Од путешествија до модерног путописа. Во: Избор српског путописа, предговор, избор и редакција Бошко Новаковиќ, библ. Српска књижевност у сто књига, књ. 62, Матица српска – Српска књижевна задруга, Нови Сад – Београд, 1961, стр. 28.
[23] Никола Милошевиќ, Један антрополошки вид Андриќевог књижевног стваралаштва. Во: Савремена проза, приредио Милош И. Бандиќ, Српска књижевност у књижевној критици 10, Нолит, Београд, 1973, стр. 267.
[24] Иво Андриќ, Крај светлог Охридског језера. Во: Иво Андриќ, Стазе, лица, предели, Сабрана дела Иве Андриќа, допуњено издање, Удружени издавачи, Београд, 1981, књига десета, стр. 239.
[25] На истото место, стр. 240-241.
[26] На истото место, стр. 242.
[27] Едно такво андриќевски сталожено, мирно, но длабочински таинствено и мудро откривање и себеоткривање изразува и следниов реченичен исказ: Уопште, у овом крају има много боја и облика који човека наводе на мисао да то није обична земља, него остварен сан у ком се слутње обистињују и жеље саме од себе испуњавају, ма колико смеле и невероватне биле. (Долином Радике, и даље. Стазе, лица, предели, цит. издание, стр. 245).
[28] Иво Андриќ, Долином Радике, и даље. Во: Иво Андриќ, Стазе, лица, предели, Сабрана дела Иве Андриќа, допуњено издање, Удружени издавачи, Београд, 1981, књига десета, стр. 243.
[29] Draško Ređep, Staze, lica, predeli. Vo: Ivo Andrić u svetlu kritike… str. 177.
[30] Види: Иво Андриќ, Стазе, лица, предели, Сабрана дела Иве Андриќа, допуњено издање, Удружени издавачи, Београд, 1981, стр. 275-276 (Напомене).
[31] На истото место, стр. 243.
[32] На истото место, стр. 247.
[33] Бошко Новаковиќ, Структура Андриђевог путописа…, стр. 158.
[34] На истото место.

Тагови од објавата
,
Напишано од
More from РЕПЕР
Болвјите пазари во европските метрополи
За болвјите пазари во убавата литература, уметноста, филмот, музиката...
Повеќе
Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *