Џерардо Масучо
Џерардо Масучо е роден во Батипаља, близу Неапол, во 1991 година. Детството и младоста ги поминал во соседниот град Олевано сул Тушано. По неговите класични студии во Еболи, во 2010 година се преселил во Милано каде што дипломирал прво авторско право, а потоа и издаваштво на Универзитетот Бокони. Од 2017 година ја уредува поетската едиција Капо Верси за издавачката куќа Бомпијани. Во 2020 година ја основа издавачката куќа Утопија специјализирана за проза, фикција и научна фантастика, чиј воедно главен уредник е самиот тој. Тој е италијанскиот уредник на Никанор Пара, Ана Бландијана, Ан Карсон, Ко Ун, Ида Витале, Наја Мери Ајд и Љубомир Левчев. Неговата поезија е објавена во бројни антологии, списанија, специјализирани книжевни портали и непрофитни книжевни ревии. До тука живееше човек е неговото прво поетско дело. Стихозбирката беше дочекана со одлични книжевни критики во националниот печат како и во периодистиката и беше избрана од жири-комисијата како финалист за шест литературни награди; воедно, неговата дебитантска поетска книга ја доби најзначајната италијанска награда за дебитантско поетско дело, односно 32-то издание на наградата „Камајоре“ и 61-то издание на наградата „Сан Доменикино“ за најдобра прва поетска книга. Делото во моментот се преведува на шпански јазик. Ова дебитантско дело на Џерардо Масучо му пренесува на читателот меланхолична и свесна поезија за мистеријата на постоењето и суштествувањето, во постојана рамнотежа помеѓу непостојаноста на животот, тишината на вистината и отуѓеноста на светот. Со буден, измерен и препознатлив стил, До тука живееше човек е документарен доказ за животот што настанува и се одвива во знакот на минливоста на човечките односи и на љубовта, каде што поетот станува сведок на сопствената маргиналност и воедно е глас на едно искупување што му дава суштина на самото живеење.