КАЛВИНОВАТА КРЕАТИВНА „ИЗНЕВЕРА“ НА НАРОДНОТО КАЖУВАЊЕ

За книгата „Италијански приказни“ од Итало Калвино (превод Радица Никодиновска, Скопје: ТРИ, 2022)

Kултни „Италијански приказни“ (Fiabe Italiane)[1] од Итало Калвино собрани на нешто помалку од 1000 страници еве ги и на македонски. Со возбуда им пристапувам и веднаш тргнувам по својата потрага на познатата приказна „Лажната баба“ која ја пронаоѓам, но и гледам дека е од областа Абруцо (2022: 543-545). Имено, за неа знам посредно и за неа зборувам и ги поучувам студентите на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во рамките на предметот Книжевноста за деца 1 (кој ја третира светската/европската книжевност за деца). Така, секогаш кога зборуваме за варијациите на познатата „Црвенкапа“, литерарно обработена во збирката „Приказни од дамнината“ на Шарл Перо[2], ја споменуваме и оваа, но за неа (како информација, како тема, како варијација) дознаваме посредно (преку англискиот јазик). За разлика од останатите седум сказни кои се вклучени во оваа збирка на Перо, потеклото на оваа сказна се врзува исклучиво за Франција и нема книжевни претходници во други дела. Запишана е првпат во 1697 година, откако Перо ќе ја адаптира верзијата што ја слушал од дадилката на неговиот син. Во оваа првична верзија, волкот пред да ја изеде Црвенкапа ја кани на вечера која се состои од остатоците на бабата. Верзијата што ни е нам најпозната и којашто најчесто се прераскажува, е онаа што ја запишале браќата Грим во „Приказни за децата и целото семејство“[3].

Ама, еве ни ја сега помакедончената „Лажната баба“ за која е виновна токму Радица Никодиновска, исклучителната и неуморна преведувачка од италијански на македонски. Згора на сè, ова е прв превод на сите 200 приказни на некои од јазиците во регионов, така што оваа преведувачка мисија на Никодиновска е вистински подвиг. Благодарение на Никодиновска отсега оваа приказна (како и останатите 199) можеме не само да ја читаме, туку и да ја употребиме за некои свои книжевни и културолошки анализи и споредби.

Згора на сè, прелистувајќи ја и читајќи книгата „Италијански приказни“, случајно ја наоѓам и приказната „Волкот и трите сестри“ (од областа Лаго ди Гарда) која е еден вид варијација и на „Лажната баба“ и, секако, и на „Црвенкапа“, па и на некои други приказни запишани од нашиот Марко Цепенков.

И еве еден мал вовед зошто за македонската мала култура овој превод на 200-те италијански приказни е голем настан. Имено, Итало Калвино (1923-1985) на почетокот на 50-тите години на минатиот век добива задача од италијанската издавачка куќа „Еинауди“ да направи збирка од италијански народни приказни од сите региони на Италија. Зад нашиот Цепенко не стои некоја издавачка куќа, нему никој не му дава задача, ама ете, страста што го води кон раскажувањето успева да направи од него најголем македонски раскажувач на 19-от век. Од друга, страна, воопшто не е случајно зошто од толку многуте големи раскажувачки имиња токму Калвино како еден од најистакнатите современи италијански раскажувачи ја добива оваа работа. Неговиот предизвик како приредувач  бил да го преработи и препрочита материјалот од претходните собирачи на италијански народни сказни („Пентамерон“ на Џанбатиста Базиле, „Италијански народни приказни“ на Доменико Компарети и секако оние на кои најмногу се повикува самиот Калвино: „Шеесет народни новели од областа Монтале“ од Герардо Неручи и „Сказни, новели и народни сицилијански приказни“ од Џузепе Питрè).

Калвино и немал така лесна задача зашто требало да направи селекција на најдобрите од сите региони на Италија и да му ги предаде на современиот читател на современ италијански јазик во една единствена антологија на италијанската приказна/сказна. Во периодот кога започнува овој проект, Калвино има чест да работи со неколку експерти од областа на фолкорот, инаку блиски соработници на издавачката куќа „Еинауди“, како Џузепе Кокјара, Џузепе Видоси, Паоло Тоски и Ернесто Де Мартино. Но, веднаш по започнувањето на проектот, тројцата експерти, со исклучок на Кокјара, предлагаат филолошки и научен пристап во методологијата на работа и кога тој не се прифаќа истата ја напуштаат. Така, Де Мартино смета дека текстовите треба да се пренесуваат верно, за да се истакне нивната вредност на историски документ. Тој инсистира на нив да се гледа исклучиво како на етничко-културно сведоштво. Ова не било замисла на „Еинауди“ која сакала да создаде антологија на сказни во која ќе ужива пошироката публика и која ќе биде една лесно читлива и допадлива збирка на народни приказни. Впрочем, и самиот Калвино го посакувал истото, а тоа е да им овозможи пристап до фантастичниот свет на текстовите напишани на дијалект на сите италијански читатели (а потоа и преку преводот од италијански на други јазици и на странските читатели).

Најделикатниот проблем со кој се соочува Калвино се однесува на самиот превод на сказните и на интервенциите кој тој ги прави. Затоа Калвино во својата работа се надоврзува на она што го (за)почнаа браќата Грим. Тој прави избор од морето сказни барајќи ги најоригиналните, најретките и најубавите (како што тоа го прави и нашиот Цепенков одбирајќи ги од морето на оние што ги чул и споделувајќи го со читателите како што е приказната за Силјан Штркот или онаа за Дуња Ѓузели), ги адаптира/преведува на стандарден италијански и истовремено ги збогатува со сопствената /личната интервенција. Во тој поглед Калвино постапува како и нашиот Цепенков т.е. им пристапува на сказните од аспект на својата вокација – писателска, а не од спект на вокацијата на фолклорист. Така што, нашиот помалку познат Цепенков стои рамо до рамо до популарниот Калвино, иако неговата собирачка и уредувачка/адаптирачка работа се случува кон крајот на XIX век поточно на преминот од XIX кон XX век или скоро пола век пред онаа собирачка и уредувачка/адаптирачка работа на Калвино.

И двајцата ја прават онаа позната, според Конески, креативна „изневера“ на народното кажување. Постапката на Цепенков – да не запишува директно од својот информатор, туку чуеното да го носи во/со себе и потоа да го пресоздава на свој/автентичен начин, стилизирајќи ја притоа приказната до една наполно индивидуална креација – најпрвин е оценета како своевидна фолклористичка ерес. Со таква квалификација на ерес се соочува и Калвино кога сите соработници го напуштаат и го оставаат сосема сам во спроведувањето на идеја за современа форма на народната италијанска сказна. А вистинското толкување на ваквата Цепенкова постапка го дава Блаже Конески во предговорната студија во книгата „Сказни и сторенија“ (Скопје: 1954) кој смета дека Цепенков е многу повеќе од еден обичен регистратор/запишувач на народните умотворби. Впрочем, каков што е и Калвино!

За разлика од Калвино кој претпочита „кумулација“, Цепенков претпочита „ретардација“. Цепенков свесно манипулира со истата, сметајќи ја за блиска до народниот бит. Кај Калвино описот не е никогаш повторлив, а хиперболата е умерена, што не е случај кај Цепенков. Еве ни можност сето ова и детално и стручно да го покажеме преку компаративно исчитување на приказни од Калвино и од Цепенков. Зашто и Калвино и Цепенков се обидуваат да ја приближат народната приказна до авторската, но и дека и двајцата се цврсто уверени, како што велеше Цепенков, дека „мали приказни голем ум даваат“.

[1] Книгата беше промовира на Саемот на книгата на 6 мај 2022.

[2] Најраната печатена верзија е позната како „Le Petit Chaperon Rouge“ и е вклучена во колекцијата „Басни и приказни од минатото со морал. Приказни на мајката Гуска“ („Histoires et du Temps contes du tepms passé, avec des moralités. Contes de ma l’Mere Oye“) и како што навестува самиот наслов, оваа верзија е и повеќе застрашувачка и поотворено проповеда отколку оние подоцнежните.

[3] Иако нема писмени форми на приказна што ѝ претходи на онаа на Перо, нејзиното потекло може да се поврзе со некои усни верзии од различни европски земји, од кои повеќето, веројатно, им претходат на оние од XVII век. Се вели дека варијанти на приказната за Црвенкапа се кажувани од страна на француските селани уште во XIV век, како и во Италија, каде што постојат голем број верзии, вклучувајќи ја и „La finta nonna“ (приказната за лажната баба). Исто така, можно е оваа рана приказна да има корени во многу слични ориентални приказни. Во овие нејзини рани форми противникот не е секогаш волк, понекогаш е човекојадец или врколак, со што овие приказни се значајни за ловењата на врколакот во тоа време (слични на ловењата на вештерката).

Тагови од објавата
More from Весна Мојсова - Чепишевска
ВИНОЖИТОТО НА ИЛОВ СПАКУВАНО ВО ПЛАСТИЧНИ РАСКАЗИ
Кон „Пластични раскази“ - Илија Илов, Скопје: Или-или, 2018
Повеќе
0 replies on “КАЛВИНОВАТА КРЕАТИВНА „ИЗНЕВЕРА“ НА НАРОДНОТО КАЖУВАЊЕ”