Речник на имагинарните места V

Искористете ја оваа можност и запознајте се со замислените места кои постојат само во светот на книжевноста. Зашто нема да ги најдете на друго место.

imaginarni-1

РАКЛМАНИ – земја која се наоѓа далеку од онаа страна на океанот, каде што сонцето спие и каде што еден побожен народ, кој се нарекува Раклмани, живее во среќа. Раклманите, кои водат свет живот, јадат само еднаш годишно, кога лушпата на Велигденското јајце, која е благословена, допливува до нив преку тоа огромно море што ги одделува од останатите земји.

 

[Марија Сави-Лопес, Leggende del mare, Торино, 1920]

 

РЕЈВЕНАЛОВА КУЛА – висока кула која се гледа од огромна далечина, на врвот на еден рид во близина на Ајвибриџ, Кент. Изградена е како гробница за Ричард Рејвенал, за кого велат дека некој го проколнал, ускратувајќи му го мирот и во земјата и во водата. Затоа е погребан меѓу небото и земјата, во една осмоаголна одаја, на средината од кулата. На почетокот Рејвенал лежел под една стаклена плоча, облечен во син сатен и сребро, со меч покрај себе, но таа плоча подоцна е заменета со гранитна на која стои следниов натпис:

 

Овде лежи телото на господинот Ричард Рејвенал,
роден 1720, починат 1779 година.
Овде лежам, меѓу небо и земја,
помислете на мене, мили патници,
и вие, кои ќе ја видите мојата гробница,
бидете толку добри да се помолите за мене.

 

Според завештанието на Рејвенал, оставен е одреден износ за одржување на кулата, и таа уште е во добра состојба, иако скитниците понекогаш спијат на долните скали.

Од гробницата спирални скалила водат до самиот врв, од каде што се пружа извонреден поглед на околината.

 

[Едит Незбит, Идни добродетели, Лондон, 1901]

 

РЕКА И ФОНТАНА НА ЉУБОВТА – се наоѓа на Ардените, во Франција. Оваа фонтана е направена од злато и алабастер, и со својот сјај блеска на зелената ливада околу себе. Ја подигнал волшебникот Мерлин за Тристан, со цел овој да се одљуби од кралицата Изолда. Нејзината вода има моќ да ја промени состојбата во која се наоѓаат љубовниците. Близу неа тече Реката на љубовта чија вода, како што велат, ги прави заљубени сите што ќе се напијат од неа. Риналдо наизменично се заљубувал и одљубувал во убавата Анџелика, пиејќи најпрвин од едната, па од другата вода.

 

[Матео Марија Боардо, Orlando innamorato, Милано, 1487]

imaginarni-2

РОСУМОВ ОСТРОВ – со непозната локација, можеби покрај источниот брег на САД. Во 1920 година славниот физиолог, познат како Стариот Росум, дошол ваму да ја проучува океанската фауна. Тој се обидел да создаде жива протоплазма преку хемиска синтеза и на тој начин во 1932 г. успеал да открие една супстанција која се однесува како протоплазма. Стариот Росум потоа изградил фабрика за производство на вештачки човечки суштества кои ги нарекувал „роботи“.

После некое време, роботите успеале да остварат еден вид независност и ја основале Првата национална организација на роботи во Авр, во рамки на еден од нивните први независни потфати.

Росумовата фабрика на Универзални роботи постои сè уште на своето место. Покрај самата фабрика има уште неколку канцеларии, приватни станбени простории и музичка сала. Централната канцеларија има огромни прозорци кои гледаат кон низите од фабрички оџаци. Неа ја украсуваат преубави турски теписи, една софа и кожени фотелји.

Три брода го поврзуваат Росумовото пристаниште со копното: „Амелија“, „Ултимус“ и „Пенсилванија“.

 

[Карел Чапек, R.U.R., Њујорк, 1923]

 

САН ВЕРАДО – пиратски остров во Ликејската група, на Карибите. Тврдината со исто име е уништена од страна на Англичаните кон крајот на осумнаесеттиот век, но сè уште можат да се видат нејзините урнатини. Со овој остров деспотски владеел Дон Лескар де Рибеира, Шпанецот кој го открил Сан Верадо кога неговиот брод скршнал од курсот поради силен ветер. Главно занимање на жителите било грабнување жени од Куба, засновано на свесниот спомен на грабнувањето Сабињанки. Оние кои му се противеле на насилството биле затворани во подземни зандани. Никој не смеел да го напушти островот без дозвола на Рибеира.

Секоја куќа има градина која дава доволно храна за домаќините. За старите и за болните се води грижа на една голема полјанка на западниот дел од островот. Порано целата заедница живеела во непрекинати оргии, но денешните посетители ќе се уверат дека ритамот на живеење на Сан Верадо е далеку поневозбудлив.

 

[Франсоа Гијом Дикре-Диминил, Lolotte Et Fanfan, Ou Les Adventures De Deux Enfants Abandonnes Dans Une Isle Deserte. Redigées & publiées sur des Manuscripts Anglais, Par M.D.***, du M.***, Чарлстаун и Париз, 1788]

 

СИЛИНГ – замок кој се наоѓа високо на еден рид во Црната шума, изграден на непристапно место со помош на подвижен мост кој е единствената врска на овој замок со надворешниот свет. Во него се забарикадирала една група постари истражувачи за тука да одржува бескрајни оргии во кои се истражувани сите можни сексуални комбинации. Оваа група ја сочинувале четири господини на возраст меѓу 45 и 60 години и 42 избрани мажи, жени и деца кои служеле како пиони во нивните еротски игри: сопругите на четворицата господина, осум момчиња, осум девојки, осум монструозно надарени содомисти, четири поранешни мадам, шест готвачи или слуги, и четири високо квалификувани  подведувачки. Од 1 ноември до 28 февруари во непозната година на крајот од 19 век, задачата на четирите подведувачки била да раскажат околу шестотини перверзии, секоја по сто и педесетина, додека четворицата господини ги демонстрирале најоригиналните од нив. Сите останати членови на оваа дружина првин се соодветно измачувани, а потоа убиени.

 

[Донатјен-Алфонс-Франсоа, Маркиз де Сад, Les 120 Journées de Sodome, ou l’ Ecole du libertinage, Париз, 1785]

 

СИЛХА – остров во Атлантскиот океан, во близина на Накумера. Обемот му е осумстотини милји и е преполн со змии, змејови и крокодили. Меѓутоа, овие ѕверови нема да им наштетат на дојденците, бидејќи ги напаѓаат само луѓето што се родени на островот. Домородците се штитат од нив, мачкајќи се со маст направена од овошје кое го нарекуваат лимон.

Во средишниот дел на островот има езеро за кое се раскажува дека настанало од солзите на Адам и Ева, кои живееле на една овдешна планина во текот на сто години откако биле прогонети од Рајот. Скапоцени камења и бисери можат да се најдат во езерото, и кралот на овој остров им дозволува на сиромавите да ги собираат еднаш годишно.

 

[Сер Џон Мандевил, Voiage de Sir John Maundevile, Париз, 1357]

imaginarni-3

СПЕНСОНИЈА – остров некаде помеѓу УТОПИЈА и ОКЕАН, на кој еден број Англичани после преживеаниот бродолом основале република кон крајот на 18 век. Уставот на Спенсонија е заснован директно на Правата на човекот кои биле важно достигнување во Француската револуција. Слободата на поединецот е ограничена со слободата на сите останати, владата ја бира народот на избори, а републиката, една и неделива, се состои од неколку покраини и парохии.

Спенсонија има пријателски односи со останатите републики во светов и им нуди политички азил на прогонетите од секоја земја во која владее деспотизам, но не се меша во внатрешните работи на странските земји. Таа води колонијална, експанзионистичка политика, но само кон оние земји за кои Спенсонијците веруваат дека би можеле да се унапредат кога би се нашле под власта на Спенсонија.

Иако официјалната религија е култот на недефинираното Врховно Битие, посетителите ќе се уверат дека сите верски убедувања овде се подеднакво прифатени.

 

[Томас Спенс, Опис на Спенсонија, Лондон, 1795; Томас Спенс, Устав на Спенсонија: Државата во Вилинската земја која се наоѓа меѓу Утопија и Океан, Лондон, 1798]

 

СЦИЛА И ХАРИБДА – два мали соседни острови во Средоземно море, мошне близу еден до друг. Така се наречени по своите единствени жители чиишто навики го прават минувањето низ овие води крајно опасно.

Првиот остров, Сцила, се состои од остри карпи чиј шилест врв задира во небото, и кој како секогаш да е скриен во темните облаци, додека самата карпа е гола и мошне мазна. На половина пат од неа од нивото на морето може да се види една мрачна пештера, засолништето на Сцила. Сцила има дванаесет стапала, шест вратови, шест глави и шест усти – секоја со по три низи заби – и обично се наведнува од своето дувло да ги лапне морнарите кои поминуваат оттаму.

Островот Харибда е понизок и на неговиот врв расте едно големо смоквино стебло. Харибда, чудовиштето кое живее таму, голта големи количини морска вода трипати на ден и потоа ја исфрла во млазови, создавајќи опасни витли. Не се препорачува пловењето по овие води.

 

[Хомер, Одисеја, IX век п.н.е. (?); Паусанија, Опис на Грција, IV век п.н.е.; Овидиј, Метаморфози, I век од н.е.]

 

ТАТКОВИНАТА НА АЛБИНАТА – мала земја со непрецизно одредени граници некаде во централна Африка. Нејзините жители се Албино, слично по останатите карактеристики со црнците во околните земји. Очите им се црвени како на еребица, а нивната бела коса личи на најфин памук. По раст се пониски од околните народи, а исто така и физички се послаби од своите соседи.

Албината се малобројни и за нивниот општествен и политички живот не се знае ништо.

 

[Волтер (Франсоа Мари Арует), Essai sur l’histoire générale et sur moeurs et l’esprit des nations depius Charlemagne jusqu’a nos jours, Женева, 1756]

 

ТЕЧНОТО КРАЛСТВО – се наоѓа под водите на Ла Манш, во близина на устието на реката Сена, во Франција. За да стигнат до него, патниците најпрвин мораат да се удават, и тоа по можност некаде вдолж брегот на Пикардија. Со ова кралство владее Неговата Кралска Влажност, која воведе едноставен начин на живот за своите бројни поданици. Мештаните комуницираат со знаковен јазик преку мали и слаби ламбички кои ја прекриваат нивната фосфоресцентна кожа. Домашна помош му пружаат одредени видови риби кои се обучени да носат лесни предмети во устите и да плеват подводни бавчи. Посетителите ќе откријат дека, иако е потребно одредено време човек да се прилагоди на толку влажна клима, животот во Течното Кралство е мирен и пријатен, и дека брзо поминуваат деновите поминати во собирање школки или во трагање по изгубените болви меѓу морските треви.

 

[Жил Сипервјел, L’Enfant de la haute mer, Париз, 1931]

 

ТОРЕЛОРЕ – мало феудално кралство за кое не се знае со сигурност каде точно се наоѓа. Меѓутоа, се чини дека е некаде во близина на брегот на Средоземното море.

Ова кралство се одликува со еден чуден обичај: вообичаено е мажот да замине во кревет кога ќе дојде време жена му да добие бебе, а таа заминува во војска и се бори. Војната во оваа земја се води мошне неконвенционално. На пример, асоцијално е да се изврши убиство или да се убие непријателот. Вообичаено оружје кое се употребува во борбите се јаболката, гнилото овошје и младото сирење.

 

[Анонимен автор, Aucassin et Nicolette, XVI век од н.е.]

imaginarni-4

ТУЛЕ – познато и како УЛТИМА ТУЛЕ, остров во Северниот Атлантски океан, на отприлика шест дена пловење од Оркнијските острови. Туле е голем остров, десет пати поголем од Велика Британија. Неговата почва во најголем дел е неплодна, а воздухот околу него е мешавина од морска вода и кислород.

Секоја година една чудна појава се одигрува во Туле. За време на летната рамноденица сонцето воопшто не заоѓа и останува на небото до зимската рамноденица. А потоа, за време од четириесет денови и ноќи, сонцето воопшто го нема. Жителите на овој остров ја поминуваат таа долга ноќ спиејќи, бидејќи во црната темнина не можат ништо друго да прават.

Меѓу неколкуте племиња кои го населуваат Туле постои едно кое се нарекува Скритифини. Скритифините водат живот сличен на животот на дивите ѕверови. Тие никогаш не носат ни облека ни обувки, не пијат вино и не ја обработуваат земјата. Исто како и дивите животни, тие ловат големи суштества кои живеат во шумите на Туле. Понекогаш зиме Скритифините се покриваат со кожите на овие диви суштества и ја вадат сржта од нивните коски за со нив да ги хранат своите доенчиња на кои никогаш не им се дава млеко. Штом се роди едно дете, тоа се качува на дрво во кожна колепка, парче срж му се става во устата, а жената му се придружува на својот маж во ловот.

Припадниците на едно друго племе се познати по големиот број богови и демони на кои им се поклонуваат, за кои велат дека ги населуваат секој камен, секоја река или секое дрво. На овие суштества тие им нудат човечки жртви, убивајќи ја жртвата на олтар со набивање на колец или со фрлање во пукнатините во мразот.

Едно друго попријателско племе познато е по својата извонредна медовина која се подготвува од пчелин мед кој овде го има во изобилство.

 

[Диодор Сикул, Историска библиотека, I век п.н.е.; Страбон, Географија, I век п.н.е.; Прокопиј, Готска војна, IV век од н.е.]

 

ТАТНЕЧКИ БРАНОВИ – огромно езеро во Земјата на Рутабага. Неговите брегови се рамни плажи од бел песок, а боровите се спуштаат до самиот раб на водата. Над езерото, луѓето на маглата создаваат слики на небото, кое понекогаш е сиво, сино и златно, но главно е сребрено. Во зорите, контурите на чудесни животни можат да се видат како се движат преку небото. Овие појави датираат уште од времето кога Творците на светот експериментирале со обликот на животните кои сакале да ги создадат и да го населат светот со нив. Коњот од сенки, со отворена уста, со уши свртени наназад и со нозе со облик на полумесечина, бил нивниот прв обид, но потоа се увидело дека е грешка и тој бил отфрлен. Слично на него, слонови без глави и со шест нозе можат да се видат како преминуваат преку утринското небо, но и тие биле грешка, па биле отфрлени. Истото важи и за кравите со рогови напред и одзади, и камилите со грба што е поголема од другата. Отфрлените видови мажи и жени исто така можат да се забележат на небото над Татнечките бранови.

 

[Карл Сандберг, Приказни за Рутабага, Њујорк, 1922]

 

Избор и превод:  Ѓорѓи Крстевски

Извор:  Градац, списание за книжевност, уметност и култура, број 131-132-133, 1998 година

 

Тагови од објавата
Напишано од
More from РЕПЕР
Уште една приказна што чека да биде раскажана
Занаетот не се учи, занаетот се краде преку очите, а од очите...
Повеќе
Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *