Александар Прокопиев
Александар Прокопиев (1953, Скопје) досега објавил дваесетина прозни книги - раскази, новели, есеи и еден роман - некои од нив се преведени на светски и балкански јазици. Во 2000 Енциклопедија Британика ја истакна неговата книга хибридна проза „Антиупатства за лична употреба“ меѓу најинтересните годишни изданија од Југоисточна Европа, 2011. за збирката бајки за возрасни „Човечулец“ ја доби угледната награда „Балканика“, 2022. во најновата едиција на обемната, реномирана историја на европските книжевности „Les Lettres Europeennes“ неговата проза се анализира во поглавјето „Тенденции и современи фигури 1989-2021“, споредувајќи ја со нарацијата на инвентивните раскажувачи како Бартелми, Калвино... Освен во создавањето проза, Прокопиев бил активен и во уште некои креативни полиња - се занимавал со рокенрол, алтернативен театар, пишувал хаику, бил сценарист на стрипови, квизови, анимирани филмови. Работел и сѐ уште предава на докторските културолошки студии при Институтот за македонска литература во Скопје.