Ако
Ако ладна глава чуваш кога други, в метеж,
својата ја губат и тебе те кудат,
ако веруваш во себе и покрај сечиј сомнеж,
а пак да имаш слух и кога те судат;
ако можеш да чекаш без премор и прекор,
ако лажат за тебе, да не лажеш ти,
ни ако те мразат, да не мразиш сит,
ни да се топориш со збор и со лик:
Ако можеш да сонуваш – но сон да не ти е власт;
ако можеш да мислиш – но мисла да не ти е цел;
ако можеш да се соочиш и со Триумф и со Пропаст
и со двата измамници да се справиш исто, зрел;
ако можеш да истрпиш да чуеш твоја вистина
искривена од подлец да смами глупав в замка,
да видиш сè што си створил да паѓа во урнатина,
и да се веднеш и градиш пак со изабена рамка:
Ако можеш сè што си стекнал да ставиш на купче
на коцка, и со едно фрлено париче
да загубиш сè, и пак нов да почнеш круг,
а да не речеш ни збор за загубата пред друг;
ако можеш да стегнеш срце, нерв и жила
да ти служат долго откако сотрени се,
и така да издржиш, и кога немаш веќе сила,
само Волја што вели: „Крени се!“;
Ако говориш пред толпа, а сочуваш доблест,
ил’ одиш со кралеви со простодушност,
ако ни душман ни другар не ти се на совест,
ако сметаат на тебе, но со умереност;
ако можеш да исполниш безмилосна минута
со шеесет мига вредни долг пат минат,
твоја е Земјата и сè што таа има,
и – поважно – ќе бидеш Човек, сине!
Балада за кралевата шега
Кога напролет цутат пустински јорговани
низ кланецот Кајбер[2] вијат каравани.
Вити се камилите, но полни кошевите,
лесни се ќесињата, но тешки врзопите.
Трговците од север преку Хиндукуш газат,
до градот Пешавар[3] се спуштаат на пазар.
Во тиркизен самрак, јасен и ладен,
логорот на караванот е веќе зачаден.
Син чад се крева од лонците на оган,
и шаторски клинови бијат под чекан;
спотнати коњи, долгогриви, диви,
ги тегнат уларите кон стогови трева;
камилите мласкаат крај тешките товари,
пружени недалеку од своите камилари;
персиските мачки, качени на бали,
луто фрчат по песот да ги батали.
Племето вика по храна и мирудија,
огнови светат крај крепоста Џумрудија[4];
лебди и се крева на самрачни крила
мирис на мошус и килим и камила;
џагор од гласови, реа и тарабука
велат – трговците од Кајбер се тука.
Капакот на садот тропка сè повисоко,
ножевите се острат – тогаш дојдов потивко
и јас да го видам сеиз Махбуб Али;
тој крпеше узди, да види што му фали,
а полн со година муабет да се пофали.
Но Махбуб Али благо рече, сепак:
„Поарно се зборува на полн, нели, стомак.“
Па брцнавме раце до лакти во чинијата
со врела овча чорба, со цимет зачинета.
Кој никогаш ваква чорба не пробал,
жими Алах! – и не знае што е добро.
Ги избришавме брадите од овча маст,
се спастривме на чергите во мир и сласт;
и отиде на север, па на југ муабетот
по пувките што лизгаа од наргилето.
Четири се најважни од сите нешта бројни:
жени, и коњи, и моќ, и војни.
За сите говоревме, но најмногу за војна,
– барав некој абер за руска крепост бојна,
за прекршен збор, за извлечени сечила
и сиви шинели[5] во хелмандски села.
Туку Махбуб Али очи сведна, мига,
како да се спрема да заплете лага.
Рече: „За Русите ли, што има ново?
Кога ноќта паѓа, сè се чини сиво.
Но гледаме дека ноќен мрак умира
при утрински блесок на румена зора.
Душо, арно ли е, мудро ли е, ко гарвани
на кралот да му гракаме за душмани?
На небото и адот им се знае алот,
но никој не го знае умот на кралот.
Приказната за Вали Дад сведочи, од кога,
дека небаран совет е сневиден од Бога.
Татко му бил со брз јазик и перо,
мајка му кокошка, кокодакала без мера;
и ждребево пораснало со обете мани:
ја понел клетвата на зборови непрестајни.
Оттаму лудост – што барал тој збор
и наклоност во Кабул на кралскиот двор?
Со надеж за почести, на пат се осмелил,
до меѓата со четите во сиви шинели.
И јас сум бил таму – но иако бев,
ништо не видов, молчев – и не умрев!
Се повел по гласини, се фатил
за „кој што рекол“ муабети –
приказни одат од уста до уста в круг
дека сиви шинели ќе пустошат на југ.
И јас сум ги чул – си минат гласините
со секоја пролет, со зимите и тревите.
Набрзина на југ, заборавен од Бога,
од Хелманд Вали Дад повикал на тревога.
Во Кабул, пред сите на дворскиот собир
кралот се советувал со воениот емир.
Низ толпата до кралот младичот се пробил,
и сè што чул за Русите пред сите издробил.
Црвениот емир[6] со насмев го укорил
ко мајка што се смее на дете што дрдори;
но друг не се насмевнал, го запреле здивот:
се стемнило ко смрт лицето на кралот.
Зло е пред цела дворска свита бројна
на владетел да кажеш дека доаѓа војна!
Кралот, пак, го повел до прасково стебло
над градските бедеми што се надвиснало.
Му рекол: „Ќе ти се прослави ликот,
ако алов изблик му следи на челикот.
Руси ли доаѓаат веќе сега, баш?
Многу си претпазлив – чекај ги тогаш.
Извидувај од дрвово. Млад си и умееш,
сигурно нема тука долго да бдееш.
Руси ли доаѓаат, така, од границата?
За час тогаш ќе ја видиш претходницата.
Викај само гласно, да те чуе стражата.
Душо, арно ли е, мудро ли е ко гарвани
да му гракаме на кралот за душмани?
Стражата му бранела да слезе од дрвото –
со дузина копја го опкружиле стеблото.
Цутот на праската се сронил од висините,
се тресел тој од страв над падот од ѕидините.
Со Божја волја Вали Дад, а велик е само Бог,
се борел седум дена против злата коб.
Па умот го изгубил, и луѓето велат
дека скокал по гранките ко мајмун и газела.
На крај како мрзливец, без сила се влечел,
па висел ко лилјак во крошната и плачел.
Стегот на рацете на сон му ослабел,
и паднал врз копјата, се набол и умрел.
Душо мила, арно ли е, мудро ли е ко гарвани
на кралот да му гракаме за душмани?
На небото и адот им се знае алот,
но никој не го знае умот на кралот.
Дал’ сиви шинели доаѓаат, којзнае?
Кога ноќта паѓа, сè сиво зјае.
Две нешта се поважни од секоја тајна,
првата е љубов, втората е војна.
Не знаеме, душо, како војната ќе оди,
та поарно за љубов муабет води!“
Тажаленка на викиншките жени
Што ти е жена да се одречеш од неа,
од огниште и поле, да појдеш по онаа,
вдовици што прави, белокоса Старина?
Нема таа куќа да засолни гости –
освен една постела сите да ги смести
крај бледи сонца и ридови пусти.
Нема бели раце таа да те заведе,
туку пиреј преплетен стократ да те впреде
во карпите на кои плима ќе те наведе.
Сепак, кога знаците на летото се бројат,
и мразот пука и ластари се кројат,
заболуваш од копнежи сетне што нè двојат –
Копнежи по поход и колеж и бука.
Кон брегот се искрадуваш оттука,
и ѕуриш во бродот во зимската лука.
Забораваш на смеа, муабет и мома,
на теле и коњ во шталата дома,
го катраниш бродот и затегаш ортома.
Потем едриш право кон бурен облак, либе,
и глув шум на весла во вода што бледи
е сè што ни останува, за долго, од тебе.
Што ти е жена да се одречеш од неа,
од огниште и поле, да појдеш по онаа
вдовици што прави, белокоса Старина?
Дарот на морето
Мртвото чедо го зави во покров
и крај него бдее вдовица;
мајка ѝ дреме, а на море невреме,
ветар со лапавица.
Но жената се смее на сѐ. Го кори:
„Го загубив мажот на море,“ збори,
„и чедото ми умре. Смири се, замри,
што полошо ќе ми сториш?“
Вдовицата бдее над мртвото чедо
и свеќата веќе ќе згине,
но не е уште спремна за песна на премин
да ѝ каже на душата да замине.
„Марија нека те земе,“ пее,
„што ми спиеше на срце, амин!
Марија ноќва во лулка ќе те успие,“
но никако да рече, „замини.“
Тогаш се зачу плач од морето,
но морска слана го прекри стаклото;
„Не чу ли, мајко?“, праша збунето,
„да замине чека малото.“
А мајка ѝ, поспана, со воздишка слуша,
„Овца што се јагни блее пред изгрев;
та зошто би плачела крстена душа
што никогаш не познала грев?“
„Оф ноџиња што ги држев две во рака,
оф раче што во срце ми влезе,
како да знае каде понатака
и само да крене резе?“
Крај вратата послаа платно едно
и врз него јорган за прекривка,
да не му е ладно на земи, јадно,
но плачот продолжи тивко.
Вдовицата го крена резето на врата
и напрегна очи да бродат,
ја отвори вратата кон горчот на бурата,
душата да се ослободи.
Немаше надвор ни зрак ни призрак,
ни дух ни искра под облакот.
„Не чу ли ништо, мајко? Нешто
плаче по мене во мракот.“
Но воздивна поспано мајката:
„Болката тоа те ремети;
Не е ли буката од крикот на шлуката
или плач на галеби прогонети?“
„Сивиот галеб на копно безделничи,
а шлуката следи запрега.
Не беше птичји плачов, нe личи,
мајко, го слушам и сега!“
„Мирно, јагне мое, седи си до денот;
на чедото зло веќе не му се котка,
на болката ѕвонот ти го крши сонот,
и празната ти прегратка.“
Таа ја истави мајка си, не слуша.
„Пушти ме, во име божје!
За мир на душа морам да слушнам
што ме вика од крајбрежје.“
На самиот крај на бурниот пристан,
каде морски алги сплеле ќебе,
го најде оној глас, предоцна за час,
најде едно друго бебе.
Го приви веднаш на гради со жалопојка
и се врати кај мајка ѝ, бледа,
но одби тоа дојка, не погледна мајка,
а го нарече ко своето чедо.
Детето на боска не се ни освести,
а нејзиното во покров на чардак;
„Бог да ни прости, мајко,“ се прекрсти,
„го пуштивме да умре в мрак!“
Опчинувањето на Теди О’Нил
Теди О’Нил појде по ридот:
душа од човек беше бил О’Нил,
но вилински светла на пат да му биле,
песна го повика кон кале зад ѕидот;
мој Теди ни молба, ни прекор, ни сила
не го одвратија од ридските вили.
Теди О’Нил појде по ридот:
најдобар човек Теди беше бил,
но го завлече жица што вила ја влече,
со срце во пламен од песна што ечи;
а за Теди, странец, опасност клечи
на дворот Финвара, мој Теди О’Нил.
Теди О’Нил се качи на ридот:
убав ко утро, мој Теди се фати
во танц со самовили – е’н, два, три;
вкуси вилно вино и се одврати
од мене, и не ми се врати;
Финварското вино Теди го преобрати.
Теди О’Нил потона во ридот.
Црно кале го голтна Теди пред нас;
му се молев на бога застанат пред ѕидот,
а внатре ечи врева, смеа и глас
од гозбата за него – не му најдов спас,
оти вила го опчини мој Теди тој час.
Теди О’Нил од ридот се симна,
не брат ми, не мојот Теди О’Нил,
на усни му гори црн бакнеж од вила,
не ми дојде жеден на гозба да пие;
вили го крунисале, врзале, опчиниле,
под чинки на Финвара мој Теди О’Нил е.
Теди О’Нил кон дома се упати –
но само во тело мој Теди се врати
со уста под печат и со секнат глас,
а знам дека срцето по ридот му крати
кон вилата со која застрани, остана и плати
со душа – о кутар, мој Теди, си ти.
издание на „Полица“, 2024 година
Забелешки на преведувачот:
[1] Сеиз: трговец со коњи (арх.). [2] Кајбер: област и планински кланец што ги спојува денешен Авганистан и Пакистан. Се наоѓа во Северозападните погранични провинции (ориг. North-West Frontier Provinces), во денешната покраина Кајбер Пакхтункуа (orig. Khyber Pakhtunkhwa) на пакистанската страна. Види и „Балада за Исток и Запад“. [3] Пешавар: главен град на пакистанските Северозападни погранични провинции. [4] Џумрудија: британската тврдина Џумруд (ориг. Fort Jumrood) се наоѓала во областа на Пешавар. [5] Сиви шинели: руските сили во тоа време носеле сиви шинели. [6] Црвениот емир: Абдур Рахман, крал или емир на Авганистан, кој владеел од 1842 до 1901 г.
