Јордан Коцевски
Јордан Коцевски е роден на 25.01.1983 година во Охрид. Првата своја книга ја објавува 2001та година, а која претставува збирка на раскази насловена како „Време за живеење“. Истата година се запишува на Факултетот за туризам и угостителство. Непосредно по завршувањето на факултетот во 2005 година се вработува на истиот како демонстратор, за во 2008та година да биде унапреден во помлад асистент. Во 2009та година го објавува својот прв стрип во списанието „Креатор“ во издаваштво на Стрип центарот на Македонија –Велес. Покрај во ова списание има објавено стрипови во „Синдром“, „Pegazus The best in Contemoporary Comic Art“ и „Македонска ризница“ (електронско списание) од Македонија и „Parabelum“ од Босна и Херцеговина. 2012та година стрипот „Our Eden“ во соработка со стрип авторот Дарко Богданов, освојува две награди: Најдобар научно-фантастичен стрип на 13от Интернационален фестиван на стрип уметност –Прилеп во организација на Центарот за визуелни уметности „Визант“ и специјална награда за стрип на 10от Салон на стрип –Велес, во организација на СЦМ. Има објавено повеќе теоретски текстови за стрип во списанијата „Синдром“ и „Македонска ризница“. Јануари 2014та година се здобива со звањето доктор по науки од областа на туризмот на темата „Националната кујна како етно-културен идентитет во туризмот“. Има објавено повеќе од дваесет стручни и научни трудови од оваа област во меѓународни списанија и зборници. Неговото прво стрип издание излегува ноември 2014та година, кое претставува заеднички проект со Дарко Богданов како стрип илустратор, насловено како „Мрак Хумор Тишина“, а две години подоцна ја објавува својата прва графичка новела, во соработка со Богданов, „Витези од соседството“. Февруари 2017 година, за книгата „Прозорецот“ добива награда од „Фондација Македоника“ за млад автор на месецот. Во 2020 година станува претседател на Здружението за поттикнување на развојот на книжевноста и другите уметности „Креативна верига“. Тука работи како главен уредник на списанието „(е)Лит“, чиј прв број излезе февруари 2021 година, а од 2023 година е дел од организациониот одбор на Наградата за најдобра необјавена песна за деца „ТОДЕ“, во организација на Здружението. Првиот роман, „Тегли“ е објавен од „ПНВ Публикации“ во октомври 2021 година, а вториот роман, „Заследи ме“, го објавува јуни 2022 година во соработка со истиот издавач. Додека првата серија книги наречена „Наследство“ ја започнува во декември 2022 со издавачот „Антолог“.