МКЦ

Сите бевме панкери во душа. Да се истепаме за нашето, да правиме неред и бука зашто така ни одговара, да не почитуваме ништо што не сакаме, а тоа што го сакаме да го браниме до крв пуштање.

Јaс сум Лола. Денес зборуваме за хипертрофија на луцидноста. Свириме во храмот, “Дом на млади 25-ти Мај” – сега веќе масовно познат како МКЦ. Првиот концерт на мојот бенд. Тоа е млад талентиран бенд со возраст во просек од 20 години. Да може да летаме, ќе летаме! Ништо не е проблем.
Салата за концерт не ја даваат на млади талентирани бендови, па затоа свириме во некоја пропратна просторија до големата сала. Свириме ние и уште неколку други млади авангардни бендови. Сите членови на авангардните банди по Скопје се тука. И сите авангардни фаци се тука. Секако, сите панкери се исто така тука, и тоа во првите редови. Чаки панкер пее во мојот бенд. Значи – шутка со гаранција и без пардон. Има уште други бендови. Сите се добри. И сите ни се другарчиња. Како ние што ќе скокаме за нив, така и тие ќе скокаат за нас во тоа хаосот што ќе го создадеме, а од него – некаков си нов бран. Бука, па мелодија. Ама претежно – бука.
И тоа бука од прв ред. Пукаат гитари, длабок бас, тапаните само што не се распукале и вокалот не мора ни микрофон да држи во рака. Хаос во вистинска смисла на зборот.
Кога ја свириме Хаос, не гледам во луѓето пред мене. Лажат дека ја гледаат публиката големите бендови. Каква публика бе, ова е апсолутна его позиција. Комуникацијата со твоите во бендот е она што дава ефект. Флуид некој нестварен. Свирење, перформанс.
Во Хаос учествувавме сите. Ни беше исвирена преку милионпати. Секогаш различно ја свиревме. Во самиот корен тоа беше значајна луцидна моќна звучна панк-психоделична песна. Трпеше импровизација. Како сите ја сакавме, секогаш некој од нас почнуваше со импровизација и сите пратевме и при тоа секој додаваше по нешто различно. Со секое свирење стануваше нова. Полуда.

Сите бевме панкери во душа. Да се истепаме за нашето, да правиме неред и бука зашто така ни одговара, да не почитуваме ништо што не сакаме, а тоа што го сакаме да го браниме до крв пуштање.
Силната ‘бенд’ димензија меѓу нас нè озрачи со неверојатна енергија на тој концерт. Пак. Ни направи краток спој.

Сопче беше збиралиште на Бендот. И Арт студио, каде вежбавме. Бевме регуларни гости во Ван Гог, нормално и Ван Гог беше еден вид дома.
Релацијата секој ден ни беше Арт студио, Сопче, Ван Гог. Не мора баш по тој редослед, ама претежно така. Секогаш и секаде се расправавме за нешто.
За музика, за уметност, за сликарство, за поезија, за љубов, за пиење, за заборав, за копнеж, за бајка, за бол.
Сите до еден бевме тешки психоделици. Од претерано оптеретување на мозочните вртлози си самонанесувавме болка. И верувавме дека при самонанесување болка повеќе ќе креираме. А во суштина сите сакавме многу работи и можевме да имаме сè што сакаме ако заборавиме на моментот тензија во себе. Како нешто да те тера да контрираш постојано на сè, а најмногу на самиот себе.
Кога ја свиревме Хаос постоеше само психоделијата. Кој тоа збореше дека мора да има дарк за да има психоделија. “Бед” момент е тоа. Демек ние сме биле контра другите па сме морале да бидеме во “бед” поради тоа.
Глупости.
Каков класичен фол.
Баш напротив, баш ако сме свесни дека сме контра другите, треба најпозитивно да го примиме тоа. Факт беше дека нас ништо не ни беше невозможно да постигнеме. Ние бевме млади, силни, жедни за креација, жедни за новини, жедни за психоделија во секој поглед: психоделијата како начин на живот воопшто. Ама времето беше такво и сите бевме даркери. Црни суштества демнат по темните простори во градот. Голема банда. Наредена на ѕидот карши Ван Гог со пивата во рака. Каква супкултура во најавангардното место на градот. Ѕитче. Ван Гог.

Инспирација постоеше во животот во градот. Во таа никната супкултура како црна печурка од непознат вид. И сите одеа по концерти и сите свиреа нешто или беа другари на тие што свиреа нешто.
И што беше најважно во целиот свет тогаш? – Па кога ти свират другарчињата! Значи – кога си на добра шутка! Ако се свири во МКЦ – уште и ќе се дотераме во најискинатите фармерки, па и мартинсот ќе ги изгланцаме за промена. Другарчињата ни свират во МКЦ!!??? Мора да се оддаде почит!
А другарчиња имаш многу. И сите свират. Ене ги сите до еден седнати на ѕитчено, од Експедишн до Декаденција. И на сите почит им оддаваш. И само за тоа се прави муабет, кој во што се “уштекал”, вакво појачало, ваква папуча, па ваква сум купил, па појачалото рикна пак, и така на ѕитчето до бесвест со сите по ред, па после кај некој дома или во Кафанче. Сопче еволуираше во Кафанче зашто Кеј во слободно време отвори кафанче и си ја најде Јоко Оно. Примо читаше духовни книги, влезен во таа некоја религиска светост. Чаки бркаше жени од хоби. Јас пишував. Иги сликаше. И секогаш сите делевме мигови спознавања, секој споделуваше што осознал во својата област, па колективно се доградувавме секој ден сè повеќе.
Кога имаш бенд, бендот стои како институција, како естаблишмент зад тебе. Затоа е многу лесно да пробуваш многу работи и да не се замараш дали ќе изгубиш нешто. Бендот ти е како паралела која секогаш е тука. Секогаш имаш каде да се вратиш. Секогаш имаш да кажеш некому што мислиш, секогаш имаш уште четворица будали што ќе те ислушаат и ќе те разберат и секогаш има од каде нова енергија да исцрпиш. Има каде да се регенерираш.
Бендот е штит.
Бендот е фамилија.
Дом.

Тагови од објавата
More from Виола Дамјановски
Аурора Бореалис
Човекот еволуирал до тој степен / може да избрише цело едно годишно...
Повеќе
0 replies on “МКЦ”