Едвард Бернејс
Едвард Л. Бернејс (22 ноември 1891 – 9 март 1995). Роден во Виена, Австрија, Бернејс е едно од петте деца на Илај Бернејс и Ана Фројд Бернејс, и внук на прочуениот психоаналитичар – Зигмунд Фројд. Семејството се преселува во САД во 1892 година, каде што Едвард понатаму дипломира на универзитетот „Корнел“. Њујорк бил негов прв дом, но пред сè седиште на неговата работа со односите со јавноста. Дорис Флајшман била негова сопруга и партнер во работата повеќе од 50 години. По завршетокот на неговата улога во воената пропаганда на САД во Првата светска војна, Бернејс сфатил дека „ако (пропагандата) може да се користи за војна, може да се искористи и за мир“ – како што кажува во едно интервју во 1991 година. Истакнат со своите екстравагантни идеи, за манипулација со масите, станал лидер во тоа поле, односно „татко на односите со јавноста како професија“ и „доктор на спинот“ што разработил многубројни техники за влијаење врз јавното мислење. Низ годините, тој претставува клучен инструмент во информирањето на методите за обликување на мислењата, методи употребувани во корист на многубројни бизнис и индустриски претпријатија, здруженија и граѓански групи, како и домашни и странски влади. Се смета дека е првиот што изрежирал комерцијализација на една култура. Издадени се многу негови дела што расправаат за неговата омилена тема: „Кристализација на јавното мислење“ (1923), „Пропаганда“ (1928), „Односи со јавноста“ (1945), „Инженеринг на согласност“ (1947), „Биографија на идеја: основни принципи на односи со јавноста“ (1965)… Се здобил со почесни признанија и многу награди за својата работа. Прогласен за еден од стоте највлијателни луѓе од ХХ век од Лајф, како и фокус на познатата британска документарна серија, „Век на самиот себе“ (2002) од Адам Куртис. Починал во својот дом во Кембриџ, Масачусетс, на 103-годишна возраст.