Трето писмо
Торун, без престан мислам на тебе, ти си со мене во секој момент. Ми се чини како да е помината цела вечност откако ја напуштив твојата прегратка во Фростастадир и тргнав наваму, на југ, иако тоа беше пред само нешто повеќе од еден месец.
Овде во Хетлар брат ми и јас најдовме засолниште во една мала пештера што пред илјада години во брдото ја имаат издлабено католички монаси, ирски испосници, кои по целиот исландски југ направиле пештери во кои живееле во мир и во изобилство, пред викинзите да ја населат земјата; за ова сведочи вдлабнатината во ѕидот наменета за кип на светец свртена кон пештерава. Пештерава е удобна за живеење, барем ми се чини дека во тоа треба да ве уверам тебе и сите мои блиски жени, затоа што престојот во пештери не е секојдневно доживување. На мене и на брат ми Торстејн тоа дури ни е и малку смешно, а и знам дека моите непријатели од север, кога ќе слушнат за ова, ќе се ситат и ќе ја искористат можноста да ме озборуваат и да раскажуваат приказни за мене, така што, те молам, ако некој нѐ спомне нас, браќата, слободно кажи му дека животариме во пештера на југ, па нека им е мило на душичката.
Или, пак, можеби гласовите се стишиле?
Торстејн и јас оваа зима ќе дадеме сѐ од себе да изградиме куќа и да го средиме имотот, да се подготвиме за твоето доаѓање во долината Мирдалур следната пролет. Дотогаш оваа пештера ќе ни биде засолниште. Во неа го слушаме татнежот на брановите од крајбрежјето, Катла редовно ни ги тресе подот и ѕидовите, над нас постојано има мрачни облаци од ерупцијата, непостојаноста без престан ме потсетува на Творецот, на неговата волја и сила. Овде добро ми оди пишувањето, ништо не ни недостига, уште повеќе, имаме свој мир, добро ни е, но тебе те нема и тоа ми е тешко, целото наше чиракување не служи речиси за ништо и малку полза има од него.
Ситуацијата во Рејнискверфиј е страшна и разуздана. За тоа веќе сме слушале и сме читале. Но повеќето жители во Мирдалур имаат трпение со моето пелтечење. Старата рана на ногата ми се отвори кога поминувавме преку Кјолур, таму конвулзијата на земјата во земјотресот ме исфрли од коњот, па сѐ уште куцам по падот, особено наутро кога ќе станам. Понекогаш морам да користам и стап. Веднаш почнавме да ја длабиме пештерата, сместена е во карпа од туф што се протега до заливот, и работата ни беше лесна и едноставна, доволен ни беше железен лост. Торстејн издлаби и како полици по ѕидовите за на нив да си ги ставаме работите. Јас на самото дно од пештерата исклесав мала купола со лак во римски стил а таму ставив и кревет, клупа и столче. Сега тука седам пишувајќи ти ја оваа своја tristia melancolica. Торстејн седи покрај влезот на пештерата, кој го затворивме со камења и на него поставивме врата и прозорец. Пештерата гледа на рејнировото крајбрежје и светскиот океан.
Кога јас, Божји слуга, без леб и без пари, го дадов својот беден благослов на нашево прибежиште, се пристори како заливот да фрли сјај врз темнината што овде цел ден притиска одозгора / од водата / во пештерата / по сите ѕидови летаат светли бранови. И Торстејн го виде сето тоа и мораше да им поверува на своите очи и уши, иако тоа ретко му се случува. Беше очигледно дека „таа шеста зима, спас за нашите маки се појави од морската шир, а не од копното“, така Торстејн зборуваше како древен мудрец, што ме потсети дека Исус бил и рибар и столар. Се согласуваш ли, Торун, дека тоа се најблагородните занимања и совршен пример?
Овде на брегот има изобилство од поплавени дрвја. Торстејн е уметник во столарството и има златни раце, секој ден ме учи на нешто ново. На отворот од источната страна на пештерата направи рамка што се подига и се спушта. Тоа истовремено ни е и прозорец и оџак. Јажињата ги омекна со рибино масло и ги замота така што ќе може да ги користиме за подигање и спуштање на контрукцијата; изгледаат како стап, кој стига сѐ до неговото легло, па така тој ја отвора и ја затвора вратата на предната страна од пештерата. Со тој стап, Торстејн може лежејќи да ги надгледува огнот, топлината, чистотата на воздухот и влагата во пештерата. Со таа негова, јас би рекол вродена вештина, можеме да го одржуваме огнот и дење и ноќе. Имаме доста дрва за огрев, но Торстејн понекогаш сака да запали и морска трева, а и ѓубре од брегот, како што прават луѓето во Ејрарбаки, го сака тој мирис и вели дека е христијански; вели дека „од чадот бегаат ѓаволи и гадници“.
Имаме многу книги, иако само една ни е доволна, затоа што Божјиот збор никогаш доволно не може да се прочит и да се научи; добро, да кажеме дека две се доволни, јас не можам без Законикот на Јон. Книгите секогаш претставуваат товар при патувањата и добро ни дојде што имавме коњ да ги носи, го нарекувавме книжевна бестија. Огнот ни дава доволно светлина, а освен тоа си имаме и секој своја ламба, за кои е доволно рибиното масло што го има овде во околината. Од пештерата гледаме голем број китови, кои Холанѓаните ги ловат во своите убави чамци. Од тој улов се добиваат огромни количини месо и маст. Барем ние повторно би одиме во лов на китови, па би можеле да им го продаваме уловот на другите народи и да ги поштедиме од доаѓање наваму. Но тогаш не би имале можност да ги видиме тие убави странски бродови. Понекогаш доаѓаат и бродови од континентот на запад, ништо помалку опремени и совршени, местата со китоловци таму се викаат: Њујорк, Њу Џерси и Њу Бедфорд; во Новиот свет сѐ е ново. Никогаш доста од рибино масло во мрачниот свет или во овој двократен мрак што Катла го излева на нас како Божја казна. Овде сигурно би било добро да се собира китова маст, не заради заработувачка или чест, туку за да го осветлиме светов, и порано имаше потреба од тоа, но сега веќе е нужно во оваа мизерна опомена и отпор од Бога против плиткоста на човечкиот дух. Едвај да ја искажав таа своја идеја, а веќе сум тема на исмејување во приказните на селаните во округот Рејнир; духот на крајот е закопан во пепел мрк како јагленот овде во Мирдалур, моја Торун, ќе видиме каква е волјата Божја.
Во ведрите денови, погледот кон морето од ’ртот, каде што ни е пештерата, е прекрасен и погоден за набљудување на облаците и за проценување на условите за рибарење. ’Ртот со пештерата се протега кон запад во заливот Дирхолар,кој го опкружува од три страни. Тука ние двајцата браќа правиме брод од дрвата што морето ги носи на брегот. Веќе направивме мал чамец за ловење фоки, кој сега ни е најнеопходен предмет за лов. Ни текна да направиме брана од камења во каналот околу утоката, на вливот во заливот, но тој план некако ни беше јалов, на целиот остров нема посилни бранови од овие овде, кои непрестајно по свој ќеф ја вајаат земјата. Две места во близина се добри за излегување во лов, пристаништата во Рејнир и во Дирхолар, но и таму при доаѓањето чамците често се превртуваат и луѓето тонат покрај брегот.
Луѓето го избегнуваат погледот кога се распрашуваат за нашиот живот во пештерата и кога ќе го видат купот дрва што ги имаме насобрано, подредено, изрезбано. Нешто од нив користиме за изградба на куќата, а нешто за чамецот, никогаш не седиме со скрстени раце. Работа има колку сакаш. Не смеам да го запоставам своето теолошко учење; без оглед на тоа што ја загубив ѓаконската служба на север, имам намера да го завршам својот труд За светиот Божји кодекс, зашто веќе неколку дена не може ништо да се работи надвор поради пепелот што паѓа од Катла excrementum, тој вулкан така, како прдеж, ја исфрла својата смрдлива внатрешна флора во воздухот, па мора да ги покриеме носот и устата.
Нема причина да се грижиш за твоето доаѓање овде, на своја земја, на Божјата казна ѝ доаѓа крај дури и кога е заслужена, а и расипаноста меѓу селаните ќе се намали, особено овде во Мирдалур; на престапниците, кога ја чистат својата совест за да влезат во царството небесно, обично им се чини дека камшикот на правдата е престрог наспроти нивните гревови. Ќе испратам некого по тебе кога ќе помине зимата, го подигнав имотот, ќе ги осигуриме приходите, ќе даде Господ: детето ќе ни дојде на овој свет и здравјето ќе ве служи и двајцата за да можете да тргнете на пат, Катла ќе се смири, времето ќе биде убаво. Се имаме еден со друг и љубовта ќе ги победи немаштијата и неправдата. Љубовта е посилна од сѐ! Пожелно би било и Торстејн да си најде жена, иако би ми недостигал. Нешто не е задоволен од изборот овде во округов. Го прашав за тоа. Вели дека им фрлил око на ќерката на судијата, Гудридур се вика, и на уште една девојка од источната страна на плажата, Фрејкатла… очите му се како на сокол! Торстејн, како и секогаш, е пребирлив кога станува збор за госпоѓиците.