Фарук Шехиќ
Фарук Шехиќ (1970) е босанско-херцеговски писател и новинар кој своето слободно време го користи за риболов. Добитник е на наградата за литература на Европската Унија за 2013 за романот „Книга за Уна“. Книжевната критика го препознава како гласот на прегазената генерација автори родени во 1970-тите години. Неговите книги се преведени на шеснаесет јазици и објавени во дваесет земји. Роден е во Бихаќ, во поранешна Социјалистичка Федеративна Република Југославија. Студирал ветерина во Загреб, но се вратил во родниот крај пред да го заврши факултетот. Бил припадник на петтиот корпус на Армијата на БиХ во периодот 1992-1995. Еднаш е тешко ранет. Војната ја завршил со чин на поручник и бил одликуван за своите вештини. По војната ѝ се посветил на литературата. Пишува поезија, проза, есеи, ликовни и книжевни критики. Првото издадено дело се „Песни во изработка“ во кои војната се појавува како главен мотив. Проживеаните искуства од војната ги пренел во збирката кратки раскази „Под притисок“. Ова дело, како и „Хит депо“ и „Транссараево“ се здобиле со култен статус кај читателската публика и се издадени во повеќе тиражи. За „Книга за Уна“ во 2011 година ја добил наградата „Меша Селимовиќ“ за најдобар роман објавен на говорното подрачје на Босна и Херцеговина, Србија, Хрватска и Црна Гора. За стихозбирката „Мои реки“ ги добил наградите „Ристо Ратковиќ“ за најдобра стихозбирка во Србија, БиХ, Хрватска и Црна Гора за 2013/2014 година и „Годишната награда“ на „Друштвото на писателите на БиХ“ за 2014 година. Исто така, ја има добиено и наградата „XXXI Premio Letterario Camaiore – Francesco Belluomini (Premio Internazionale)“ за изборот поезија „Ritorno alla natura“. Последната објавена книга му е „Циметни писма, дијамантни суштества“. Во моментов живее во Сараево. Пишува за дневниот весник „Ослободување“.