Трагичен микс од комични и драматични елементи, во кој социјални проблеми и комплексни морални прашања се анализирани со доза хумор.
Долгометражното првенче на Вен Мује (Wen Muye) „Dying to Survive” ја раскажува приказната на Ченг Јонг (Женг Шу/Zheng Xu), бизнисмен кој полека се претвора во филантроп додека шверцува евтини лекови за рак од Индија во Кина, наменети за пациентите кои не можат да си ги дозволат скапите оригинални лекови. На почетокот на филмот, Јонг станува лидер на шверцерската група составена од Лв Шуи кој е болен од рак (Чуан-џун Ванг/Chuan-jun Wang), администраторката на групите за комуникација помеѓу пациенти од рак Лиу Сихуи (Жуо Тан/Zhuo Tan), свештеникот Лиу кој зборува англиски (Шинминг Јанг/Xinming Yang) и најтрагичниот лик во филмот кој е модерен Робин Худ, Жолтокосиот (Ју Жанг/Yu Zhang). Во паралела на главната приказна, филмот го следи полицаецот Цао Бин (Јивеи Жоу/Yiwei Zhou) кој е растргнат помеѓу неговата задача да ја спречи илегалната трговија со лекови и личните хуманистички вредности.
Вен ја поставува основата за филмот преку првичните проблеми со кои се соочуваат петорицата неочекувани шверцери во својата борба да го воспостават бизнисот. Иако тонот е комичен, филмот намерно ги изоставува помалку релевантните чекори кон успехот на групата и претставува прецизно исткаена приказна за обидите на Јонг да пронајде баланс помеѓу сопствената желба за профит и искрената грижа за кинеските пациенти болни од рак, меѓу кои е и неговиот татко. На половина од филмот, Јонг одлучува да започне легитимен бизнис со текстил, по што ја продава нелегалната мрежа на поискусен шверцер и губи контакт со останатите од групата.
Слично на компресираниот раскажувачки пристап на почетокот на филмот, „Dying to Survive” уште еднаш се фокусира на сржта на животните приказни на главните карактери. Полицијата е блиску до притворање на шверцерите со лекови, состојбата на Лв се влошува и Јонг е повикан да се врати назад во нелегалниот бизнис и со тоа да ја спаси надежта на многу разрушени семејства на пациенти со рак. Блескавоста на успехот на шверцерската група во првиот дел е еднакво добро обработена како и комплексноста на моралните дилеми со кои се соочуваат при крајот на филмот, без притоа целиот наратив да изгледа вештачки.
Инспириран од вистинита приказна, „Dying to Survive” убедливо презентира универзално релевантни социо-економски прашања, истовремено внимавајќи да не отвори политички теми. Мултидимензионалните карактери се добро развиени и уверливи, што им овозможува на гледачите во Кина и пошироко да почувствуваат силна поврзаност со внатрешните животи на главните ликови. И покрај жанровската промена на средината од филмот, конзистентниот раскажувачки пристап и одличната глума – особено автентичноста на Женг како лидерот на шверцерската група – го прават филмот хармонично и реалистично сведоштво фокусирано на современите проблеми на пациентите кои се премногу сиромашни за да си ги дозволат потребните лекови.
Зрелоста на режисерот Вен беше наградена со голем комерцијален успех во Кина (филмот заработи 450 милиони долари), а успеа да изврши и влијание врз вистинскиот живот: Министерството за здравство во Кина ги вклучи евтините лекови за рак на листата лекови покриени од здравственото осигурување.