Лидија Давидовска
Лидија Давидовска е родена во 1958 година во Скопје. Филолошки факултет (Група англиски јазик и книжевност) завршила во 1981 на Универзитетот “Св. Кирил и Методи” во Скопје. Во 1985 година на Универзитетот на Монтана, САД, го обранила магистерскиот труд од областа на американската книжевност: “Во името на спекулацијата: некои аспекти од поезијата на В. С. Мервин”. Во септември 2009, откако добива стипендија од Универзитетот на Источна Англија, Нориџ, Велика Британија, го започнува тригодишниот докторски програм на истиот Универзитет на Катедрата за американски студии каде ги продолжува истражувањата во истата област - американска современа поезија и култура, и во мај 2013 ја одбрани докторскатата дисертација под наслов: Поетика на иманентност и искуство: Роберт Лоуел, Џејмс Рајт, Ричард Хуго, и Џори Греам. Од 2006 - 2009 година работи како декан и предавач по група предмети од американистиката на Универзитетот Американ колеџ Скопје, а од мај 2013 работи како лектор по англиски јазик на Европскиот универзитет-РМ во Скопје и држи предавања од англиска и американска книжевност на Универзитетот „Климент Охридски“ во Битола. Досега ги објавила збирките поезија Тенки патеки. Скопје, Алфа 1986 и Нон Егзитус, Култура, 2000, како и книгата есеи Во името на спекулацијата: аспекти од поезијата на В.С. Мервин, Македонска книга, 2002. Се занимава и со литературни преводи на поезија и проза од англиски јазик.