Не
Она нашето беше
Порцеланска копија на љубов
Која се закотви
Во само една душа.
Беше страдање,
Беше милост
Слабост,
Гордост
И гнев.
На нашата порцеланска статуа
Направена од грев
Ѝ взбригавме отров од змија
За кој не успеавме да најдеме лек.
Нашата копија беше сон
Кој само една личност го сони
Се разбуди
И заборави сè.
Тоа што сè уште боли
Е тоа што никогаш,
Никој,
Не успеа да рече „не“.
Љубов и други тротоари
Ќе ти одговорам
На сите неизустени прашања.
Ќе ти кажам што е љубов
Ќе ти одговорам дека она моето
Цел живот било лудост
Посеана низ сиви булевари
Наврната од грди дождови
Испарена од излижани асфалти
Разнесена низ полноќни летни ветрови
Поесеана врз врели веѓи
И згмечена од валкани патики.
Она моето е прашања неодговорени
Оставени за навек и скапани
Пцовисани
Преродени.
Она твоето не беше прашање,
Ами безброј непотребни одговори
И дузина бели лаги сoкриени
Зад гломазни златни куфери
Кои знаат
Дека јас тебе ти значам најмногу
Низ слатки мисли и искушенија
Продадени од едно евтино его
Излажани
Дека не ти требам.
Штом не ти требам,
Нека егото те храни
Нека те отруе и дави
Нека гордоста скриено те сити
Со лажните статуи и силуети
Кои сé уште ти значат сè.
Нека сите оние те гонат за навек
Нека те демнеат и лажно љубат за спомен
Нека ти се враќа и плаќа
Сè она што го даде
За сето она што го доби
Од кинески копии
Купени на попуст
Или можеби украдени.
Нека ти лазат под кожата
Ветровите кои прават да сонуваш
За сите наши и ваши потенцијални маани
Оние кои забрането сега те задоволуваат
И кришум ти кажуваат
Свесно да спиеш за навек.
Бессознание
Некогаш ја чувствувам
Енергијата на живите суштества
Како се удира и одбива
Од мртвите предмети во собата.
Понекогаш,
Така и знам што чувствуваш.
Секогаш,
Секогаш ќе те имам во дланкава
Дури и без збор да прозборам.
Ќе те негувам и мазам,
Ќе те опсервирам и манипулирам
Ќе те запалам и уништам,
Ќе те поплавам и пеплосам,
Без да знаеш дека она нашето
Немаше да биде сакање, ами љубов.
Немаше да е семејство и деца,
Немаше да е дрвена куќарка на Алпите
И по три и пол годишни зимувања.
Она нашето ќе беше моќ и успех.
Она нашето ќе го заземеше
И превртеше светот наопаку
Како што јас се превртувам
Низ широкава ми кожа
Кога ќе те помислам
И ќе ги замислам
Сите кожи кои досега ги имаш сменато
А, јас мојава – не давам.
Јас мојава ја стегам и сакам
Без страв и бесполезно
Со трепет и емпатија
За конечно да дојде мигот
Да сфатам
Дека учам бавно и треба
Да се ослободам.
Да ти се заблагодарам
Што научив
И сè уште сакам да учам.
Сè дури не се преродам.
Дистопија
Онаму каде сонцето заоѓа
И смртта со приспивна
ги заспива нашите сни
Таму ќе те најдам
Пред да се разбудиш.
Онаму каде месечината бдее
Над нашиве забранети дни
Таму ќе те гушнам
Пред да ме пронајдеш.
Онаму каде ѕвездите врнат
Врз нашиот хаотичен миг
Ќе останат само силуети
Занемени, мртви и зли.
Цртеж
//Свет//
Портрет на мојава енигма стои пред мене.
Моето лице – нејасна, бледа интерпретација
На моите најдлабоки сни.
Ребра, бела кожа и мермерни коски.
Небиднина во зенициве од моите очи
Кои непречено гледаат во неповрат.
/Сè./
Мојава душа – од неа останата само дамка од капка
Сосема случајно замрзната
На површината на едно огледало.
Зад огледалото,
Кревка перка
Која бестрашно се бори за вода
Придружувана од две риби.
Едната бела, другата црна.
//Ништо.///
Ноктите на прстиве – искршени, кревки, изгризани
Скоро непостоечки.
Но питоми, а немилосрдни
Бидејќи само така знаат да гребат.
А зад огледалото –
Сфера од мраз, затворена во златен кафез.
Која го чека своето уништување
Знаејќи дека никогаш
Нема да го искуси.
Самовила
Нашата љубов беше љубов
Која се вгнезди во нашите срца
Како поезијата што се залепи
Во нашите глави
А ти сепак ја заборави.
Нашите сништа беа
Сни кои пловеа над нашите форми
И над сè она кое ти
Го перцепираше како вистинско
А сепак се разбуди.
Нашата болка
Беше болка која ги повреди
Нашите мускули и вени
остави рани, лузни и траги од бес
на нашите вратови и лица
и остави дамки од прошка
А ти сепак остана горда.
И сè уште
Како што сонцето се крева горе
Секое утро и секој ден
Ти не се припитомуваш
Бидејќи еклипсата во твоите гради
Ги крие сите планети.
Ако беше лавица ќе ти ’ржев
Толку гласно
Што небесата ќе чуеше
Колку те презирам и мразам
За сиот страв кој го сееш и жнееш
За притаено да дојдеш до мене
И ненамерно да слушниш
Колку тешко
Го повреди и предаде
Секој дел
Од моето
Битие.