Педро Салинас
Педро Салинас (1891 – 1951) е шпански поет, универзитетски професор и книжевен критичар. Бил роден во Шпанија, но брзо по избувнувањето на Шпанската граѓанска војна, заедно со семејството се преселил во САД. Последната деценија од животот ја минал во Порторико, каде што работел како професор. Поезијата на Салинас може да се подели на три периоди. Во првиот период се издадени неговите први три книги, потоа следува периодот на љубовна поезија и завршува со периодот на поезија за прогонството. Со својата поезија, Салинас сака да ни ја покаже поетската реалност зад нејзиниот изглед, сака да нè научи како да гледаме. Тој пишува како да е првата личност која видела одреден предмет или почувствувала одредена емоција и преку поезијата се обидува на читателот да му го пренесе чувството на зачуденост кое се крие зад познатите, банални работи.