Трилер прошетка во Истанбул

Извадок од романот на еден од најчитаните турски писатели, Ахмет Умит, чија генијална идеја се состои во концептот преку истражување на серија на убиства да ја претстави милениумската историја на еден од највоодушевувачките градови.

ahmet___mit_877208006

Повторно почна да ги набљудува рибите.

– Тоа беше пред околу една година. Штотуку заврши семинарот чија тема беше проектот за претворање на зоната Султанахмет во музејски остров. Бевме на една мала коктел-забава. Неџдет не учествуваше на семинарот, но дојде на забавата. Беше пијан и дојде право пред нас. Јас стоев покрај Намик. Неџдет покажа на него и започна со навредите: „Што гледаш во овој примитивец?“ Наместо одговор, му реков на Намик: „Ајде, да си одиме“. Намик  остана смирен и се согласи со мојот предлог. Но Неџдет не нè остави. „Овој тип е старомоден, помина неговото време. Како не сфаќаш дека е готово со комунизмот и со екологијата?“, рече и ме фати за рамото. „Пушти ми го рамото“, му се истресов. „Нема да ве пуштам ни твоето рамо ни тебе“, рече, а на тоа Намик се сврте и мирно ја тргна раката на Неџдет од моето рамо. Го предупреди, и понатаму пристојно: „Пијан си, прибери се“. Но Неџдет полуде на тоа. „Пушти ми ја раката! Кој си ти да ме оттурнуваш?“, се развика и се обиде да го удри Намик. Но тој беше подготвен на тоа, па се поттргна, но затоа Неџдет ја изгуби рамнотежата и речиси падна. Тоа повторно го спречи Намик. Но Неџдет не знаше што прави, па ја искористи можноста за да го удри. Тоа, пак, беше капката што ја преполни чашата. Намик се разбесна и го стегна Неџдет за вратот. Одвај го тргнаа од него. Ете, така беше.

Кимнав со главата во знак на одобрување.

– Намик морал да се одбрани…

– И себеси и мене – додаде. – Како што Ви реков порано, Намик е пацифист. А и Неџдет сфати дека згреши. Следниот ден ме побара, рече дека многу се испијанил и ме молеше да му простам. Јас, пак, му реков дека мора да му се извини на Намик и му го затворив телефонот. Мислев дека нема да му се јави, но му се јавил. Му рекол на Намик дека згрешил и го молел да му прости. Кога Намик видел колку му е жал, му простил. Потоа, Неџдет нè покани на вечера. Сакаше да ги поправи работите помеѓу нас. Прифативме. Се видовме, разговаравме и сè се заврши добро.

Немаше смисла да навалувам.

– Разбирам… Значи, тој проблем завршил. Да се вратиме ние на истрагата. Да, за што ми зборувавте?

– Вие зборувавте – рече повторно придвижувајќи се. – Ми кажувавте дека рацете на жртвите се врзани така што прават врв на стрела што покажува во одреден правец. А каде им покажуваа рацете?

Во мислите ми се појавија сликите на секоја поединечна жртва.

– Рацете на Неџдет покажуваа кон столбот на Константин. Рацете на Мукадер Кинаџи, кого го пронајдовме кај столбот, покажуваа во правец на занданите Једикуле. Прстите на Шандан Дуруџа, кого го најдовме синоќа веднаш до ѕидините, покажуваа кон Златната порта. Односно, во правецот зад неа.

Месе – прошепоте. – Главната улица што го чинела ’рбетот на Константинопол. Царот би влегол низ Златната порта и по таа улица би стигнал до палатата. Околу неа има неброено многу споменици. Додуша, повеќето се сега уништени.

– Мораме да обрнеме внимание на оние што се зачувани. Како што знаете, последните две жртви се оставени на историски места што преживеале до денес. Само првата жртва ја најдовме во Сарајбурну, на местото за кое се претпоставува дека било храм. Тоа значи дека не смееме да се ограничиме само на таа улица. Можеби предвид доаѓаат и спомениците во нејзината близина.

– Логично – рече продолжувајќи да размислува. – Но на тој пат има толку цркви, палати, форуми, споменици, лакови и базилики… Зборуваме за голем град. За престолнина на големо царство. Први што ми доаѓаат напамет се: манастирот Студион, Бависовиот форум, Аркадиевиот форум, Тауриевиот форум, Константиновиот форум, Цистерната на Филоксениј, плоштадот Августеум, Милионот, хиподромот, Аја Софија, Големата палата на Константин, па дури и оваа цистерна. Сите тие може да бидат местото кон кое покажуваат убијците.

Kniga-na-mesecotИмаше право, но не можевме со скрстени раце да чекаме повторно да се случи убиство.

– Имате право, но убијците постапуваат во согласност со некоја одредена логика, дури иако ние не успеавме да ја одредиме. Притоа, и досега го почитуваа хронолошкиот ред, па дури и да не беше правилен. Кралот Бизас, Константин, Теодосиј II… И покрај големата хронолошка разлика меѓу нив, напредуваат кон сегашноста…

– Ве разбирам што сакате да кажете – ме прекина. – Значи, ќе треба да одредиме важен споменик или градба што се изградени во овој град по Теодосиј II.

– Да – ѝ реков. – Токму тоа сакав да го кажам. И тој споменик или таа градба мора уште да постојат. Убијците одбираат историски дела пред кои ќе ги изложат своите жртви.

– Да, тоа е точно – се согласи. – Всушност, и споменикот на Ататурк, пред кој е оставен Неџдет, е историско дело.

Не ја разбрав сосема, па ми објасни:

– Тоа е првиот споменик на Ататурк во Турција. Го направил Австриецот Хајнрих Крипел. Во Сарајбурну е поставен во 1926 година.

– Интересно… но знаеме дека убијците на Неџдет Денизел не сакале да ни го привлечат вниманието кон Мустафа Кемал, туку кон кралот Бизас. А не знаеме каде ќе ја остават четвртата жртва и тука никој освен Вас не може да ни помогне. Морате да ни назначите некое дело, некој споменик направен по Теодосиј II.

Ја обзеде паника кога го забележа мојот нестрплив поглед.

– Сигурно не сакате сега, во овој миг?!

Ни за момент не го тргнав погледот од неа.

– Веднаш, сега… Секоја минута ни е драгоцена.

– Но сега, во брзање, би можела да кажам нешто погрешно.

– Ако, обидете се.

Се обиде да ја потисне нервозата.

– Кои цареви доаѓаат по Теодосиј II?

Повторно го впери погледот во таванот на Цистерната, направен од тули.

– Маркијан… Леон I… Леон II… – застана и возбудено промрморе: – Не… Не. Маркијан… Би можело да биде зетот на Теодосиј II, Маркијан… Таму уште стои столбот поставен во негово име – очите ѝ засветеа во темнината. – Секако, столбот на Маркијан… Плоштадот на кој се наоѓал се викал Форум амастрианум. Во тоа време, на тој плоштад се извршувале погубувања… Потоа, телата биле изложувани таму за да му служат како лекција на народот – возбудено се сврте кон мене. – Да, господине Невзат, мислам дека убијците ќе ја остават следната жртва кај столбот на Маркијан…

– Каде е тој столб?

– Во Фатих… – ме погледна како да ме прекорува што не знам. – Тоа е Девојкиниот столб – објасни најпосле. – Односно Девојкиниот столб во Фатих.

Тагови од објавата
Напишано од
More from РЕПЕР
Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *