Александар Кујунџиски
Александар Кујунџиски е роден на 1 октомври 1946 година во Пехчево. Основно училиште завршил во родното место а гимназија во Берово (прва и втора година) и Куманово (трета и четврта година). Дипломирал на Филолошкиот факултет во Скопје. Долга низа години работел во Радио-Скопје, најмногу како хуморист во Забавно-хумористичната редакција, потоа како уредник на списанието „Ловец“ - орган на Сојузот на ловечките организации на Македонија и - по згаснувањето на неговото печатење - регистриран како Самостоен уметник, писател и издавач - сè до пензионирањето во 2010 година. Автор е на 145 книги, 122 за деца и млади и 23 за возрасните читатели. Составувач е на три антологии. Добитники на над 40 награди на разни литературни конкурси во Македонија и пошироко; на наградата „Ванчо Николески“ при ДПМ (2014); на наградата „13 Ноември“ (2016) и на Државната награда „23 Октомври“ (2025). Една од неговите книги, освен на македонски е преведена уште на 11 јазици. Според негови стихови компонирани се песни изведени на Валандовскиот фестивал и на „Гоце-фест“, додека на фестивалите за деца „Плетенка“, „Златно славејче“ и „Поточиња“ најавуван е како творец на четириесетина стихотворби. Уште создава и објавува со истиот жар како на почетоците во 1964-1965 година, кога дебитирал со првообјавените хуморески и афоризми во кумановскиот „Наш весник“ и скопскиот „Остен“.
