Пишување на броевите во македонскиот јазик

Кога се работи за едноцифрените броеви, препорачливо е тие да се пишуваат со букви, а не со цифри.

tajms-nju

Со оглед на честата употреба на броевите во сите аспекти од човековото живеење и дејствување, нормална е потребата од познавање на правилата за нивното правописно пишување. И покрај тоа, секојдневно се среќаваме со различни начини на пишување на броевите, кои често се и многу погрешни. Затоа, овој пат накратко ќе се задржиме на неколку поважни правила во однос на пишувањето на броевите, особено кога станува збор за нивното пишување со цифри, а не со букви.

Кога се работи за едноцифрените броеви, препорачливо е тие да се пишуваат со букви, а не со цифри, особено во уметничколитературните текстови. Сепак, некогаш е потребно да се заштеди на просторот и на времето, па затоа не е погрешно и нивното означување со цифри: 1, 2, 3, 4, 5, 6, 7, 8, 9. За пишувањето на овие броеви не постојат некои посебни правила; најважно е да се обрне внимание на тоа дека пред нив никогаш не се пишува нула (освен во некои случаи во математиката, физиката, економијата и сл.).

Кај двоцифрените броеви, исто така, не постојат некои посебни правила за пишувањето. Тука треба најголемо внимание да се обрне на сложените броеви: кога се напишани со букви, секој збор од бројниот израз се пишува разделено: 23дваесет и три, 74седумдесет и четири.

Во однос на правилното пишување, најмногу се греши кај броевите што се составени од три или од повеќе цифри, па затоа ним ќе им посветиме најголемо внимание.

Кај стотките, 100сто, 200двесте (не: двеста), 300триста (не: тристотини), а понатаму сите стотки ја имаат наставката -стотини: 500петстотини (не: петсто), 600шестотини (не: шесто) итн.

Сложените повеќецифрени броеви што се поврзуваат со и се пишуваат разделено (исто како и двоцифрените): 189сто осумдесет и девет, 1 266илјада двесте шеесет и шест и сл.

Кај илјадите (како и кај милионите, милијардите итн.), во практиката често ќе сретнеме точка: 1.000; 10.000; 100.000 и сл. Ваквото означување е погрешно. Според Правописот на македонскиот литературен јазик, илјадите, милионите итн. се одделуваат со празно место: 1 000; 10 000; 100 000. Ова правило не важи кога со бројот се означува година: 2015 година, а не: 2 015 година. Во поново време, се допушта изоставување на празното место и кај сите четирицифрени броеви, односно се допушта: 1000, 2000, 3000 итн.

Погрешно е и означувањето на илјадите со запирка: 1,000; 10,000; 100,000. Во македонскиот јазик, со запирка се означуваат само децималните броеви: 3,05; 24,8 и сл.

Во однос на тоа дали е препорачливо броевите да се означуваат со цифри или со букви, обично е препорачливо со букви да се означуваат во уметничколитературните текстови, а со цифри во другите видови текстови (административни, научни и сл.). Во неутралните текстови, пак, најдобро е едноцифрените броеви, како и бројните именки како илјада, милион, милијарда, нула и сл. да се пишуваат со букви, а другите со цифри. Ако станува збор за поголеми бројни изрази, можни се и двата начина на пишување, па дури и нивна комбинација: педесет илјади, 50 000 и 50 илјади.

При изговорот, треба да се внимава со илјада. Според македонскиот правопис, иако се пишува лј, се чита љј: иљјада (не: илјада). Освен тоа, не треба да се употребува билион наместо милијарда. Двата назива се однесуваат на истиот број (само потекнуваат од различни бројни системи), а кај нас е прифатен милијарда.

За пишувањето на датумите и на часовите стана збор во претходните изданија на оваа рубрика, а овде ќе споменеме само дека часовите секогаш се одделуваат со точка, а не со запирка или со две точки (20.30 ч.; не: 20,30 ч. или 20:30 ч.), како и тоа дека по бројките што означуваат датум не се пишува точка затоа што се подразбира дека се работи за редни броеви (15 април, не: 15. април; 2015 година, не: 2015. година).

Инаку, во сите други случаи, според Правописот, ако редниот број се пишува со арапски цифри, зад нив се става точка: Тој беше борец на 41. дивизија. Зад римските цифри, пак, не се пишува точка: Тоа се случи кога бев во VII одделение (не: VII. одделение). Меѓутоа, зад цифра (арапска или римска) со која се означува глава, оддел и сл. се пишува точка: 7. глава и VII. глава.

Двете точки како правописен знак, кога станува збор за пишувањето на броевите, се пишуваат само во примерите како: Резултатот од натпреварот е 2 : 1 за „Вардар“.

Помеѓу два броја, наместо предлогот до, обично се пишува црта (тире): Човекот имаше 30 – 35 години. Ако пред првиот број стои предлогот од, тогаш не се пишува црта, туку се пишува предлогот до: Човекот имаше од 30 до 35 години; а не: Човекот имаше од 30 – 35 години.

Цртичка, пак, се пишува кога првиот дел од сложените броеви го пишуваме со цифри, а другиот со букви: 400-годишнина, 20-годишен и сл. Исто така, цртичка се пишува и во примерите од типот: 90-тите години од минатиот век (не: 90-те години).

За крај, ќе ги споменеме и бројните именки што се употребуваат за лица од машки пол: двајца, тројца, четворица; а понатаму бројноста се означува со партикулата -мина: петмина, шестмина, седуммина итн. Кога се членуваат, членот се додава на бројот, а не на партикулата: петтемина (не: петмината), седумтемина (не: седуммината) итн.

 

Тагови од објавата
Напишано од
More from РЕПЕР
Зошто во Македонија сум како дома
Вечната насмевка на Македонците ти помага да мислиш дека кај нив си...
Повеќе
Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *