Авторот говори: Со или без Please

Не можев да не се насмеам на мотото на овогодинешниот Букстар – Please Do Disturb!, односно на учтивото „Ве молиме“ во наредбата што речиси никој од нас во животот не може да ја слушне, а ни да му ја каже на некого. Напротив, сите ние претпочитаме да не нѐ вознемируваат, а и од нас се бара истото. Хотелските соби наместо Please Disturb имаат знак Please Clean the Room, иако би било вознемирувачки на кваката да се закачи знакот Please Disturb, па во собата да навали не само персоналот со правосмукалка, туку и секој кој ќе помине и ќе се почувствува поканет или повикан да „вознемирува“. И собата од стаклено ѕвоно за гостинот, да се претвори во арена на реалноста.

Ама зошто и би го правеле тоа? Реалноста нѐ вознемирува и непоканета и неповикана, и, секако, без учтив тон. Реалноста нѐ урива како земјотрес, нѐ гори како пожар, нѐ разнесува како цунами, нѐ топи како санта мраз, нѐ повредува како сообраќајна несреќа, нѐ измачува како неизлечива болест, нѐ убива како војна. Стаклени ѕвона за нашиот мал, голем човечки живот не се ни продаваат повеќе, барем не толку големи за да не ѕиркаат од под него сите наши стравови, предизвици, таги, тешкотии, несреќи. Стакленото ѕвоно на Силвија Плат постепено напукнувало од сите страни не издржувајќи ја тежината на реалноста за на крајот да се распарчи сосе нејзиниот живот. Стакленото ѕвоно од сопствената соба на Вирџинија Вулф се превртело наопаку од волуменот на реката што однел сѐ што однадвор се чинело стабилно и средено, а внатре ранливо и хаотично. Рабовите на стакленото ѕвоно на Достоевски ги сечат не само ликовите во неговите романи туку и читателите кои се разболуваат идентификувајќи се со нив. Секој има свое стаклено ѕвоно под кое се води најтешката борба – внатрешната: да се скрши или не? Сама ја избрав преселбата да ми биде стаклено ѕвоно не знаејќи дека вакуумот на земјата, наследена или избрана, е ист, плус удвоен. Само кога пишувам ја имам кралемарковата сила да го поткренам ѕвоното, да се издишам и да вдишам. Воздухот е контаминиран, реалноста и не може да има чист воздух. Пишувам со белите дробови, раката е само инструмент. Пишувањето е вдишување на реалноста и издишување на новата, создадена реалност односно уметност.

Најчесто прибегнуваме кон уметноста, кон книжевноста тогаш кога сме највознемирени, од реалноста околу нас, од реалноста во нас. Во она што го читаме бараме смирение, утеха, заборав. И сето тоа го добиваме на парадоксален начин: тогаш кога она што го читаме толку многу ќе не вознемири што ќе го потисне нашиот личен немир, ќе го преобрази преку идентификацијата со она што го читаме во утеха и од книгата ќе излеземе со катарзична хармонија меѓу вознемиреноста што смирува и мирот што вознемирува.

Страдањето е поиздржливо ако знаеме дека и некој друг страда, како ликот во книгата. Кога читам добра книга, ме вознемирува конфликтот бидејќи го носам и сама во себе, со себе или со другите, сознанието од она што го читам, соочувањето што ми го нуди. Добрата книга вознемирува кога го остава читателот со прашања, а не со одговори и кога човек во неа не гледа повеќе книга, хартија со испечатени букви, туку битие слично нему.

Всушност, многумина пред нас веќе кажале дека уметноста треба да ги вознемирува зачмаените, залегнатите луѓе во удобноста на секојдневието, а да ги теши оние кои се вознемирени. Фразата „Уметноста треба да ги вознемирува смирените, а да ги теши вознемирените“ што мексиканскиот писател и активист Цезар А. Круз ја презел и ја преобликувал од новинарот Финли Питер Дан кој уште во 19-от век рекол: „Весниците треба да ги утешат измачените, а да ги вознемират смирените“, ја презел Дејвид Фостер Валас кој смета дека добрата фикција мора да ги смирува вознемирените и да ги вознемирува смирените, а подоцна Банкси почнал да ја испишува врз ѕидовите на светот како сопствена арс поетика. Џејмс Болдвин уште порадикално продолжува: „Уметниците постојат за да го вознемируваат мирот. Тие мора да го вознемируваат мирот, инаку би настанал хаос“. Да, парадоксално, но вистинито: ако уметноста, ако книжевноста не вознемирува настанува хаос, не се знае повеќе што е што, и што е добро, а што не во нас самите. Пред некоја седмица токму овде, во Скопје, турскиот писател Тарик Туфан забележа дека литературата знае да нѐ извади од колосек. Лично верувам само во литература која ме вади од колосек, ме изместува од лежиштето, ме буди и не ме успива, неудобна како седиште во ноќен автобус на „Хисар“ од Љубљана до Скопје. Тоа не може да биде тривијалната книжевност која е удобна и фина, за брза, еднократна употреба, за малограѓанска потрошувачка, за неолибералистичко искуство, литература – корпорација со добар пиар, со лого „сега и овде“. Очигледно дека постои разлика меѓу долготрајната вознемиреност што ја нуди добрата литература и краткотрајната шокантност и сензационалност на тривијалната литература. Секој добар роман, вели Кундера, му порачува на читателот: Работите се посложени отколку што мислиш.

Неодамна сретнав еден палестински поет кој пред да ги прочита своите песни зборуваше за состојбата во Палестина, за проблемите на народот што ни се познати на сите, за неправедноста, за стравот, за умирањето. Беше тоа потресен, ангажиран говор кој длабоко ме трогна како и останатите на поетскиот фестивал. На крај ги прочита и своите песни. Сите беа лирски, метафорични и длабоко еротични. Поетот и пееше оди на својата сакана чие тело горешто го посакуваше. Скришум ги погледнав лицата на присутните, сакајќи да проверам дали и тие ја чувствуваат истата нелагодност, речиси измаменост што ја почувствував сама, заведена од неговиот говор што мислев дека ќе најде одраз и во неговата поезија. Но меѓу поетот и човекот во неговото битие имаше бодликава жица. Можеше да биде ангажиран само во животот, не и во литературата. И тоа е чесно иако неговите песни во однос на неговиот говор беа просечни поетски изливи на сексуална енергија. Да не мислеше сепак на Палестина во песните? Можеби ние не ја разбравме неговата заљубеност?

Многу појасен во таа смисла е Ај Вејвеј кој уметноста ја гради со лего коцките на реалноста во која не недостасува имагинација. Пред извесно време во Музејот на дизајнот во Лондон Ај Вејвеј го изложи своето најново уметничко дело Без наслов, со поднаслов „Инцидентот Лего“, составено исклучиво од лего коцки собрани како донација од најразлични краишта на светот, после инцидентот од пред неколку години меѓу уметникот и компанијата Лего која не сакала да му испорача коцки затоа што сакал да ги употреби во инсталација со политичка порака против Кина. Демократската данска компанија Лего планирајќи да отвори фабрика во Кина, му вели на уметникот Do Not Disturb, не ми ги расипувај плановите, на сосема ист начин како што автократската кинеска власт му го вели истото. Лего не му ги испорачува порачаните коцки, а Кина му ја чува затворската ќелија за да знае каде му е местото. Ај Вејвеј со лего коцките ја слика и вратата на ќелијата. Вознемирува, и во уметноста и во животот, и ако ништо друго, им го расипува денот и на директорите на Лего и на властите во Пекинг, особено кога од целиот свет обичните луѓе почнуваат да му илјадници праќаат коцки на Лего од собите на своите деца. Ај Вејвеј е училиштен пример за тоа дека задачата на уметноста е да буди, да протестира, да се буни и да учи на непокорност, на слобода, на интегритет.

Во уметноста, во книжевноста мора да се биде радикален, да се оди до крај, писателот мора да се надмине себеси, да ги истисне сите немоќи и моќи од сопственото битие, да се нурне во заумните пространства на реалноста и во реалните пространства на заумот. Радикалните ситуации и состојби се лоши за животот, а добри за литературата бидејќи нѐ соочуваат со себеси и со останатите поинтензивно одошто секојдневието. Како што вели Ари Коинума, ако не сме предизвикани, не само што не растеме туку всушност атрофираме. Литературата треба да го предизвикува и да го прави сето она што животот не смее да го прави: да биде земјотрес, да биде пожар, да биде поплава, да биде болест, да биде војна, да биде смрт. Да вознемирува за да смири, да урива за да гради. Да удира во карпата на системот, поткопувајќи го, да ја проветрува традицијата која во своите убави старински рамки содржи слоеви патријархална боја во однос на многу нешта и на многу човечки битија, да го преиспитува концептот на сето она што ограничува, затвора, не восприема, игнорира или омаловажува, не со реферати за колективни истории туку со приказни за човечки стории. Во ангажираноста на литературата верувам тогаш кога таа на суптилен и литераризиран начин ја пренесува личната сторија на мало парче од колективната историја. Така најдобро може да сугерира, да сочувствува, да просветли, да нѐ научи на нешто, да нѐ наполни со животна сила, да ѝ дозволи на душата да го почувствува и она од што можеби бега. Да вознемируваме, да внесеме неред во општествената затапеност, да ги отвориме прозорците на писмото за толку силен провев што ќе ги издува цвеќенцата на комфортот и мртвите природи на масата или ѕидовите, со жива култура да ја заштитиме природата пред смртта, со жива природа да ја освестиме културата пред животот. Може ли тоа да го направи еден роман, една песна, една драма, еден есеј? Читајќи го на едно спокојно место крај езеро со патки и лебеди романот „Во понеделник ќе н ѐ сакаат“ на извонредната Наџат Ел Хашми почувствував дека се распрснав на парченца, како самата да сум си била стаклено ѕвоно на себеси. Спокојот го замени вознемиреност, а вознемиреноста катарзично се претвори во спокој, ама буден, освестен и реален. Добрата литература го прави токму тоа. Всушност, на нејзината квака отсекогаш стоел знакот Do Disturb! Со или без Please.

Тагови од објавата
Напишано од
More from Лидија Димковска
Национална душа
Сè поголем е бројот на луѓе без души, на души без имиња.
Повеќе
0 replies on “Авторот говори: Со или без Please”