Нина Анастасова-Шкрињариќ
Нина Анастасова-Шкрињариќ е редовен професор на Катедрата за македонска книжевност и јужнословенски книжевности, на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, каде ја изведува наставата по предметите: Митопоетика, Словенска митологија, Македонска народна книжевност (Македонска народна поезија и Македонска народна проза) и Психоаналитички концепти во фолклорот. Покрај фолклористичкиот домен, нејзино поле на истражување е словенската митологија и митот воопошто (митопоетика, историја и теорија на мит), а актуелна нејзина преокупација се психоаналитичките и социо-антрополошките интерпретации на фолклорот. Автор е на повеќе книги од областа на фолклористиката и митологијата: Словенски пантеон (Менора: 2002), Кралимарковиот циклус - на чекор до епопеја (Табернакул:2007), Митски координати (Македонска реч: 2008), Фолклорни социјални фосили (социо-антрополошки студии за фолклорот) (Македоника литера:2011), Триножникот на Цепенков и каучот на Фројд - психоаналитички концепти во фолклорот (Македонска реч: 2011), Фолклорологија: книжевно-теориски и книжевно-историски студии за фолклорот (Табернакул: 2017), Перуновата стрела /громовитиот бој – како богот Перун го победи богот Велес/ (Табернакул: 2017), Сончевото тркало - соларниот код во календарските празници (Македоника литера: 2017).