Михајло Свидерски
Михајло Свидерски (Битола, 1991) прозаист, поет, преведувач. Автор е збирките поезија: Низ сонот од магли и дождови (2013), преведена и на бугарски во издание на „Нима“ Плевен (2013) и Ѕвезди што спијат (2017). За романот Бело и Црвено (2014), во издание на Темплум, ја добива наградата НОВИТЕ за најдобар дебитантски прозен ракопис. Романот Бело и Црвено исто така е објавен на бугарски јазик, во издание на издавачката куќа „Изида“ од Софија во 2016 година. Во 2019 го објавува романот Последните денови на Ханс во издание на Или-Или. Неговиот најнов роман, Синовите на Адам, е објавен во 2022 година во издавачката куќа Восток. Учествувал на повеќе поетски фестивали и читања. Застапен е во домашни и странски книжевни списанија и антологии. Неговата поезија е преведена на англиски, руски, грчки, бугарски, српски, унгарски, баскиски и албански јазик. Член е на ДПМ. Активно преведува поезија и проза од англиски, бугарски и српски.
Од романот „Синовите на Адам“ (Восток, 2022)
Можеби немам ништо свое на светот, ама мене сосема малку ми е потребно за да бидам среќен. Како растение на кое сѐ што е премногу ќе му наштети, и премногу сонце, и премногу вода, мене ми е потребно сосема малку, само малку љубов, една топла прегратка, и малку разбирање од воспитувачот, дека ова што го правам и не е толкав грев како што му се прикажува нему во неговиот свет.