Славенка Дракулиќ – видлива жена

Куса биографија на добитничката на наградата BookStar 2018

Писателката и новинарка Славенка Дракулиќ, моминско презиме Сушањ, родена е во Риека на 4 јули 1949 година. Од 1993 година е омажена за шведскиот новинар Рихард Сварц, кој е нејзин трет маж. Мајка е на 19 години помладата Рујана Јегер, археолог по професија, своевремено новинарка и преведувачка, а денес позната хрватска колумнистка и книжевничка.
Славенка Дракулиќ во младоста била мошне бунтовна. По караницата со авторитетниот татко, офицер во ЈНА, како гимназијалка побегнала од дома во странство. Работела како дадилка, меѓутоа светот на шеесеттите, на хипиците и на слободната љубов, бил нејзин свет.
Во 1976 година на Универзитетот во Загреб ги завршила студиите по компаративна книжевност и социологија. Од 1982 до 1992 година била постојана новинарка во неделникот „Данас“ и во ревијата „Старт“. Во тој период главно пишувала на феминистички теми. Нејзиниот прв наслов – книгата новинарски текстови „Смртните гревови на феминизмот“, издадена во 1984 година, е првата феминистичка книга во Хрватска, а веројатно и во цела Источна Европа.
Нејзините дела се преведени на дваесетина јазици. Дракулиќ ја напушта Хрватска во почетокот на 1990-ите од политички причини. Во непотпишана статија од 1992 година објавена во хрватскиот „Глобус“ пет хрватски писателки се наречени „вештерки“ кои ја „силуваат“ Хрватска. Оваа статија стана светски позната а Славен Летица, познат социолог и поранешен советник на претседателот Фрањо Туѓман, подоцна признава дека тој ја напишал. Според него, овие писателки, меѓу кои и Дракулиќ, не успеале да изградат цврст став против масовните силувања како планирана воена тактика на Босанските Срби во војната против Хрватите, туку ги толкувале како злостор на „неименувани мажи“ врз жените. По објавувањето на оваа статија, Дракулиќ почнува да добива телефонски закани, а врз нејзиниот имот се вршени најразлични напади. Со мала или никаква поддршка од останатите пријатели и колеги, решава да ја напушти Хрватска.
Некое време во родната земја нејзините текстови и книги ги објавувал само „Ферал трибјун“. Сепак, таа таму редовно се враќа.
Денес е постојана соработничка на весникот „Нешн“, а нејзините текстови се објавени и во „Њу рипаблик“, „Њујорк тајмс“ и „Њујорк ривју оф букс“, „Зидојче цајтунг“, „Интернационале“, „Дагенс њухетер“, „Гардијан“, „Нешн“, „Ла стампа“, „Франкфуртер алгемајне цајтунг“, „Политикен“…
Во кампањата „Хрватска во Европска Унија, растеме заедно“ Европската комисија ја претставува Славенка Дракулиќ како позната хрватска публицистка и авторка на романите „Холограми на стравот“, „Мермерна кожа“, „Божествен глад“, „Како да ме нема“, „Фрида или за болката“, како и на пет публицистички книги – „Како го преживеавме комунизмот и дури и се смеевме“, „Балкан експрес“, „Кафе Европа“, „Тие не би згазиле ни мравка: Воените злосторства на судот во Хаг“ и „Мал водич низ Музејот на комунизмот“.
Според настани од животот на Славенка Дракулиќ режисерот Петар Креља го снимил документарецот „Славенка или за болката“, премиерно прикажан во 2011 година. Филмот зборува за нејзината потресна и тешка болест што ја загрозила кога имала 27 години, како и за одважната борба против суровата болест и за пресадувањето бубрег со кој ѝ го спасиле животот. Креља во 1984 година го снимил документарецот „Врз пример од мојот живот“, кога Славенка Дракулиќ била во многу неизвесна ситуација затоа што тогаш сѐ уште не знаела дали ќе добие бубрег.
По разводот од првиот сопруг Слободан Дракулиќ, социолог, во средината на седумдесеттите, па од вториот сопруг Мирко Илиќ, илустратор и дизајнер, во осумдесеттите, останала самохрана и болна мајка во Загреб, со ќерката Рујана, која тогаш имала 16 години. Двете ја воделе тешката борба со откажувањето на бубрезите на Славенка. Со години била на дијализа во целосна неизвесност, додека не ѝ е трансплантиран бубрег во 1986 година во Америка. Потоа почнала да пишува романи.
Во 1987 година го објавила „Холограми на стравот“. Во тој свој прв роман, автобиографски, плете потресна исповед во која го прикажува и општествениот контекст на болните на дијализа и нивните надежи за трансплантација.
Но на почетокот на деведесеттите години повторно следувале откажување на бубрег и дијализа. Ниту тогаш не ѝ се препуштила на болеста, туку, и покрај дијализата, ги следела судењата на воените злосторници во Хаг и, секако, напишала книга – „Тие не би згазиле ни мравка“. Повторно ѝ е пресаден бубрег, и тоа повторно во Америка, само овој пат, во 2004 година, од жива донаторка, а не од мртва личност. Сѐ завршило среќно, а Славенка Дракулиќ создала роман.
Во книгата „Телото на нејзиното тело“ пишува за средбите со донаторите и за тоа колку многу луѓето сакаат да направат нешто добро, иако често се чини дека е обратно. Сакала да ја разбере својата донаторка Кристин Свенсон, која ја запознала по трансплантацијата. Морала да ја праша зошто одлучила да му донира бубрег на некој туѓинец.
Во романот „Фрида или за болката“, објавен во 2007 година, исто така ја разработува трансформацијата на искуството со болест врз примери од животот на сликарката Фрида Кало, Мексиканка со германско потекло. Вниманието на јавноста го привлекол филмот од 2010 година „Како да ме нема“ (As If I’m Not There) на ирската режисерка Хуанита Вилсон. Снимен според истоимениот роман од Славенка Дракулиќ, филмот зборува за силувањата муслиманки во српските логори за време на војната во Босна. Голем дел од филмот е снимен токму во Македонија.
Живеејќи на релација Загреб – Виена – Стокхолм, Славенка Дракулиќ и нејзиниот сопруг Рихард Сварц во последно време главно пишуваат колумни и политички коментари за хрватски и странски весници.

Тагови од објавата
Напишано од
More from РЕПЕР
Сенки врз матно стакло
Расказ од Хуан Хосе Саер во превод на Фросина Стојковска. Расказот е...
Повеќе
0 replies on “Славенка Дракулиќ – видлива жена”