Моника Стојановска
Моника Стојановска (1993) е родена во Скопје, Македонија. Дипломирала на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, отсек Италијански јазик и книжевност. Во 2022 година ја објавува нејзината прва збирка поезија Има и такви денови (издавачка куќа „Полица“), која во 2023 година влезе во потесниот избор на конкурсот за престижната награда за феминистичка и квир книжевност од регионот „Штефица Цвек“. Учествувала на повеќе поетски читања во државата, а дел од нејзината поезија била објавена во неколку антологии, како што се: „Самодиви: панорама на македонската поезија пишувана од жени, од преродбата до денес“ во издание на „Поетска ноќ во Велестово“ и во „Ново раѓање на зборот: антологија на младата македонска поезија“ во издание на „ПНВ публикации“, како и во публикацијата „Новите добри времиња“ на локалната феминистичка платформа „Медуза“. Поезијата на Моника неколку години по ред е селектирана на регионалниот книжевниот конкурс „Рукописи“ и објавувана во истоимениот зборник. Дел од песните ѝ се преведени на српски и на хрватски јазик. Освен со пишување, најчесто за лично задоволство, преведува поезија и проза на македонски јазик (од англиски, српски и од хрватски јазик). Во 2022 година, дел од нејзините преводи се најдоа во „Променливо облачно“, публикација на „Медуза“. Нејзиниот расказ „Розов еж“ беше третонаграден на конкурсот за краток расказ на „Нова Македонија“ во 2022 година. Во октомври, 2024 година излегува од печат нејзината втора збирка поезија „На крајот сѐ ќе биде како што треба“ (издавачка куќа „Полица“).