Деновиве излезе од печат најновата книга на писателот за деца и млади, хумористот и сатиричарот Александар Кујунџиски под наслов „Поднасмеани раскази и бесни басни“. Заведена како 146-то авторско издание на секако еден од најпродуктивните и најобјавуваните македонски писатели, збиркава е компонирана со две целинки: шест „поднасмеани“ раскази на теми од нашето современие и секојдневие – за лица кои сме ги сретнале и запознале или можеби се само дел од творечката фикција – и педесетина басни – за настани и случувања меѓу животинскиот и растителниот свет над кои лебди мотото: „секоја евентуална подударност и сличност со индивидуи, групации и настани од македонската јавност е сосема случајна“.
Следејќи ги редум „ликовите јунаци“ во басниве секој читател ќе проследи цела галерија најразновидни „актери“, повеќе или помалку чести и вообичаени претставници на басновидните искази, чии активности и делувања, кои што напати неизбежно заинтригираат – секој може да ги толкува на свој начин. Инаку, како што е познато басните во македонската книжевна продукција досега главно биле застапувани како жанр во стихови и во проза пред сè како творби за деца и млади, па, се чини, дека вакви, како што се конкретните, се вистински новитет и понудено „освежување“ за нивните возрасни „консументи“.
Книгава е отпечатена како самостојно издание на Авторот и, покрај сè друго, вреди да се истакне и нејзината оригинална и впечатлива корица – дизајн-дело на Марко Трпески.
ТЕСТИРАНОТО МИСИРЧЕ
Однапред планирано по некаква линија токму претставник од мисирите да биде испратен во мисија во една далечна светска дестинација, предложеното мисирче требало да ја мине првата пречка: тестот по интелигенција. Прва и последна, и истовремено и – решавачка, како што налагале правилата.
– Што и да ме прашате, од која било област – јас сè знам! – уште на почетокот се пофалило мисирчето. Не е познато дали со ваквата самоуверена изјава сакало да ја потисне и истисне својата трема или, пак, да ја пренесе и збуни испитната комисија.
Мисири – поголеми од него.
– Ајде, на фота, на фота треба да нè биеш со одговор на прашања од областа на науката и техниката.
– Супер! – одобрило мисирчето. – И таа област, како и сите други, посебно ми лежи и воопшто не ми тежи!
– Тогаш, кажи што е тоа Земјина тежа?
– Хе! – се поднасмеало мисирчете. – Тоа е лесно колку зрнце земја. Но… ако се работи за грст, тоа е веќе нешто друго, иако и тоа е мала земја во споредба со некоја огромна, ехеее, како онаа во која ќе ме испратите. Значи, секоја земја има своја тежина, но не се сите со иста…
– Одлично! Мудро! Браво! – секој член од трочлената комисија со еднакво одушевување го прифатил одговорот на првото испитно прашање.
– Второ! Што се тоа сфери? Атмосфера, хидросфера, стратосефера… – претседателот на испитната комисија го прочитал прашањето од ливчето пред него.
– Благодарам! И тоа со сферите е моја сфера! Ќе одговорам со конкретен пример: еве, моја сфера е од оваа ограда овде до онаа онде! Мала сфера на дејствување, а таму каде што ќе одам се располага со сите тие сфери што вие ги набројавте!
– Објективно! Точно! Храбро! – повторно следувало тројно одобрување на дадениот одговор.
– Трето, и последно прашање: кажете ни име и презиме барем на еден познат научник? Не е важно од која земја потекнува и во која сфера на изумителство се истакнала и се прославила дотичната личност.
Е, на ова прашање, мисирчето не „откачило“ одговор додека испитувачите трепнат со око, туку длабоко, длабоко се замислило; чиниш почнало да пропаѓа не само во земјата пред него, туку дури и до дното на најдалечниот и најдлабокиот океан на целата планета Земја.
Се мислело, се мислело… Дури и солена пот почнала да му тече и да му се слева по пердувите, небаре надојдена од истиот океан.
Еден од членовите на испитната комисија, подисплашен од можноста да му се слоши на неговиот фаворит и, не дај боже – да не добие срцев или мозочен удар, решил да му помогне.
– Еве, кандидатче наше, јас ќе се обидам малку да ти го олеснам излезот од кризата. Ќе ти ги кажам првите две букви од името на еден научник што го одбрав по случаен избор. Тоа се Ни…
– Нива! – ко од пушка грмнало мисирчето.
– Не е нива, но спомнувајќи ја неа, веќе очигледно наближувате до точниот одговор. По веќе од вас спомнатата локација, и таа оди, се движи, се тркала… што? Кола! Значи, што добивме: Ни-кола?
– Ни кола, ни волови! – откачило мисирчето.
– Името го погодивте, Никола е, но за презимето – ако веќе не се сетивте, само ќе ви напомнам дека не е поврзано со живи суштества, туку со предмет. Со орудие… како да го речам? Нешто во таа насока…
– Плуг!
– Покажувате на дело извонредена дарба за асоцијации, но за уште за едно зрнце, ронче насоченост да ви сронам, ќе ви нагласам дека не е ни мотика, ни лопата, ни гребло… Станува збор за нешто што најмногу го користат мајсторите.
– Ракија!
– Да, точно! Неа, виното, пивото – нема кој не ги посакува и користи кај нас, не само мајсторите, но…
По сево ова што го слушнал, членот на комисијата – дали по некоја роднинска или по друга основа и поврзаност – настојувал по секоја цена да го извлече кандидатот, кој на крајот изгледал како да заглавил во некакви океански циклонски бранови; а веќе изморен од дотогашните помагателни укажувања, одлучил – ако треба, а очигледно требало – докрај да го извлече давеникот на копното.
– Станува збор за алат со кој се служат најмногу ѕидарите, столарите и се вика тесл…?
– А?! – збунето промрморел тестираниот, и иако уште не бил на сигурно што ќе означи ова случајно изговорено буква, изговореното „а“ со прашална конотација, сепак, еве – со неа со тоа, ја погодил и последната буква од презимето на познатиот научник и така триумфално стигнал и до третиот точен одговор.
– Имајќи ги предвид фактите со необичното презиме на дотичната личност, што беше за вас отежителна околност за експресно да дојдете до точниот одговор, а ценејќи ги вашите извонредни одговори на претходните две прашања, со два и пол од трите можни поени што ги добивате, го прогласуваме тестирањето за успешно и ви даваме виза за насоката за која сте упатени! – претседателот на комисијата ја пренесе изјавата во стоечки став, и со наклон пред новопечениот стручен и перспективен кадар.
Но само што почнале да фрчат честитањата од присутниот аудиториум, претседателот решил со уште една препорака да му се обрати на славеникот:
– А таму, немојте премногу да се кршите и прекршувате од работа, од преобемните обврски што ќе ги имате, туку јас, и сите ние овде, збрани, би ве посоветувале, освен за одмор, да издвојувате и по малку време и за вишење до бескрајот на небесните простори на вашата натамошна научно-образовна едукација! Среќно, мистер мисирко!
ЗАКОЛНУВАЊАТА НА КРЛЕЖОТ
Крлеж – како крлеж. Со повеќето свои карактерни и со другите особини не бил различен од сите други крлежи.
И тој, исто како и неговите собраќа и сосестри, и како целата негова поблиска и подалечна роднина својата животна егзистенција ја базирал како гостин врз кожите на овците, козите, говедата, кучињата и врз други полнокрвни жители на Земјата, цицајќи им ја крвта.
Сепак, со една своја карактерна особина бил посебен случај.
Многу сакал да се заколнува!
А уста отворел – не успевал, а да не се заколне во нешто или во некого. Сè така, редум, се заколнувал во сè живо и неживо на Земјината топка. Се заколнувал во ова, се заколнувал во она, се заколнувал и се заколнувал везден, иако не ретко се случувало веднаш или пo еден покус или подолг временски интервал од корен да го смени искажаното и да постапи сосема поинаку од дадениот зарек.
Наспроти тоа, овој крлеж продолжувал со заколнувањата свои, без срам и периз и без во ниеден миг да почувствувал неудобност поради погазувањето на дадените зборовни заклетви.
Се заколнувал така, исто, со денови и седмици, со месеци и години, не заборавајќи никого да исклучи во своите заколнувања, ама токму, дословно – никого, само и само – не се заколнал во себе.
Кога некој му поставил прашање поврзано токму со тоа, заколнувачот го одмерил откосо и му реплицирал:
– А без мене што би се случило со овој свет, а?!
„Ќе одбереш некој друг заколнувач како тебе!“ – сакал да му одговори истиот прашувач, но само од нему познати причини си го прегризал јазикот и овие негови зборови останале премолчани.
СЛАДОСТИТЕ НА КОЊОШТИПИТЕ
Риејќи и копајќи околу корењето на еден сладок компир Коњоштипот и Коњоштипката доживеаја двојна сладост. Не, сладоста нивна не им надојде поради свршување на онаа безобразна работа на која веднаш се помислува кога станува збор за „слаткиот живот“, зашто овој сложен брачен пар своите алати за таа работа на тоа поле веќе го имаа реализирано петгодишниот план, создавајќи пет свои наследници – и уште од поодамна, набргу по раѓањето на своето петто новороденче – ги имаа оставено „на таван“. Тие моментно си ја работеа својата вообичаена бизнис зделка, со која се трудеа да обезбедат пристоен и безгрижен живот, како за себе, така и за коњоштипчињата, за кои – во однос на вреднотијата и трудољубивоста, а во име на вистината – не може да се рече дека ги следеа нивните стапки.
Тогаш, што беше причината за двојната сладост на Коњоштипот и Коњоштипката?
Риејќи си така низ ровката земја, со исто темпо и насоченост како и секој друг ден, одеднаш наидоа на нешто тврдо. Цврсто.
– Камен?
– Камен не е! Мислам: овој пат не е…
Брачните сопружници и содружници поведоа дијалог; како и многу пати претходно, кога се испречувале пред нив слични барикади.
– Па, што ќе да е, тогаш? – растеше нивната љубопитност. И загриженоста.
– Да не е некоја мина или заостаната бомба од изминатите две-три светски војни?
– Не! За среќа – не е нешто такво! Ќуп е! – обелодени Коњоштипот.
И навистина беше ќуп. И тоа не со кисела зелка и расол внатре туку со…
– Злато! Златници! Златен накит! – триумфално извика Коњоштипот.
Откако радосно ја разгледаа целата содржина на ќупот, сјајните златници ги оставија на страна за да им се најдат за „црни денови“. Коњоштипката си избра златно синџирче и си го закачи околу вратот, додека Коњоштипот одвои две златни бурми од кои едната ѝ ја намести на прстот на љубената, а другата на својот показалец.
– Кога се земавме немавме пари за ваков луксуз, туку разменивме обични желевца! А, еве, сега, дојде миг да ни се исполни желбата со златниве! Нека ни се на здравје и на долг и среќен живот! – благослови Коњоштипката.
– А што со златниците? – размислуваа долго.
Бидејќи немаа доверба во подземните банки, решија да си ги чуваат дома.
Но штом дознаа за денешната печалба на нивните родители, младите коњоштипчиња, кое од кое помераклија на ноќниот живот, на целовечерните престои во ноќните локали, во баровите, на стрип-тиз клубовите, па и на коцкарниците, веднаш почнаа да им ја наоѓаат вистинската намена.
– Дојдоа нашите пет минути! Старо злато за младиот свет и за нови мераци! – се гушкаа и си честитаа сложните браќа меѓу себе. – Доста се „гребевме“ од нашите скржавци, за да извлечеме беден „џепарец“, па дури и дедо ни со тешко срце одвај одвојуваше по некоја паричка за нас од пензиичката своја!
ПРОШКА
Еден волк по име Клов дознал дека кај народот наш постои од Господ-дарен ден наречен Прошка. Ден во кој секому му се простува она што го грешел и го згрешил во сите претходно изминати денови во годината.
Осоколен од ова сознание, и волкот Клов со молневита брзина се здал до местата под спилите горски наречени Исповедалник и Прошталник.
Понизно, покорно и умилкувачки, со бакнирака на сите околни карпи, камења и камчиња, милно побарал прошка. Та денот бил таков: Ден во кој секому сè му се простува, па зошто не и нему?!
И тукушто ја закитил својата совест со прошката на сите триста шеесет и шест (годината била престапна!) со гревови напластени денови, веднаш со назабена челуст и пилести заби со молневита брзина се здал кон првото трло распослано на планината.
БЕСНИ БАСНИ
Група од педесетина басни, разочарани поради тоа што виделе и сè уште гледаат што сè се случува околу нив, и насекаде по светот – збеснале. Збеснале до таа мера што биле прогласени за опасни во околината, па ги приморале да примат вакцини против беснило.
Ама што дека ја примиле, кога бесот нивен не престанал. Тие и понатаму продолжиле да го изразуваат и на себесвојствен начин да го истураат бесот свој, исто онака како што тоа им е својствено и на други бесни созданија од животното царство.
Посочувале грешки и направени гревови, критикувале, исмејувале, боделе, жигосувале, остенувале и – касале. Касале – да, и тоа со своите најостри заби – секачите. Не поштедувале ништо живо и диво кое имало заслуги за нивниот бес.
Властите во тоа царство завеле ригорозни мерки против нивното постоење и дејствување. Море, казнувања, море судења, море притворања и затворања – сè што им било на располагање, сите институции, инсталации и ресурси биле вклучени и ангажирани за барем да се држи под контрола нивниот бес, и да не го шират, ако веќе не можело (а морало!) целосно да се излекува и спречува.
Што дека еден ден им пресудиле и доживотен затвор, кога тие биле живи и жилави, па гласот нивен семоќен продирал и меѓу решетките и одекнувал, се ширел како ехо, кое го преземале сите блиски и подалечни планини, и потем го гласеле и пронесувале насекаде под овоземниот небесен свод, а можеби стигнувал и до други планети.
Што им преостанало на засегнатите страни?
Исто онака како некогаш, како во оние – според нив – „добри стари времиња“ кога цели купови, полни полици и редици со такви хартиени злонамерници и зборовни злосторници биле спалувани на плоштадите.
Ги запалиле басните, и очекувале сал чад и пепел да се сторат; ама – глеј: од нив фатил да избива некој чуден оган и пламен, и уште почудна пепел! На огромно изненадување и разочарување на палачите – искрите и пепелта што се кревале и разлетувале угоре се престорувале во зголемени крилести форми.
– Книги! Книги се тоа! Книги со ширум отворени и раскрилени страници! – воскликнале нивните вљубеници кои од околните прозорци и балкони кришум ги следеле овие овамилениумски збивања.
А не биле малку тие што со срце и душа, а и со бестрашие истоветно на создателите на ваквите басни, ги израдувал и восхитил исходот на видените призори. Напротив.
Милиони и милиони, раштркани по светот, по сите континенти, на сите напоредници и меридијани, реагирале истоветно и здружено со поддршка на отпорот и отпорниците кон сите познати и непознати причинители и создатели на бес. Против беснилото нивно, а не против она – на и во бесните басни!
