Македонија за мене има една необична топлина

Македонија ја запознав преку мојот дечко, кој е Македонец, така што неговите омилени места, вкусови и мелодии во земјата станаа и мои омилени.

ana

ДОМА

Зошто во Македонија сум како дома исто како таму од каде што доаѓам?

Македонија ја запознав преку мојот дечко, кој е Македонец, така што неговите омилени места, вкусови и мелодии во земјата станаа и мои омилени. Заедно ја прошетавме земјата и откривме многу волшебни места. Јас, всушност, немам дом, бидејќи веќе со години живеам номадски живот, но имам три места каде што се чувствувам како дома. Едното е Москва, другото Белград, а третото Скопје.

ШЕТАМ

Кое место е најубаво?

Многу е тешко да се избере само едно место. Ја сакам тажната убавина на Мариово, црквата во Штавица со паднатиот крст, подигната на карпа што изгледа како некојси „фикир баир“. Ги сакам панорамата на Галичник и „месечинските“ пејзажи на патот накај селото. „Вестерновската“ атмосфера на прилепскиот крај. Тишината и мирот на манастирот „Св. Преображение“ во Зрзе. Чистото синило на Охридското Езеро.

Зрзе

ХРАНА

Од храна секогаш нарачувам…?

Вегетаријанка сум и сакам здрава храна, тако што, искрено, за мене во балканските кујни има малку вкусни јадења. Сакам гравче и домашен ајвар. Секогаш пијам боза од „Апче“ кога сум во Скопје и не пропуштам мекици со кисело млеко на Стража кога патувам накај Охрид.

УМЕТНОСТ

Уметничко дело што ќе го паметам барем едно дваесет години…?

Ќе ја паметам песната „Единствената вистина“ од Никола Маџиров додека сум жива или барем додека имам лева рака, на која имам тетоважа инспирирана од стиховите од таа песна:

зашто не живеам во плановите
за поделба на улиците и небата
и ме нема во соновите на водачите и
ноќните стражари. Ветерница сум што гледа кон сонцето.

Охридско Езеро

АВАНТУРА

Највозбудливата случка во Македонија?

Еднаш со мојот дечко отидовме во Небрегово, родното село на Блаже Конески. Местото изгледа како да е од некаков вестерн, со прашина на патиштата, со ритчиња од едната и од другата страна, со ниту една душа наоколу – само осамени дрвја и магариња.

Кога влеговме во селото, видовме човек и го запревме автомобилот за да го прашаме каде е куќата на Блаже. Тој во истиот миг ни влезе во него, најпрвин ни го испи сокот, а потоа почна да мрмори: „Вози! Вози! Прилеп! Прилеп!“ Дечкото да ти бил селска будалетинка. Нѐ „прошета“ низ селото, притоа цело време ги гаѓаше селските кучиња со камења за да не лаат по нас – изгледа нѐ доживеал како свои гости. И цело време повторуваше дека заедно ќе одиме во Прилеп. Немавме срце да му кажеме дека нема да го возиме до Прилеп, а и не знам дали би разбрал. Му избегавме. Свртевме еден круг околу селската црква, демек ја разгледуваме, и кога дечкото малку заостана, ние потрчавме накај автомобилот најбргу што можевме. Влеговме и ги заклучивме вратите и додека го палевме автомобилот, дечкото очајно се обидуваше да влезе, но штом тргнавме, наеднаш се смири и само гледаше по нас. Беше многу смешно и многу тажно.

ЛУЃЕ

Се дружам со…?

Со роднините и со другарите на мојот дечко, но имам и неколку луѓе со кои не се гледам често, дури и не се допишуваме редовно, но ми станаа многу блиски, во себе ги нарекувам пријатели и секогаш чувствувам топлина кога и да помислам на нив. На пример, поетите Никола Маџиров и Владимир Мартиновски, како и отец Климент, игуменот од манастирот во Зрзе.

Соколица

СЕПАК

Што би сменила во Македонија?

Би ги тргнала спомениците од главниот град. Скопје не е многу убаво, но има единствена атмосфера. Верувам дека тој дух се развил токму во урбаниот амбиент со летниот пекол на бетонските згради, со старите автобуси, со миризбата на липи, која напролет знае да го разубави градското сивило. Новите споменици не се надоврзуваат на тој дух, да не кажам дека, едноставно, се пример за лош вкус. Чинат градот да изгледа како забавен парк.

САМО

Што е тоа што само тука го има и никаде на друго место?

Првото нешто на кое ми текнува се Струшките вечери на поезијата, неповторливата атмосфера кога во хотелот „Дрим“ се читаат стихови, а на стотина метри деца скокаат во реката од Мостот на поезијата. 🙂

Македонија за мене има една необична топлина. Има шаренило, преплетување на различни култури и традиции, како шарено ткаење, и сето тоа со совршена хармонија и автентичност.

Ана Ростокина е руска поетеса и преведувач, преведува современа македонска поезија на руски и на српски.

Фотографиите со кои што е илустриран текстот се на Ана Ростокина.

Автор на фотографијата на Ростокина е Владимир Илиќ.

Тагови од објавата
, ,
Напишано од
More from РЕПЕР
Уште три примери на чести јазични грешки
Во овој број ви претставуваме уште три чести јазични грешки.
Повеќе
Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *