Три примери на чести јазични грешки

Во овој број ви претставуваме три чести јазични грешки.

СЛЕДИ – СЛЕДУВА

Неправилно: Филмот следи веднаш по рекламите.
Иако глаголите следи и следува имаат различно значење, во практиката често се греши при нивната употреба, односно следи многу често се употребува наместо следува.
Глаголот следи во македонскиот јазик ги има следните значења: ’оди по некого или по нешто‘; ’набљудува нешто што се движи‘; ’набљудува нечија дејност‘; ’се интересира за развојот на нешто‘; ’се угледува на некого, на нечии постапки‘; ’оди по нечии траги‘. Значи, тој може да се употребува во примери како следниот: Секогаш кога се враќам од работа, имам чувство дека некој ме следи.
Следува, пак, ги има овие значења: ’се наоѓа или доаѓа непосредно по некого или по нешто‘ и ’произлегува од нешто‘. Оттаму, во горенаведениот пример треба да се употреби следува, а не следи: Филмот следува веднаш по рекламите.

СТРАНА – СТРАНИЦА

Неправилно: Отворете на последната страна.
Друг пример е неправилната употреба на страна наместо страница.
Светот има четири страни (исток, запад, север, југ), страна е местото што се наоѓа оддесно или одлево, однапред или одзади на нешто, страна е правата линија што ги заградува геометриските фигури (квадратот има четири страни), а под страна се подразбира и нечие гледиште, став или аспект (од негова страна тоа е сосема нормално).
Меѓутоа, во книгите, во тетратките и во весниците, како и на интернет, има страници, а не страни. Значи, наведениот пример правилно гласи: Отворете на последната страница.

ПОЛА – ПОЛОВИНА

Неправилно: Немаше научено ни пола од материјалот.
Уште една честа грешка во секојдневната комуникација.
Пола е архаичен збор во македонскиот јазик и обично го означува долниот преден дел од женска долга облека на преклопување, нешто слично на здолниште.
Делот од определено количество што се добива со делење со два е половина, е не пола, што значи дека половина е коректниот збор во примерот погоре: Немаше научено ни половина од материјалот.

Вклучете се и вие во нашата рубрика, пишете ни на mak.katce@gmail.com.

Напишано од
More from РЕПЕР
Три куси осврти кон „Времето ќе ја истресе тишината“ од Мане Манушев
Моќта на поезијата отсекогаш сум ја доживувал како нешто длабоко. Со само...
Повеќе
Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *