Владимир Мартиновски
Владимир Мартиновски е роден е во Скопје во 1974 година. Дипломирал на Филолошкиот факултет „Блаже Конески” во Скопје, каде што и магистрирал во 2001 г. на тема „Интерференции меѓу македонската современа поезија и ликовните уметности“. Докторирал на Универзитетот Париз III – Sorbonne Nouvelle, на тема „Аспекти на екфразиската поезија: Ш. Бодлер, В.К. Вилијамс, С. Јаневски, В. Урошевиќ, Џ. Ешбери и И. Бонфоа“. Работи како редовен професор по предметите „Компаративни поетики“ на Катедрата за Општа и компаративна книжевност при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. Член е на Извршниот одбор на Меѓународната асоцијација за семиотика. Член е на Меѓународната асоцијација за компаративна книжевност, како и на извршниот комитет на Европската мрежа за компаратистички проучувања. Член е на ЗККМ, на ДПМ и на Македонскиот ПЕН. Се занимава и со музика. Учествувал во музички проекти и изданија на: Оркестарот од изворни народни инструменти „Пеце Атанасовски“, „Калдрма“ и „Баклава“. Неговата поезија е објавена на дваесетина јазици.