
Весна Мојсова - Чепишевска
Весна Мојсова-Чепишевска е родена во Скопје 1967, во годината кога започна со работа Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура и кога Македонската православна црква ја прогласи својата автокефалност. Од својата 10-та па сè до 18-тата таа е член на Детското драмско студио при Македонската Радио Телевизија. Неколку години по завршувањето на средното училиште, додека студира, работи како презентер и водител во истата телевизиска куќа. Од 1990 година во слободно време предава група предмети од областа на современата македонска книжевност, a од 2010 и Kнижевност за деца, како и предмети од областа на македонската култура на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“. Од 2002 година работи и како лектор по македонска литература и јазик на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура во Охрид. Член е на ДПМ и на МСК (Македонски славистички комитет). Автор е на книгите: Рацин и експресионизмот, Литературни преокупации, Лицето на зборовите, Мал книжевен тестамент, Игра и симулации и Семеен албум, како и на антологиите: 12. ЖЕНИ. ГЛАСОВИ., ПИШУВАЧОТ и VÍTR PŘINÁŠÍ HEZKÈ POČASÍ (Antologie nejmladší makedonské poezie). Соавтор е и на антологиите: ŽEGLARZE PAMIĘCI (Antologija wspólczesnej literatury macedońskiej), DON’T YOU FYROM ME (Suvremena makedonska pričа), ВЕТЕРОТ НОСИ УБАВО ВРЕМЕ (Антологија на најмладата македонска поезија и проза) и ОД ЧЕЖЊЕ ДО ЕРОСА (Антологија македонске љубавне лирике). За последната во февруари 2015 ја добива наградата Светосавски печат за посебна книга како исклучителен авторски и издавачки потфат на XI Светосавскиот саем на книга во Ниш. Истата година во мај ја добива и Меѓународна награда „Ана Франк“ за афирмација на литературата за деца и млади на Фондација „Македонија презент“ на Издавачката куќа „Феникс“. Во февруари 2016 (12. 02. 2016) нејзината книга Семеен албум е наградена со „Димитар Митрев“ на ДПМ за најдобра книга критики и есеи.