Александра Спасеска
Александра Спасеска е родена на 23 јули, 1984 година во Кавадарци. Основно и средно образование завршува во Прилеп, а од запишувањето на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, на Катедрата за англиски јазик и книжевност при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје во 2003 година, живее и работи во Скопје. Од 2008 година работи како преведувач и уредувач на вести во дневниот весник „Вест“ речиси до неговото згаснување, а во 2017 година доаѓа во Редакцијата на Кајгана Медиа каде денес работи како заменичка на главниот уредник. Дел е од тимот на ДИЈАЛОГ- Центар за делиберативна демократија, пишува за феминистичката платформа Медуза и е со-координаторка на македонскиот огранок на организацијата Модна револуција. Менторка е и активистка во мрежата Stella Network. Авторка е на блогот Александрина Везилка. Нејзини текстови биле објавени и во Pixel.mk, платформата Bastet Noir и блогот Culture Matters на Europe House. Нејзината поезија досега била објавувана во неколку онлајн изданија, меѓу кои книжевниот прилог „Ш“ на студентското списание „Излез“; како и печатени антологии, меѓу кои Антологијата на младата македонска авангардна поезија; таа е првата поетеса од земјава застапена во првото печатено издание на книжевниот зборник The San Antonio Review од Сан Антонио, Тексас; била учесничка во Астални проекции и застапена е во истоимениот зборник; објавена е во панорамата Допир (2019), и списанието за литература „Современост“; има учествувано во неколку изданија на поетската манифестација „100 илјади поети за промена“ како авторка и преведувачка; на манифестацијата по повод Меѓународниот ден на културната разноликост на ОН и УНЕСКО во организација на ПЕН, како и на манифестацијата Песнило во организација на МКЦ. Има соработувано со неколку македонски автори како преведувач и препејувач. „Прости песни (на кого помислуваш кога смртта мисли на тебе) е нејзината прва самостојна објавена книга, во издание на ПНВ Публикации. Вториот поетски ракопис на Спасеска, насловен „Координати на болката“, влезе во потесниот избор за наградата „Антево перо“ за 2023 година и се закити со признанието „Антев златник“. Нејзината поезија се најде и во „Самодиви: панорама на македонската поезија пишувана од жени, од преродбата до денес“, приредена од Славе Ѓорѓо Димоски и Јулијана Величковска, што беше промовирана на 35. Поетска ноќ во Велестово.