Јована Матевска Атанасова
Јована Матевска Атанасова, родена е на 16 јуни 1991 година, во Битола. Од мали нозе се вљубила во пишаниот збор, двонасочно, и како писател и како читател. Својот дебитантски чекор, пред сериозните излети по државните конкурси го направила благодарение на блогот „Мемоарите на зеленооката“. Учествувала на регионални и меѓународни конкурси и добила повеќе награди, меѓу кои најзначајни се наградите во 2015 и 2016 година, на реномираниот и традиционален конкурс за краток расказ кој го распишува весникот „Нова Македонија“ за насловите „Двете дланки“ и „Нештовина“. Во 2016 година го издава својот прв роман „Тамбовските снегови“, инспириран од нејзината посета во Русија, опшиен со сензитивна психолошка проблематика, драма со елементи на молскавичен, меко обвиен трилер. „Писмата во библиотеката“ е нејзиниот втор роман, издаден само во електронска форма кој се закитува со награда на конкурсот за поддршка на млади талентирани автори на фондацијата „Македоника“ и УНЕСКО. Овој роман обработува тема која ќе ги заскокотка читателските апетити на читачката публика и ќе ве натера да посакате да се вратите во тинејџерските години. По професија е дипломиран психолог. Професијата само подобро го надоградила она што сака да го имплементира во градење на симетрични ликови во своите дела и излагања. Продолжува да твори и не престанува да пишува. „Пишувањето е аманет од мојот дедо.“ Пишува приказни за деца и се надева дека нејзините неиздадени романи ќе излезат од заточеништвото во фиока. Во последниов период предизвик ѝ се кратките рецензии за книгите кои ги прочитала.