Моќта на поезијата отсекогаш сум ја доживувал како нешто длабоко. Со само неколку збора изразени ритмично, човек може да биде пренесен до летен ден во природа, двесте години во минатото, или до мрачна урбана раштрканост во дистописка иднина.
Поетот може сите да нè претвори во патници низ времето и истражувачи. Уште поважно, поетите ги споделуваат своите лични визии.
Во книжевноста, додека авторот е тој што нè води, ние самите мораме да ги поставиме нашите ментални слики врз неговите зборови; и покрај тоа што сме ограничени од сопственото искуство. Поетот, од друга страна, ни ја објаснува и детално ни ја опишува својата визија за и ние да можеме јасно да ја споделиме. На тој начин, поезијата станува еден вид сврзно ткиво на човековото битие, вистински начин да се разбере што се наоѓа во нечие срце и ум.
В раце држите извонредна збирка што ќе ве сепне и ќе ве натера со свеж поглед да ја видите вашата непосредна околина, па и поширокиот свет околу вас.
Во овие страници ќе најдете: набљудувања за повторливото и обичното во секојдневието, како и недостатокот на независна мисла; што се случува со тоа што го изговараме штом го пуштиме низ светот; описи полни надеж за натрупаното во текот на цел еден живот; трогателни трактати за непостојаноста на спомените; комични погледи за времето и за просторот; помиреност за местото на поетот во општеството; политички гнев за нештата вон контролата на поединецот; љубовта во сите нејзини, честопати обични, облици; носталгија, благ хумор и возвишени метафори за минливоста на времето.
Со илустрации од свои фотографии, Мане Манушев ги прикажува формата, структурата и текстурата на современата поезија на разбирлив, осмислен и духовит начин.
Неговиот глас во рамки на уметностите е современ и уникатен: глас што заслужува не само да биде чуен туку и да одекне насекаде.
Крег Фергусон
Поезијата на Мане Манушев останува длабоко вкоренета во стварноста („ние/ врескаме од секој корен во земјата“), а таквиот впечаток го надополнуваат и фотографиите полни секојдневје проникнати низ песните. Едноставни, и песните и фотографиите, го исполнуваат просторот со смисла.
Поезијата на Мане Манушев останува доследно бунтовна кон бесмислата: „Нашиот живот/ се заглави несмасно/ во новото време/ како залутан чорап/ во машината за перење“, и доследно посветена на слободата: „сè уште се нарекуваме слободни“, иако „животот е/ како раздолжување војничка опрема“.
Останува таа и доследно лирична: „…ќе се сретнеме како/ фарови од кола и полна месечина/ на раскрсница… ретко гледаме во наквасеното ноќно небо… во ноќ поќутлива/ од неспремен ученик пред училишна табла“.
„Времето ќе ја истресе тишината“ е амалгам од едноставност, бунтовност и лиричност. Или, со други зборови кажано, оваа книга наликува на тој што ја пишува, односно, можеби поточно е да се каже: му приличи и му доликува, а тоа ја прави веродостојна и стварна.
Ѓоко Здравески
Со тон на меланхоличен бунтовник, Мане Манушев го води читателот низ вознемирувачките пејзажи на неприпадноста, несигурноста и неизвесноста, во меѓупростори што не можат да се именуваат, каде што се судираат месечината и фаровите од автомобилите, асфалтот и небото. Талкањето во постојан расчекор со хаотичната денешница не е безопасно и проследено е со постојан, повремено придушен крик по смисла. Резигнираноста во книгава е само привидна: зад стиховите стои немирен дух кој и на детските бељи, како ѕвонењето на случајни врати и јавувањето на погрешни броеви, им дава значење и повисока смисла. Стиховите и фотографиите во книгава се во лажен ривалски однос: всушност, двата медиума функционираат како содружници и заговорници. „Има зборови загубени во блендата на мојот фотоапарат“, гласи еден стих кој може да биде загатка, но и своевиден патоказ за читање на стихо-фото-збирката „Времето ќе ја истресе тишината“.
Иван Шопов
