Томислав Османли
Томислав Османли (Битола, 1956) е македонски сценарист, драматург, теоретичар на медиумите, писател, критичар, новинар и есеист. Автор е на три романи преведени и во странство. Неговите книжевни творби се преведени на: англиски, француски, полски, српски, хрватски, бугарски, романски, грчки, арапски... како и на Ладино, јазикот на сефардаските Евреи. Со години се занимавал со филмска и театарска критика и публицистика, како и со теорија на драмски затемелените вербо-визуелни медиуми. Објавувал публицистички и теоретски текстови во речиси сите македонски и во голем број екс-југословенски списанија. Бил член на редакциите на списанијата “Идеје” (Белград), “Разгледи”, "Културен живот", "Театарски гласник" и "Macedonian PEN review". Бил претседател на Филмската младина на Македонија, претседател на Советот на Младиот отворен театар, член на Советот на Републичкиот секретаријат за Образование, наука и култура, член на Комисијата за културни односи со странство и на други општествени тела. Два пати е именуван за Претседател на УО на "Кинотеката на Македонија" Бил избран за член на Ротари клубот Скопје во вокацијата “писател и новинар”; а за потпретседател на Клубот за периодот 2002-2003.