Брик Лејн

Книгата е објавена со поддршка на Европската комисија во 2014 година.

Книга на месецот април

Час и четириесет и пет минути пред да започне животот на Назнин – а започна, како што и долго ќе продолжи, односно неизвесно – мајка ѝ Рупбан почувствува како железна тупаница ѝ го стега стомакот. Рупбан клечеше на нискиот триножник пред бараката од кујната. Кубеше кокошка зашто беа дошле роднините на Хамид од Џесор и требаше да има гозба. „Пили-пили, ама си стара и жилава“, рече и ѝ се обрати на птицата по име, како и секогаш, „ама ќе те јадам, па макар и со киселиниве. А утре ќе јадам само варен ориз, без парата[1]“.

Искуба уште неколку пердуви и гледаше како ѝ лебдат околу прстите на нозете. „Оооф“, рече. „Оооф. Оооф“. Нешто ѝ се случуваше. Седум месеци зрееше, како манго на дрво. Само седум месеци. Го пренебрегна она што ѝ се случуваше. Некое време, час и половина, иако не беше свесна, дури мажите не се вратија од поле, носејќи прав со себе и шлапајќи се по мевовите, Рупбан грчовито го држеше млитавиот и ковчест врат на Пили-пили и само одговараше сега, сега на сите прашања во врска со птицата. Сенките на децата што си играа со скокалчиња и се тепаа се издолжуваа и се зашилуваа. Над имотот се ширеше мирис на пржен ким и на кардамом. Козите пискливо и кревко мекаа. Рупбан вресна на цел глас.

Хамид дотрча од нужникот, иако не беше завршил работа. Претрча низ бавчата, покрај оризовите стебленца што како кули се извишуваа повисоко и од највисоката куќа, по земјената патека што го опколуваше селото, назад кон имотот, и грабна ластегарка за да го убие човекот што ја коле жена му. Знаеше дека е таа. Кој друг може да скрши стакло со еден писок? Рупбан беше во спалната. Леглото беше послано, иако таа сè уште стоеше. Со едната рака ја држеше Мумтаз за рамо, а со другата полуискубаната кокошка.

Мумтаз му мавна на Хамид да излезе. „Бегај. Викни ја Банеса. Да не чекаш рикша? Ајде, пушти чекор“.

Банеса ја крена Назнин за едниот глужд и презирно дувна преку беззабите непца во ситното модро телце. „Не сака ни здив да земе. Има луѓе што, само за да заштедат некоја така[2], не викаат бабица“. Ја нишна ќелавата збрчкана глава. Банеса тврдеше дека има сто и дваесет години, а за тврдењето доследно се држеше веќе една деценија. Бидејќи никој во селото не се сеќаваше кога се родила и бидејќи беше посува од стар кокос, никој не се ни обидуваше да ѝ противречи. Тврдеше и дека помогнала при раѓањето на илјада бебиња, од кои само три биле сакати, две мутанти (хермафродит и грбавец), едно мртвородено и уште едно мелез-од-мајмун-и-гуштер-Господ-да-чува-и-да-брани-закопано-живо-во-далечната-шума-а-мајка-му-протерана-којзнае-каде. А Назнин, иако мртва, не можеше да се вброи меѓу овие неуспеси бидејќи се роди непосредно пред Банеса да закрцка во бараката.

„Погледни си ја ќерката“, ѝ рече Банеса на Рупбан. „Совршена во секој поглед. Ѝ недостигало само некој да ѝ го олесни доаѓањето на свет“. Ја здогледа Пили-пили спружена покрај ужалената мајка и си ги вдлабна образите; очите благо ѝ се ококорија од изгладнетиот поглед, иако ѝ беа речиси закопани во бразди. Веќе со месеци нема каснато месо, откако две девојки (требаше да ги задави штом се родија) ѝ станаа конкуренција.

„Дај да ја искапам и да ја облечам за погреб“, рече Банеса. „Се разбира, услугите ги нудам бесплатно. Можеби само кокошкана за работна рака. Гледам дека е стара и жилава“.

„Дај ми ја в раце“, рече тетка ѝ на Назнин, Мумтаз, расплакана.

„Мислев дека ме фатила жиговина“, рече Рупбан и и таа заплака.

Мумтаз ја зеде Назнин, која сè уште висеше наопаку, за глуждот, и почувствува како малечкото лизгаво телце ѝ лизнува низ раце и со квичење шлапнува врз крвавиот душек. Квичење! Плач! Рупбан ја крена и ѝ даде име пред повторно да умре безимена.

Банеса потпукнуваше со усните. Со крајот на пожолтеното сари си забриша малку плунка од брадата. „Ова се вика претсмртна агонија“, објасни. Трите жени му се внесоа на детето в лице. Назнин павташе со рачињата и пискаше, небаре можеше да ја види стравотнава глетка. Модрината почна да ѝ се губи и полека стана кафено-пурпурна. „Бог ја викна да се врати на овој свет“, рече Банеса, со згадено лице.

Мумтаз, која почнуваше да се сомнева во првичната дијагноза на Банеса, рече: „Па, нели ни ја прати пред само неколку минути? Мислиш дека секој миг се премислува?“

Банеса промрмори нешто под мустак. Ја положи раката врз градите на Назнин, со искривените прсти како корења од некое старо дрво што се пробиле надземи. „Малечката е жива, но слаба е. Имаш два избора“, рече, обраќајќи ѝ се само на Рупбан. „Може да ја одведеш в град, во болница. Ќе ѝ испозакачат жици и ќе ѝ дадат лекови. Ќе те чини ѓавол и пол. Ќе мора да го продадеш накитот. Или може да видиш што ќе стори Судбината“. Се потсврте кон Мумтаз за и неа да ја вклучи во разговорот, па пак кон Рупбан. „Се разбира, Судбината секако ќе го има завршниот збор, што и да избереш“.

„Ќе ја носиме в град“, рече Мумтаз, а образите ѝ заруменија од пркос.

Но Рупбан, која не можеше да престане да плаче, ја притискаше ќерка си до градите и нишаше со главата. „Не“, рече, „не смееме да ѝ противречиме на Судбината. Што и да биде, ќе прифатам. А моето чедо не смее залудно да троши енергија во борба против Судбината. Така ќе биде посилна“.

„Добро, значи, решено е“, рече Банеса. Се провртка уште миг-два зашто беше толку гладна што речиси би го изела и бебето, но откако Мумтаз ја погледна, се одвлечка до својот ќумез.

Хамид дојде да ја види Назнин. Беше повиена во газа за цедење сирење и лежеше на стара вреќа од јута врз собраното легло. Очите ѝ беа затворени и подуени, небаре примила два силни ударa.

„Девојче“, рече Рупбан.

„Знам. Нема врска“, рече Хамид. „Што да правиме?“ И пак си отиде.

Влезе Мумтаз со калаjна чинија со ориз, дал и пилешко кари.

„Не цица“, ѝ кажа Рупбан. „Не знае што треба да прави. Можеби ѝ е судено да умре од глад“.

Мумтаз преврте со очите. „Ќе цица изутрина. Јади сега. Или и ти ќе умреш од глад“. Ѝ се насмевна на снаата, на ситното тажно лице со цртите подредени, како и секогаш, да оплакуваат сè што се случило и сè што ќе се случи.

Но Назнин не цицаше изутрината. Ниту наредниот ден. Денот потоа ја сврте главата од пупката и испушташе звуци како да се дави. Рупбан, која беше позната плачка, не можеше да постигне со солзите. Дојдоа луѓе: тетки, чичковци, братучеди, браќа, внуци, внуки, сватови, селски жени и Банеса. Бабицата ги влечеше искривените стапала по тврдиот земјен под на бараката и зјапаше во новороденчето. „Имам слушнато за дете што не сакало да цица од мајка си, туку го доела коза“. Се насмевна и ги откри црните непца. „Се разбира, не беше некое од моите бебиња“.

Хамид намина еднаш-двапати, но ноќе спиеше надвор на лежалка. На петтиот ден, кога Рупбан против својата волја посака Судбината да побрза и да се реши веќе еднаш, Назнин така ја штипна пупката со устето што илјада врели иглички проструија низ дојката на Рупбан и ја натераа да записка од болка и од олеснувањето што ѝ следува на една добра и трпелива жена.

Книга-на-месецот-април-книга

Додека растеше, Назнин многупати ја слушна приказната за тоа „Како ѝ беше препуштена на Судбината“. Благодарение на мудрата одлука на мајка си, Назнин доживеа да порасне во внимателна девојка со широко лице, каква што беше. Борбата против Судбината ја слабее крвта. Понекогаш, или можеби најчесто, може да биде погубна. Назнин во ниту еден момент не ја оспори логиката на приказната за тоа „Како ѝ беше препуштена на Судбината“. Напротив, беше благодарна за тивката храброст на мајка си, за нејзиниот плачлив стоицизам што речиси секојдневно се пројавуваше. Хамид велеше – секогаш го вртеше погледот кога зборуваше – „Мајка ти е родена светица. Потекнува од свето семејство“. Па, кога Рупбан ја советуваше да има мирно срце и мирен ум, да ја прифати милоста Божја, кон животот да биде подеднакво рамнодушна како и тој кон неа, Назнин внимателно ја слушаше, со крупната глава зафрлена наназад, а образите спокојно виснати.

Беше комично сериозно дете.

„Како ми е златцето? Уште ти е мило што оживеа?“, велеше Мумтаз кога неколку дена немаше да ја види.

„Не можам да ти се пожалам, ниту пак да се покајам“, велеше Назнин. „Сè му кажувам на Бога“.

Она што не може да се смени мора да се истрпи. А бидејќи ништо не може да се смени, сè мора да се трпи. Животот ѝ се раководеше по ова начело. Тоа ѝ беше мантра, душевна состојба и предизвик. Па, кога на возраст од триесет и четири години, откако роди три деца и изгуби едно, кога имаше бесполезен маж и ѝ беше суден млад и напорен љубовник, кога за првпат не можеше да чека иднината да ѝ се открие, туку мораше самата да си ја создаде, се стаписа од својата претприемливост како бебе што мавта со стисната тупаница и се удира в око.

Brik

 



[1]   Вид индиско лепче без квасец [сите забелешки, доколку не е инаку наведено, се на преведувачката].

[2]  Бангладешка валута.

 

Тагови од објавата
Напишано од
More from РЕПЕР
Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *