Ана Пејчинова
Ана Пејчинова (1973) има разновидно творечко и професионално портфолио во областа на книжевноста, визуелните уметности, филозофијата, психологијата, политичките науки и меѓународниот развој и хуманитарната помош. На македонски јазик, има објавено четири збирки поезија: Деогае (1995), Ѕверот и проѕирот (1997), Златните раце на демонот (1999) и Чувари на малите нешта (2025). Избор на нејзини песни на англиски јазик е публикуван на Kindle/Amazon Books под насловот Guardians of the Tiny and Tender (2025). Покрај тоа, има објавено збирка раскази Авгански дневници (2008), а во 2026 ја издаде првата македонска докуфикција Пустинско срце: Петнаесет години во Авганистан. Добитник е на наградата „Млада Струга“ (1995), на „Празникот на липите“ (2026) и на други признанија, а Чувари на малите нешта беше финалист за наградата „Ацо Шопов“ на Друштвото на писателите на Македонија (ДПМ) за најдобра поетска збирка во 2025. Нејзини стихови се преведени на полски, германски, англиски, француски, фински, српски и други јазици. Како книжевен преведувач, има објавено препеви на значајни автори, главно од англиски: епот Четирите Зои од Вилијам Блејк (I изд. 2007, II изд. 2013), Светлини и сенки — поезија од Елен Дорион од француски јазик (2003), стихови од Руми (вклучени во Класична персиска поезија, 2015) и Избрани песни од Радјард Киплинг (2024). Покрај книжевните текстови, Пејчинова има публикувано трудови од областа на политичките науки, психологијата и филозофијата. Се занимава и со визуелна уметност — графика и восочни минијатури. Нејзините дела се достапни на личната веб-страница anabluefeather.wordpress.com. Родена е во Скопје, со повеќегодишни студии, работа и патувања во триесетина земји на пет континенти на светот. Дипломирала Општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (1995), докторирала на Катедрата за компаратистика при Карловиот универзитет во Прага (2002), а магистрирала политички науки на Централноевропскиот универзитет во Будимпешта (2006). Работела и како психолошки советник во Прага и Скопје, а повеќе од петнаесет години делувала во рамките на Обединетите нации и УСАИД, најчесто во воени и кризни региони, како постар советник во меѓународен развој и хуманитарна помош.
