Поезија од Џерадо Масучо

Што друго значи тоа што те љубев освен примирје / на копнежот по бидување? / Што друго е освен болка тоа што знам дека / отаде вратата – разоружана – го чекаш / повикот на отсуството?

И не ме тресе точката на прашањето:
дали гревот е дар или вина
дилема е тоа на лудиот,
дали љубовта е река
чијашто утока недостасува – или е извор –
измама е тоа на кроткиот. 

Ова мое преживување 
повторно не наоѓа одговор
меѓу правта и хартиените чинии,
во поривот на водата и на сонот.
И се храни – премолчана спирала –
од млакиот мраз
на бидувањето токму тука
но по грешка. 

*

Мојата мајка чува слики,
вредни дарови, ја видов како
им зборува на старите керамики,
на сребрените сервиси затворени 
– отсекогаш, засекогаш –
во стаклени затвори.

Ѝ ги проучував небрежно дланките,
јазлите од вени едни во други
што се слеваат без примирје.
Мојата мајка додека ја слуша смртта
како зборува на странски јазик,
го милува фустанот
закачен во темницата на орманот,
го чува, никогаш не го носела.
Тој ќе ја преживее.

Сепак еден поет ја набљудува
и блед ја врежува 
– врз мермерот или низ ветрот? –
мајка си која му пркоси на животот
ткаејќи ги споменот и тишината.
И гордо ги отфрла сликите,
помислите за патувања,
подароците, платната, привидите,
сторителите соучесници на смртта:
срамната навреда, ќе ме преживеат.
И  – бесмртната чистота – мајка ми
несвесна го учи без познание дека
споменот не се плаши од смртта
туку дека му пркоси на животот. 

*

Сите – писма тукушто ги запалив,
и забелешките, записите,
сега, штом се вооружив со смртта 
– легитимната одбрана, чинам – 
му се наложив на животот.

Меѓу листовите запалив 
дури и едно бело ливче
на кое пишуваше 
– во ќошето долу во празнината –
со нејасен ракопис: „Да се сочува“.

Тој неодбранет глагол 
– енигмата на она што дава отпор
расфрлана во ништожноста –
не е ништо друго освен јас самиот и е секој човек 
што се труди да остане а не е.

„Да се сочува“, ама јас го изгорев,
љубовен бунт.

Сега, кога животот ме бара
а јас упорно доцнам, 
не сум јас поет 
туку ја одбивам суштината на човекот. 

*

Алгоритамот на патувањето ги бара 
– невини – моите чекори
и отаде скалата во возот, погледот
го истражува вагонот,
мојот, другите простори. 

Патот бавно коагулира 
околу бесцелноста.

Допуштив багаж на грбот,
нека однесат и залиха 
за моите прикриени денови
каде што се враќа – а го мамам – умот
во идниот час 
што го навестува и го сокрива минатото. 

И тука – неподвижен – ги пишувам моите стихови,
во откажаниот воз
што никогаш не го преминал перонот. 

*

Се враќа сеќавањето во ходникот,
во твојата соба
обложена со сенка.
Строгата стаклена врата
нѐ разделува:
од другата страна ти можеби спушташ ѓердан
во кутијата за накит,
од оваа страна јас се притискам до сомнежот на тишината.

Што друго значи тоа што те љубев освен примирје
на копнежот по бидување?
Што друго е освен болка тоа што знам дека
отаде вратата – разоружана – го чекаш
повикот на отсуството?

Јас чувам надеж и ѝ се препуштам на празнината,
каде што не постои повеќе каде
и каде што молчи кога:
да те љубам без честа
на оној што – ранет, уморен –
љуби и постои.

*

Гардоне Ривиера

Бисерниот плашт од магла
што го мами моето око
е сѐ уште истиот оној
што го крои превезот од облаци 
врз платното на езерото
отаде кипарисите кај пристаништето.

Есента оттука помина 
сеејќи напуштеност. 

Со приземјената тишина
каде што се буди
салата за танц 
на денот што следи после гозбата, 
Гардоне –изгубена –припиена до мене, 
се разоткрива измината. 

Во овој беспокој 
трепери мојот крик за живот.
А сепак – но залуден бунт е –
телефонот ѕвони
зад затворените стакла
на напуштеното студено сместување. 

*

Сепак во прибежиштето на мислата
каде што сѐ уште ми е допуштено 
да се изневерам себеси, 
непостојаноста ги врзува јазлите
за несигурните површини, 
за минливото.

Бројот на оној што нема повеќе глас
сѐ уште е – неподвижен – 
во именикот на живите,
прашината го следи отсуството
во долапот на детството
го чувам последното скокалче.

 

Препев од италијански: Наташа Сарџоска

Тагови од објавата
Напишано од
0 replies on “Поезија од Џерадо Масучо”