И ВИСТИНСКИ ПРИКАЗНИ И ВОЛШЕБНИ ПРЕГРАТКИ ЗА СЕКОЕ ДЕТЕ

За книгите за деца „Вистинска приказна за двете соседни кралства“ и „Волшебните прегратки“ од Марија Костадиновска

Според познатата т.н. миграциона теорија за настанувањето на сказните на Теодор Бенфај, луѓето кога патувале, во своите каравани ги „носеле“, покрај многуте избрани работи/предмети, и сказните од разните поднебја. Затоа заедно со преселбата на луѓето се селат и сказните и се мешаат меѓу себе. Во бовчата / торбулето / ранецот / куферот заедно со сите основни потребштини (нешто храна и нешто повеќе вода, помалку облека), на пат тргнувале и ги понесувале и своите приказни. Впрочем тие и најмалку тежеле зашто се носеле во срцето, во душата, но и во мислите… Или, сепак, тежеле доволно зашто од мудри зборови биле создадени? Така и Марија Костадиновска при своите патувања (од детството кон младештвото, од детето кон возрасниот, од девојчето кон девојката, од својата кон другата/туѓата куќа, земја, од своето кон туѓото/другото сопче, езеро, море) го полнела и сè уште го полни својот куфер со приказни од баба ѝ и мајка ѝ. Затоа, нејзиниот куфер секогаш крцка од приказни. И еве, од нејзиниот куфер излегуваат книгите за деца „Вистинска приказна за двете соседни кралства“ (Скопје: 20200) и „Волшебните прегратки“ (Скопје: 2021). И еве, нејзиниот куфер диши во ритамот на сите оние здодевности на кои е подготвена Хана и на сета онаа забава на која е препуштен Фран од нејзината „Вистинска приказна за двете соседни кралства“. Нејзиниот куфер е можеби истиот оној ранец на Ведран преполн со најтопли прегратки од нејзината книга „Волшебните прегратки“.

И така, тргнувајќи од потребата да се раскажуваат вистински приказни во кои детето ќе се огледува и така лесно ќе биде или Хана и Фран, или Ведран и Мила, Костадиновска создава една приказни за две кралства и друга приказна за еден извонредно интересен Гушкоград. Во двете детето е центарот на случувањата, тоа е она што промислува и она кое само доаѓа до одредени решенија и заклучоци. Нему никој не му кажува како треба да постапи за да излезе од непријатната ситуација. Исто онака како што Шеќерното дете само доаѓа до тоа да го ослободи заробениот славеј, исто онака како што Маша преку секојдневните згоди и незгоди со својот пријател Медо ги открива тајните на животот, така и Хана и Фран успеваат да си ги повратат изгубените кралства, така и Ведран и Мила успеваат да ја вратат вербата во прегратката и радоста во Гушкоград.

Марија Костадиновска со леснотија успева да ја развие својата авторска приказна врз фонот на народната. Така чудесниот, сказновитиот свет го развива низ постојаното поигрување на реалното и нереалното и притоа, тоа нивно спојување го остварува без страв и морбидност (и покрај тоа што противниците се именувани како Лошотилук или како Госпоѓа Злоба, и покрај тоа што завладува кралството ЛОШОТИЛИЈА, а и Гушкоград повеќе не е тоа зашто прегратките или гушките секнуваат).

И времето во кое живеат нејзините ликови е позајмено од народната приказна. Така, тоа се манифестира преку неодредена минатост, се случува некогаш и некаде, без историско ситуирање, но со инсистирање дека тоа што се случува се случува токму сега со што постигнува еден привиден презент. Така сè додека се чита приказната за двете соседни кралства, сè дотогаш Хана и Фран ќе се борат за своите кралства. Сè додека се чита за волшебните прегратки, сè дотогаш ќе живее и Ведран во Гушкоград, во земјата Вистинија.

Просторот (инаку линеарен, апстрактен, тесно поврзан со самото дејство) се чудесните кралства и уште понеобичниот Гушкоград. Средбата што Хана од Кралството на здодевноста и Фран од Кралството на забавата ја остваруваат со Лошотилук кој сака да го создаде Кралството на лошотијата или едноставно кралство ЛОШОТИЛИЈА е една средба преполна со симболи. Така, двете кралства ги дели едно огромно езеро во кое живеат риби со остри заби т.н. Пирани и кој како простор може да ја симболизира и самата потсвест. Затоа, езерото Лошо покрај хронотопичноста како потсвест ја манифестира и хронотопичноста на прагот. Војната која ја започнуваат сите Лошотилчиња, „вооружени со виљушки, искршени играчки, пружини од пенкала, џамлии и секакви други дреболии“ (2020: 14) е всушност пресметка на лошото со доброто, но и пресметка на лошото со здодевното и забавното и во тој контекст таа е вистинска борба и на хаосот со космосот. Во таа беспоштедна борба, Хана и Фран стануваат заробеници и како такви се казнети со тоа да висат закачени со штипки на жица исто онака како што се закачуваат водените алишта за сушење. А ако паднат, тогаш ќе се струполат директно во езерото Лошо.

Ваква улога (хронотопичност на прагот) има и некогашната продавница за прегратки која се трансформира во продавница за злоби и во која на највисоката полица во тегла се скриени сите некогашни прегратки, како највкусен мармалад. Така, и во едниот и во другиот случај т.е. и езерото Лошо и продавницата за злоби му помагаат на детето-слушател, а потоа и на детето-читател да ја доживее/преживее иницијацијата т.е. пораснувањето на Хана и Фран од „Вистинска приказна за двете соседни кралства“, но и на Ведран и Мила од „Волшебните прегратки“, а низ тој чин да му се случи и лично иницирање т.е. пораснување. Но, за да оствари сето ова, Хана и Фран најпрвин треба да научат да пливаат, па и да читаат, зашто од премногу здодевност и преголема забавност, немале време ни едното ни другото да го научат. За да се оствари сето ова, Ведран треба да научи дека прегратките се волшебни само кога се заемни.

Она што Н. А. Доброљубов го има кажано за Андерсен може да се примени како констатација и за овие две книги на Марија Костадиновска. Впрочем и во овие две приказни на Костадиновска како и во оние на Андерсен она што постои во стварноста добива извонреден поетички карактер, а притоа не ја преплашуваат детската фантазија со секакви темни сили. Тие се присутни и јасно артикулирани (како преку она езеро Лошо и онаа продавница за Злоба, или преку Лошотилук и Гопоѓа Злоба) и со тоа не создаваат лажна слика за светот како безбедно место за живеење! Напротив, овие приказни на Костадиновска му ги отвораат широко очите и му помагаат на секое едно дете да ги оживува обичните работи и да ги става во движење обичните и живи и неживи предмети, и реални и иреални ликови, во служба на откривањето на животот како една вечна борба на доброто и лошото, светлото и темното, среќното/веселото и тажното.

Во сликовницата илустрацијата (цртежот) значенски го надополнува текстот, додека во илустрираната книга таа го следи т.е. го надополнува текстот (онака како што тоа го прават Александра Филиповска во „Вистинска приказна за двете соседни кралства“ и Иванка Ниба во „Волшебните прегратки“). Или она што не успеала докрај да го каже Костадиновска преку зборот, тоа го допишуваат Филиповска и Ниба преку цртежот (а понекогаш и испишуват и некоја своја ликовна визура спротивна од текстовната на Костадиновска). Во тој поглед илустрациите се обидуваат да го фата ритамот на самата приказна-текст. Всушност сликите го толкуваат, го дообјаснуваат текстот. Затоа врз илустраторот паѓа голема одговорност. Илустраторот преку своите симболи, бои, црти/линии треба да го изрази она што детето може да го разбере, она што детето ќе го привлече кон тој свет, како и она што ќе ја ангажира неговата свест. Во тој поглед, илустраторот не треба да биде само добар ликовен уметник туку треба добро да го познава магичниот свет на детето, неговиот свет полн со фантазии, но и да ги познава сите таинствени светови што живеат во самото дете (да претпоставува што сè може да протрча во неговата глава и да прелета низ неговата душа). Младиот слушател, а потоа и читател не ја бара сликата само заради некакво естетско уживање туку и затоа што кон сликата сака да се однесува активно. Во тој поглед илустрациите на Александра Филиповска (особено на корицата) алудираат на сите детски игри кои се играат преку подредувањето на коцки и играчки и на тој начин тие ја надополнуваат приказната за создавањето на едно најново кралство опкружено со езерото Добро, кралство со најубавото училиште изградено врз оној граден-недограден замок во кој претходно живееше Лошотилук. Од друга страна, илустрациите на Иванка Ниба, го озрачуваат/ го осончуваат секое дете и така заедно со приказната (текстот) како да го прегрнуваат. Волшебните прегратки прегрнуваат исто толку силна и илустративно како и текстуално.

Двете приказни имаат „среќен крај“. И во тој поглед, Костадиновска останува на ниво на народната приказна. Затоа, кога ќе се совлада сиот лошотилук, Костадиновска им дозволува на Хана и Фран да го создадат и новото кралство на среќата. Кога Мила со прегратка ќе одговари на прегратката на Ведран, тогаш детето-слушател и детето-читател доаѓа до сознанието дека прегратките се волшебни само кога се заемни. Така и едната и другата приказна се допираат до антрополошките праоснови, до она што е заедничко за различните култури – за среќата како смисла на животот.

„Кралот Лошотилук со Лошотилчињата го бара богатството што не постои под бодликавата ограда. Да се фатиме сите за рачиња и да направиме ние ограда од пријателства околу замоков. Така што, Лошотилук никогаш нема да може повторно да влезе внатре“, вели Фран (2020: 47-48)

Марија Костадиновска успеава многу вешто големите пораки да ги вткае во суптилната слика за онаа нова ограда од пријателства околу замокот која асоцира на некогашните игри што заборавивме да ги играме/ што заборавија да ги играат денешните деца од типот „Балонот се надува…“ или „Шири, шири, весели пешкири…“, како и во оние силни посакувања да ни се вратат прегратките кои, ете, последниве години и не можевме/ не смеевме така лесно и дарежливо да (си) ги подаруваме:

„Ведран ја почувствува силната прегратка. Ја почувствува толку силно што тагата од неговото срце веднаш исчезна, а лицето му доби блага насмевка.

Па, затоа и тој ја прегрна Мила, возвраќајќи ѝ со исто таква силна прегратка. Тагата волшебно исчезна во ситиот миг.“ (2021: 48)

А како точно завршуваат овие две приказни од Марија Костадиновска? Е, тоа ќе треба вие самите да го откриете.

Тагови од објавата
More from Весна Мојсова - Чепишевска
МЛАДЕШКА ИСПОВЕД НИЗ ТЕМНАТА ДРАМА НА ГРДОТО
Елена Феранте. Лажливиот живот на возрасните. Скопје: Три, 2023
Повеќе
0 replies on “И ВИСТИНСКИ ПРИКАЗНИ И ВОЛШЕБНИ ПРЕГРАТКИ ЗА СЕКОЕ ДЕТЕ”