Од романот „Стариот пак е пијан“

Понекогаш ме зграбува неизмерна жед. Не сакам ни дрога, ниту што и да е друго, туку само пијачка. Некоја чудна желба е тоа, ебате. И моќна е.

Dusan-Cater-1

Така размислував самиот за себе и за својот живот додека се влечкав од улица во улица, со една желба во својот веќе скиселен мозок. Да се напијам. Да најдам некого или нешто и да се напијам. Не знам зошто толку го сакав тоа. Понекогаш ме зграбува неизмерна жед. Не сакам ни дрога, ниту што и да е друго, туку само пијачка. Некоја чудна желба е тоа, ебате. И моќна е. Во суштина е така што ќе ме спопадне овде или онде и тогаш сакам да отидам на одмор, да, баш на одмор, во првиот локал на кој ќе налетам, да се закотвам таму на шанкот и само да пијам и да ги гледам луѓето. Тие што доаѓаат и тие што заминуваат. Понекогаш така ми доаѓа, ебате. Другпат ми доаѓа, пак, да седнам на некоја од големите песочни плажи, многу да пијам и пак да гледам. Но не во луѓето. Туку во бродовите. Оние што доаѓаат и оние што заминуваат. Но тој ден не налетав ни на таков локал ни на таква плажа, туку налетав на Достоевски. Таму, пред еден многу познат локал, ја вадеше клупата од земјата. Но се залажуваше. Мислам, не беше во земја. Баш намерно беше прицврстена за бетон со некакви шрафови дебели колку шише.

„Не сака“, рече.

Го гледав. Него и прицврстената клупа.

„Што не сака?“, го прашав.

„Клупава! Ја зашрафиле“ , рече.

Се поднаведнав како не знам колку да ме интересираше неговата работа.

„Да, стварно“, реков.

„Да ти ебам“, пцуеше Достоевски. „Ќе ја искорнам!“

„Не сака!“

„Ми треба клуч!“, заклучи.

Се исправи и се почеша по увото. Ми се насмевна.

„Како си, инаку?“, ме праша.

„Поинаку “, му реков и се насмевнав. Некое време глупаво ме гледаше. Стварно беше ептен пијан, затоа најверојатно не го разбра мојот штос. Ми кимна, се сврте и тргна накај дома. Одев зад него, и онака немав што друго да правам. Одевме. Го следев без збор. Достоевски живееше во центарот и не беше далеку за да го земе клучот, како што би помислил некој и погрешно би го проценил нашето будалеење. Како што е веќе кажано, беше мошне пијан и слично. Го следев, по малку се занесуваше, па и јас одев малку наваму-натаму. Онака, за штос! Оние ретки луѓе што се шетаа во тој невозможен ден нè гледаа чудно, но мислам дека на тоа и јас и тој веќе се имавме навикнато. Ја преминавме само едната единствена раскрсница и тоа беше речиси опасно за нашите животи. Достоевски како слеп тргна пред забрзаниот автомобил и во последен момент го потегнав наназад за да не заврши под неговите тркала.

„А, бе, пази малку“, реков, видно изнервиран.

„Што да пазам, што да пазам“, не се даваше.

Добро. Тоа навистина беше единствената раскрсница на нашиот пат, па малку се смирив. Почекавме на пешачкиот да се запали зеленото светло. Веднаш на другата страна на улицата, веќе застанавме пред големите црвени железни врати, имено пред неговиот дом, на вратата што Достоевски никако не можеше да ја отклучи.

„Помогни ми“, рече.

Му помогнав. Но не целосно, мислам. Ми ги подаде клучевите во рацете, но ниеден не беше вистинскиот. Ги ставав во клучалката, еден по друг, но залудно. Големата железна врата никако не се отклучуваше.

„Дали си сигурен дека ги имаш вистинските клучеви?“, го прашав.

„Да“.

„Навистина си сигурен?“

„Да“, рече Достоевски. „Можно е…“

„Што?“

„Пичките да ја замениле бравата…“

„Е, дај не сери. Зошто би го направиле тоа?“

„Не знам“, рече Достоевски. „Не знам, не знам, не знам!“

Го гледав. Имено, му верував дека не знае зошто пичките би му го направиле тоа, но еј, Достоевски тогаш – а мислам дека и денес – живее со три женски, како вистински Русин. И ако, како вистински Русин, живееш со три женски, ептен е можно на почетокот или на крајот да ти ја заменат бравата, зар не? Кои беа тие три женски и како се најдоа кај него – не знам, не би ви објаснувал, бидејќи така би ги повредил и него и тие три риби. Бабушки. Инаку, во куќата во која живееше Достоевски, една голема вила, семејна куќа, и покрај него и неговите три женски, кои беа, имено, цимерки, студентки, не знам точно што, и сите заедно живееја во подрумските простории, во таа куќа живееја и неговите поблиски и подалечни роднини. Но тоа не е толку важно. Важно е дека вратата не можеше да се отклучи, па Достоевски ми натовари мошне лоша работа: имено, да прескокнам од другата страна на оградата и да ја отворам вратата. Бидејќи… бидејќи овие се од оние врати што се заклучуваат од едната страна, од надворешната, јасно, а од другата страна ги отвораш само со притискање на кваката, ако се разбираме. Но секако дека имате видено ваква, во тоа нема двоумење. И ми нареди тоа да го направам јас, бидејќи тој е многу пијан и би можел да се убие и слично. Но во тоа не се двоумев, наредбата стварно беше тешка, ако веднаш ви кажам дека таа врата е висока најмалку два метри и дека мене од другата страна ме чекаше пес. Вистина, не е некој питбул териер, туку некојаси крашка овчарка, ако сум попрецизен, но сеедно. Мислам, дека не ме сака, тоа кучката ми го покажа повеќепати.

„Ајде, ајде, не биди таков бедник“, ме убедуваше.

Сомничаво гледав во него, па во високата врата.

„Пес…“, се подбивав.

„Ништо нема да ти направи!“, рече. „Почекај…“

И ја доближи својата муцка кон малиот отвор во висина на главата и почна да го довикува ѕверот.

„Орка, Орка!“

Мислам дека веќе и името зборува сè, зар не? Пес-тепач, да го ебам.

„Орка, Орка, Орка, Орка, Орка, Орка, Орка, Орка,
Орка, Орка, Орка, Орка, Орка, Орка, Орка, Орка, Орка,
Орка, Орка, Орка, Орка, Орка, Орка, Орка, Орка, Орка,
Орка, Орка, Орка, Орка, Орка, Орка, Орка, Орка, Орка,
Орка, Орка, Орка, Орка, Орка, Орка… “

И така натаму. Во недоглед, мајка му стара. И му успеа, бидејќи потоа продолжи да зборува, но во недоглед:

„Мирна, Орка! Мирна, мирна, мирна, мирна, мирна, мирна, мирна, мирна, мирна, мирна, мирна, мирна, мирна, мирна, мирна, мирна, мирна, мирна,
мирна, мирна, мирна, мирна, мирна, мирна, мирна…“ итн.

„Мирна, Орка“, реков и јас за да ме слушне мрцината и да биде милостива, а потоа веќе јурнав преку вратата. Гордо! Остро и гордо! И само за миг се најдов од другата страна, очи в очи со п… проклето п… со алчната крашка овчарка. Ми се чинеше дека се слади со погледот по моето сласно телце, па пак скокнав кон вратата, со ногата ја тргнав кваката и таа се отвори. Од другата страна, Достоевски умираше од смеење, а мене не ми беше ни најмалку смешно, ако ме разбирате. Зошто би се смеел? Останав да висам на таа врата, се нишав наваму- натаму и го гледав песот, кој збриша директно кон улицата. Достоевски викаше зад него:

„Орка! Орка! Орка! Орка! Орка!… “

Потоа и самиот тргна по кучката, а јас конечно се симнав од вратата. Помислив дека би требало да ги затворам зад себе од внатрешната страна, секако дека проклетата лакома мрцина засекогаш би останала надвор и по можност би завршила под тркалата на некој камион, но … Не сум таков тип, амиши мои, верувајте ми, ве молам. На крајот на краиштата, и јас сум татко, именуван Стари, и со такви работи на совеста не би бил никаков пример за својот клинец. Но како што беше, Достоевски наскоро се врати, а крај него послушно цупкаше таа мрцина. Орка.

„Влегуваме внатре!“, рече тој и помина покрај мене.

Орка, секако, се нафрли на мене, ме поддушна како да не ме познава, а знам дека ме познава, бидејќи повторно почнаа да ѝ се цедат лигите, како и секогаш кога има можност да ме види, потоа јурна напред, зад него, зад Достоевски. Јас исто така. Зад двајцата, секако, на сигурна раздалеченост, ако песот случајно се премисли. Но за среќа, не се премисли и тоа беше сè што ми беше потребно во тој момент. Потоа, заедно со Достоевски, влегов во куќата од задниот влез, а песот остана надвор. Беше отклучено, а на кваката висеа клучевите.

„Моите клучеви“, рече Достоевски.

„Твоите клучеви?“, повторив по него, иако моите зборови не звучеа како тврдење, туку повеќе како прашање.

„Моите клучеви!“, повтори Достоевски.

„Твоите клучеви?“, јас.

„Моите клучеви!“, тој.

„Да, а што … “, му покажав кон клучевите што сѐ уште ги држеше во раката.

„Врска немам“.

„Дај ги ваму“, му реков и му ги зедов од рацете. Ги префрлав од рака во рака, додека не видов некој натпис на пластичниот приврзок. Ракопис, ако сакам да сум прецизен.

„Наталија Ле… Ледлар… мајка му стара, не можам да прочитам“, му реков.

Достоевски ми ги зеде клучевите од раката.

„Наталија Ледер … Да, на Натка се“, рече.

„Како? На која Натка?“

„Па, на таа за која пишува!“

„Што пишува?“

„Немој да ме заебаваш, Чатко, не знам да прочитам! По грешка сум ги зел нејзините клучеви“, рече Достоевски, потоа ми објасни дека се збунил, дека по грешка ги зел клучевите на една пријателка кај која бил пред да се фати за таа клупа. Бил пијан, патем уште додаде дека своите ги заборавил на вратата, присутноста на клучевите во неговиот џеб му се чинеше нужно потребна и веројатно ги зел нејзините. Додаде дека само таа може да биде таква „глупача“, па на клучевите да си ги закачи името, презимето и адресата.

„Мислам, каква глупача“, рече. „Замисли да ги изгуби и тој што ќе ги најде убаво да си ја олесни целата работа? Да му даде убава награда на тој што ќе ги најде. Живеалиште, со сите драгоцености во него. Глупача, еби му мајката“.

Се насмевнав. Тоа навистина не е најпаметна идеја, тоа со адресата на клучевите. Секако дека веднаш ни беше јасно дека тие три негови женски не го исфрлиле надвор, на улица, и дека не ја замениле бравата.

„Убаво, Достоевски, убаво си си го средил животот. Навистина“, му реков, а тој само ги крена рамениците.

Но во куќата, на призејмето, каде што престојуваше и веројатно уште долго ќе домува, можеше без многу напор да се забележи дека пред некое време имало вистинска забава. Шишиња и чипс насекаде. Полни пепелници, пепел по масата, на паркетот траги од изгасени цигари и куп нечисти садови во мијалникот.

Седев на масата и си запалив цигара.

„Послужи се“, рече, „во ова шише има уште малку вино!“

Не требаше двапати да ми рече. Го навалив она што останало во шишето и удобно се потпрев таму на таа клупа.

„Само послужи се“, повторно рече Достоевски, „а јас одам да го барам оној клуч за да ја отшрафиме клупата!“

„Океј!“

И се изгуби некаде во ходникот. Некое време ја слушав целата врева што ја создаваше од отворениот орман, од фиоката и од што знам уште што. Голем залак си стави на вратот, си помислив, со таа клупа. И што по ѓаволите воопшто ќе прави со неа, ме интересираше.

Гледав низ кујната, каде би можело да ја стави, но немаше место. Вистина е дека би можел да ја стави во градината и таму да ги преседува своите сакани попладниња, со некоја книга од омилениот автор ef ema Достоевски во рацете, но… не знам! И понатаму разгледував наоколу. И понатаму се ѕверев во шишињата. Тие што стоеја право и тие што превртено лежеа некаде по подот. Немаше ниту капка, еј. Сè испиле. Пијаници! И мене ми се пиеше, како никогаш досега, навистина. Погледнав уште во фрижидерот, ако е можно таму да има пијачка, но немаше ништо. Имаше само убаво нареден послужавник со печиво. Со некои колачиња, слични на рум-топчиња, извалкани во кокос. Рум-топчињата ги сакав најмногу, ако сум целосно искрен. Па, уште со кокос, мајка му стара. Ја оптегнав својата рака и го зедов најголемиот колач. Го ставив во устата и имаше мошне чуден вкус. Го чувствував румот и тоа ми се допаѓаше. Па, да не бидам мрзлив, пак ја оптегнав раката и ставив уште едно во устата. И пак уште едно. Заеби, си реков, едноставно нема да
забележи, бидејќи веројатно на гостите тоа печиво не им се допаѓало многу, инаку веќе би го изеле, зар не?

Превод од словенечки: Драгана Евтимова

Тагови од објавата
,
Напишано од
More from РЕПЕР
Како правилно се пишуваат датумите во македонскиот јазик?
најпрвин се пишува денот, па месецот, па на крајот годината.
Повеќе
Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *