СЛИКИ ОД МОИТЕ БЕЛГРАДСКИ ГОДИНИ, 1

Освен Црњански и Киш, студентските години во Белград ми откриваа уште еден писател.

Белград од почетокот до крајот на седумдесетите, кога студирав и живеев во него, беше вистинска метропола. Денес е значително поголем и со зголемен број жители, но што се однесува до културата, Белград тогаш беше меѓу водечките европски престолнини. Во таа смисла, навистина имав среќа – културната клима на Белград во седумдесеттите како да беше создадена за љубопитен студент – Фест, Битеф, Бемус, големиот џез фестивал… а и книжевниот живот постојано нудеше предизвикувачки книги и настани. Стариот, но брзозборен и брзодвижен Црњански, пред неколку години вратен од лондонскиот изгон, магнетно ги привлекуваше студентите во препонетата аула на Филолошкиот факултет, како и слушателите пред радијата и транзисторите за време на неговите ноќни радио-разговори. Неговиот „Роман за Лондон“ го прочитав за 24 деноноќни часа во својата студентска собичка во „Пролетерских бригада“, во зграда наспроти музејот на Никола Тесла. Потоа, топол од несон и возбуда, продолжив да дискутирам за книгата со својот газда Јовица Галиќ, четврт век постар од мене, кој, невообичаено за неговиот мирен начин на излагање, внесено ми раскажуваше анегдоти од богатиот, скитачки живот на Црњански. Загадочната смрт на Црњански, во доцна есен 77., кога писателот решил да не се храни повеќе, да не прима лекови, ги држел очите затворени и набргу умрел, ги направи очевидноста и мистериозноста на неговото живеење уште позаплеткани. Како авторот на „Дневникот за Чарноевиќ“ и „Селидбите“ да го финишира преселничкиот живот доследно на својата тврдоглава, самотничка природа.
Во моите белградски книжевни запознавања, но и своевидни среќавања, е вткаена уште една исклучителна книжевна личност – онаа ха Данило Киш. „Раните јадови“ ги прочитав како гимназијалец, „Песочник“ како бруцош, па затоа, навикнат на неговата шулцовска интимна потрага, „Гробницата за Борис Давидович“ за разлика од претходните две прочитани книги, не ја примив „од прва“. Беше сурова и мрачна, дури и за читател, апсолвент по компаратива навикнат на најразлични лектирни искуства, до крај ја оголуваше бруталноста на тоталитарниот режим врз затечениот поединец, но за разлика од делата на Шаламов и Солжењицин, фактографијата на сведокот беше надополнета со занаетската умешност на книжевен мајстор. Почна бурната полемика околу божемното плагијаторство што го поттикна создавањето на „Часот по анатомија“, крајно остроумна вивисекција на првинцијалната книжевна завист. За студентите по компаратива, книгите на Киш беа омилено четиво, ги зборувавме и дискутиравме нашите впечатоци од прочитаното со очигледна приврзаност. За таа приврзаност имаше и причина повеќе. Како прв и со високи оценки дипломиран студент по компаративна книжевност, Киш беше фигура што го хранеше имиџот на нашата група, а кога, на петочните средби во Таковска, каде се собираа некогашните и сегашните студенти и наставниците, тој лично ќе се појавеше, висок, со густата кадрава коса со подолги бакембарди и светли, интелигентни очи поставени близу до изразениот нос, верувам дека сите присутни ги заплиснуваше бран на одобрување.

Еднаш, пред утринските предавања, на Факултетот не дочека вест дека сношти, во Клубот на книжевниците во Француска 7, Киш имал остра кавга, „тепачка“, довикуваа некои. Веднаш, не сочекувајќи го предавањето, се стрчавме кон Клубот. Испотени и прилично гласни, се втурнавне во инаку за нас екслузивниот простор, во којшто влегувавме тивко и несмасно, со прашања „дали тој е добро?“, „што му се случило сношти?“. Ништо, ништо, малку пожестока расправија, ни објасни келнерот, но сега се е во ред. Во клубот, ретките гости мирно го сркаа утринското кафе.
Испадна сепак дека не било „ништо“. Набргу, Киш замина во своеволен егзил во Франција. Неколку години подоцна имав уште една, крајно невообичаена, париска телефонска средба со него, што ја опишав во расказот „Фото финиш“. Како и со Црњански, така и со Киш, тие миговни средби совршено се вклопија во моите доживувања на нивните книги.
Неколку децении по нивното заминување од овоземниот живот и надмоќното втоличување во книжевноста, ми беше понудено да учествувам со свои раскази во две книги одбрани текстови, каде двајцата големи писатели стануваат книжевни јунаци – „Патникот од далечното небо“ и „Раскази за Данило Киш“. На тој начин, ја потврдив, барем во мене, својата почит и љубов кон нивното дело, но и кон нивните неповторливи, силни, несовршени човечки судбини..
Освен Црњански и Киш, студентските години во Белград ми откриваа уште еден писател, чија проза, во осмата деценија на минатиот век, за разлика од онаа на претходните двајца, се уште беше во (полу)сенка. До тогаш имаше објавено само една збирка раскази, „Коњите на свети Марко“, што кај ретките, главно млади читатели и писатели со постмодернистички настроенија предизвика одреден интерес, но во пошироката книжевна јавност, Милорад Павиќ беше познат пред се како професор по српска барокна книжевност што ја предаваше на Филозофскиот факултет во Нови Сад.
Во седумдесетите, белградскиот Дом омладине, после С.К.Ц. (Студентскиот културен центар) беше едно од попосетуваните места со жива, разиграна понуда, што ги привлекуваше младите кинофили, рок-фанови, љубители на фотографија… Во Домот, освен големите, имаше, на вториот и третиот кат, помали сали, со педесетина места, за предавања и книжевни вечери. На почетокот на студиите, особено додека не ме заразија пишувањето и рокенролот, често ги посетував тие промоции. И тогаш за прв пат го видов Павиќ во живо.
Колку што можам да се сетам, затоа што сликата за неговиот тогашен изглед ми се меша со оние подоцнешните, со лулето и барзоите, кога стана култен писател, знам дека и тогаш имаше мустаќи, а мислам дека елекот што го носеше под оделото беше во посветла боја. Салата во која Павиќ го одржа предавањето не беше исполнета, но набргу успеа да ги заведе триесетината слушатели Не се сеќавам точно ни за кого зборуваше, за Орфелин, за Мркаљ, или за Кодер, или за сите нив, имиња што тогаш ми беа непознати, но со такви богати (барокни) реченици, низ кои знаењето го пласираше пластично и убедливо.
При крајот на мојот белградски престој, се објави втората книга раскази на Павиќ, „Рускиот хрт“ (што сепак потврдува дека уште тогаш го милуваше барзојот), а прочуениот „Хазарски речник“, омилениот постмодерен роман-лексикон што ги опчини читателите ширум светот, во 1984., кога штотуку се вратив од париската стипендија во Скопје. Меѓу бројните доживувања од Париз, едни од највпечатливите беа средбите со двајца големи Аргентинци, Борхес и Кортасар, кои, независно еден од друг, имаа свои преставувања, за кои тогаш запишав:„Борхес на College de France, наспроти три преполни полукруга од обожаватели – првиот, во големиот амфитеатар, вториот, во ходниците околу салата, третиот, во дворот. Се наоѓав во вториот полукруг на маѓепсаната публика: и покрај остроумните, итри духовитости, неподвижниот анфас на 85-годишната сфинга од видео-бимот ми наликуваше на некоја зголемена фотографија од некоја енциклопедија. А на бината театарот Пале Роајал, убаво, мажествено лице со темна кожа и побелена брада на телото на издолжен сангвиник“. Очигледно, се уште сум бил под големо влијание на латиноамериканскиот книжевен „бум“, а и во Студентскиот град запознав неколкумина дружељубиви млади Јужноамериканци кои на најспонтан начин ми ја потврдуваа нивната континентална поврзаност.

Само неколку месеци по повратокот од Париз, го дочекав свежото издание на „Хазарскиот речник“
Ми се чини не е случајно што ремек-делото на Павиќ го поврзав со неговата научна страст кон барокот и од друга страна, со, во тоа време, поетичката и читателска доминација на јужноамериканската, особено борхесовска проза. Онеобичувачкиот стил и лексика на „Хазарскиот речник“ должат многу на барокното нелинеарното, заплеткано раскажување и виртуозност. Од друга страна, во целата раскажувачка раскош на „Хазарскиот речник“ е видлива борхесовската прецизност во зачудувачкиот, мистичен ефект врз читателот, што во времето на неговото појавување занесе бројна, одушевена публика.
Токму врз читателското искуство со големите Јужноамериканци, сопствениот пример ми кажува како се менува читателскиот вкус кон саканата книга или писател. Едно е кога книгата се чита во третата деценија од животот, а сосем друго во седмата. Во она време, книгите на Борхес, Кортасар, Маркес и Сабато беа мојата омилена лектира, буквално кажано бев опиен од нивната раскажувачка магија. Потоа, со годините, младешкиот избор по сродност што ми се чинеше речиси неприкосновен, почна да се разнишува – најпрвин, од листата на омилените, испадна оној што владееше со светот на „интелигентните“ читатели кои претендираа да станат учени. Борхес. Како постмодернистичкиот клуч да го заклуча во еден премногу тврд книжевен канон што не ми даваше читателски да го извлечам од него. Кон авторот на „Куцкамен“ и особено кон некои негови раскази се уште силно ме привлекува нивната разиграност (за разлика од вкалапувањето на Борхес), но со годините и таа живост како да ми станува некако предвидлива. Сабато, кој и порано, во квартетот „за сите времиња“ го заземаше четвртото место, остана таму, солиден и во препрочитувањата. Испаѓа дека само „Сто години самотија“, толку фалениот Маркесов роман, остана високо вреднуван во мојот читателски свет, како едно од неприкосновените ремек-дела на литературата на 20 век.
И во однос на делата на тројцата големи српски автори – Црњански, Киш и Павиќ – денес, кога делумно им се навраќам, ги читам поинаку од порано. Кон Павиќ, чие „Друго тело“ неодамна го преведував, ми се чини дека судот на времето е најстрог. Се разбира, уникатноста на „Хазарскиот речник“ и денес е иницијално впечатлива, но по него, Павиќ пластеше книга по книга и во тој брз творечки ритам, знаеше маниристички да се повторува. „Пределот сликан со чај“ и неговите раскази и денес ги читам со задоволство, не осеќајќи го оној борхесовскиот синдром што е видлив во неговите подоцнешни дела – да се копираш самиот себе во се побледи копии.
Препрочитувајќи го пак „Песочник“ („Песочниот часовник“) на Киш, не се оддалечив многу од бруцошката внесеност во оној специфичен раскажувачки шарм карактеристичен за исклучителните средноевропски писатели. Подоцнешните дела, вклучувајќи ја и „Енциклопедија на мртвите“ заведуваат со самодисциплината и историската свесност во пишувањето, и денес пред читателите ја актуелизираат неговата писателска и интелектуална моќ.
Но за мене, делата на Црњански и натаму се крајно возбудливо четиво, во кое постојано откривам нови деталји. Можеби најмалку во спомнатиот „Роман за Лондон“, но затоа „Селидбите“, патеписите, па и „Дневникот за Чарноевиќ“ се уште го обновуваат моето читателско задоволство со својата непресушна слоевитост и свежост.

Тагови од објавата
More from Александар Прокопиев
С И Т У А Ц И И
Пилотот бавно се качува по скалите, се премислува пред секој чекор.
Повеќе
0 replies on “СЛИКИ ОД МОИТЕ БЕЛГРАДСКИ ГОДИНИ, 1”