Оливера Ќорвезироска
Оливера Ќорвезироска (1965) е родена во Куманово. Основно и средно образование завршила во родниот град, а Филолошки факултет во Скопје, каде што живее и работи како уредник. Автор е на следниве книги: „Трети кат“ и „Високите бели“ (поезија), „Кифличката Мирна“ и „Мојот брат од тринаесеттиот кат“ (романи за деца); „Дедо Миле“ (сликовница), „Отвораат ли сништата работа“, „Еден Текст и една жена“ и „На полпат“ (критика и есеистика), „Заклученото тело на Лу“ и „Аб’т“ (романи за возрасни), „Страдањата на младиот лектор“, „(С)плетени раскази“, „Две перници“, „(Со)шиени раскази“, „Новелички без шеќер“, „Улиците што ги нема“ и „Престапни години“ (раскази за возрасни). Застапена е во дваесетина антологии на современиот македонски расказ, објавени дома и во странство. Нејзините раскази се преведувани на англиски, француски, унгарски, албански, чешки, српски, бугарски, словенечки, полски, руски, германски и грчки јазик. Повеќекратен добитник е на значајни награди за расказ во Македонија, а за „Сплетени раскази“ во 2003 год. ја има добиено наградата за најдобра проза на Друштвото на писателите на Македонија „Стале Попов“. Член е на ДПМ и на Македонскиот ПЕН-центар.