Поезија од Виола Дамјановски

И назад на друга плажа / Интима / Тука свети злато па индиго

Врне индиго

Ги собираше собираше собираше цел ден
И најпосле откако ги собра
Сите облаци од планетава
точно над нас
Зема ги натиска до модрење
Во индиго два дена тешка модрица тон
И не ги пушти да се излеат во налет еве веќе неколку саати

Небово

Држ не дај врне
Те грми те боцка
Не пушта саглам дожд
Тежи не попушта наеднаш
Не дава
Лути

Реумата ме стегна поинаку овој пат
Ми се преврте светот наопчки
Магнет ми ја влечеше раката
Од којзнае каде го фаќав

Уште лупаат громови во далечина
И дува ветер со боцки од индиго дожд

Врне индиго

Денес ја затворив страницата на Фејсбук

 

Ѕуни

Не-биди биди
Како звукот на тибетантските чиниички кој се губи
А ѕуни
И вибрира
Во тебе тој звук на Тибетантските чиниички,
Кој во губењето
Не престанува да ѕуни
Распостели се
Со вибрацијата
На тибетантските чиниички која во своето губење
Не престанува да ѕуни
Исто сте
Едно

 

Јоши јамамото

Седам така, нели,
Не мислејќи на ништо
Зујам на фреквенција

И сама ми доаѓа плажата
Пространа голема огромна
Песок бел
Светнат до недоглед
Сонцето блеснато
Сè наоколу свети
Па светките се мешаат
со синилото на океанот
И пред мене свети сребро
Па тиркиз

Единствено што дува ветер
И косата ми ја пика во уста
Од лево кон десно

Се вратив по шеширот
Волшебничкиот раскошен шешир од Јоши Јамамото
(Кој менува бои во зависност од расположение
И местоположба)

И назад на друга плажа
Интима
Тука свети злато па индиго
Дува, ама не ти го однесува шеширот
Ако помислиш
Шеширот тука
Не ти ни треба

 

Крвава месечина

Полна месечина со затемнување
Лупа силно овој пат
Сум се стиснала со рацете во себе во позиција за катапултирање
Вилицата ми се стега
Рацете се потат
Мозокот ми работи триста милијарди на саат
Техникава не може да ме достигне, трокирам
Ќе врне ќе истури
Тешко е кнап во главата од надворешен непогоден притисок
Пред дожд
Во пролет лето мај
И се пушам некако, но
Не се потам без врска
Студена сум на допир
И мека
Ми врескаат триста фреквенции по мозок
Симфонија од непостоечки звуци
За кои астралот се закачува
Па откачува
Па закачува
Па откачува
Па се мрднувам да си најдам на петтиот ми елемент во мене
Посакуван ми миг
Најголема интимност
Сменете канал ве молам
Тешко се наштимува на погрешна музика

Се смени реалноста од другата страна за миг
Музиката донесе ветер
А ветрот ги разбрка облаците

Ме облеа златниот сјај од последните чекори на месечината по хоризонтот
Во десен образ

 

Рефлексија пола век

Долго го гледав моето ново селфи
Сефте сум се кадросала од машката страна
Од десно

Скоро ќе полнам 50 години
Ќе се наполнам со пола век
Како полнава месечина над мене истата таа вечер
Сликата кога е сликана

Со затемнување
Комплетно покривање на месечината од страна на сонцето

Се колнам, дека тука се случи претходната вечер
Во мојата десна страна
Таа од селфито

Може да се види во детскиот израз на моите очи
Помеѓу брчките кој си се поигрува
И му пркоси на времето

Ridiculous the waste sad time
Stretching before and after

A U M

Тагови од објавата
More from Виола Дамјановски
МКЦ
Сите бевме панкери во душа. Да се истепаме за нашето, да правиме...
Повеќе
0 replies on “Поезија од Виола Дамјановски”