Кревок

Денес беше, во најмала рака, вообичаен ден во канцеларија, онака тажен, мртов како в гроб и до очај едноличен. Додека не измаршира во него твојот претпоставен.

КРЕВОК

(прв дел)

Уште во пет и триесет попладне, кога излезе од градскиот автобус, беше пијан. Седеше со друштвото од два и пол, молчелив и со мрачен поглед, во кафаната испикана некаде меѓу зградите на долен Дорчол, во ќошето од салата што труе на алкохол, тутун и пот. Погледна во часовникот со испукано стакло и излупен ремен и набрзина пресмета дека требаше да си дома пред речиси три часа и дека тие три часа во кои си ги натопи синото одело и кошулата (некогаш толку бела, што сѐ уште те мачеше нејзино светло минато) со чадот на кафаната, ќе те издадат пред жена ти. Веројатно пак ќе се расправате.

Резигниран што алкохолот не ги заспа инсектите на совеста што те боцкаат и штипат, некако правиш компромис со себе си да одиш да фатиш превоз. Од постојката тргнуваш кон булеварот, се нишаш како мост од трски во невреме и си мислиш дека шетањето помеѓу две новобеоградски постојки ќе може да те отрезни и ослободи од corpus delicti смрдежот. До пред половина час торзото ти беше испружено на изгужваната и изгорена крпа што требаше да биде чаршав и, да беше до тебе, уште ќе седеше таму ако пријателите не станеа и заминаа. Има ли поента, си помисли со разочарување, после уште едно од низата дезертерства, сè уште да ги нарекуваш пријатели? Единствено те радува тоа што ти поминува болката од плускавците кои пред неколку дена ти ги предизвика разјадената внатрешност на левиот чевел, па твојот мозок веќе не мора добар дел од своите капацитети да го троши на негирање на пулсирачкото триење над петицата, од кое на моменти не можеш ни да размислуваш јасно.

Не само прозорците на зградите, продавниците и автомобилите, и не само одблесокот на белиот текстил во кој се облечени минувачите, туку и самиот тротоар свети како беспрекорно зашилен сончев зрак и грубо ти стрела во зениците. „Какво ѓаволско сонце“, помислуваш додека ја вадиш вратоврската. Бакарно-кафеавиот нектар, соодветна замена за порафинирани и поскапи пијалоци, ти мава по ѕидовите на черепот, создава неподнослив притисок што зуи, а уличната галама, сирените, шкрипењето на гумите и кочниците и брмчењето на моторите ги претвора во неподносливо пиштење на највисоки можни фреквенции.

Денес беше, во најмала рака, вообичаен ден во канцеларија, онака тажен, мртов како в гроб и до очај едноличен. Додека не измаршира во него твјот претпоставен. Покрај малиот планински венец од обрасци, акти, документи, сметки, потврди, изјави, прашалници, записници, извештаи, пресметки, фактури, белешки, значи покрај целата таа географија од совршено глупави и егзистенцијално непотребни хартии складирани во идиотски пластични пликови, едвај и на кратко зграби прилика да се пошегуваш со колешката Мина (веројатно единствената личност во фирмата со која разменуваш по некој збор) на сметка на извршниот директор и неговата очигледна трансплантација на коса. И тогаш, како за инает, влетува помошникот на заменикот на главниот секретар, Бубрежњевиќ, и го фиксира погледот на тебе зашто седиш раскопчан зад бирото во поза што незгодно го отстранува секој сомнеж за твојата неефикасност на работа.

– Жарковиќ, во што е проблемот? Некоја подземна вода, влашка магија, лош фенг шуи… Кога и да влезам кај Вас, сета интелигенција како да ми излетува низ прозорецот. Наместо да им давате пример на помладите колеги, вие седите на маса и се смеете како луд на брашно – прекорно рече Бубрежњевиќ.

Навредите му паѓаа од дебелата и разлигавена долна усна која упадливо му штрчеше пред лицето, а меѓу кутрите ретки влакна на речиси ќелавата глава, обликувани во бесмислена фризура, големи зрнца пот се поместуваа и слеваа до челото, каде што неговото шамиче спремно им го сечеше патот и повеќе ги тапкаше отколку што ги бришеше. Кога ќе се испотеше Бубрежњевиќ мирисаше како дете кое уште нема хормони во потта, само мек, солен мирис без ништо мажествено во него. На носот ги осети замастените зеници на господинот помошник на заменикот на главниот секретар. Со неговите невообичаено тесни рамења и тенки рачиња кои веројатно би се скршиле од тежината на добро наполнета торба за пазарење, и таа негова голема, тркалезна глава што како балон излегуваше од грубата јака, изгледот на Бубрежњевиќ беше далеку од заканувачки. И сепак, тој змиски поглед што по лицето на соговорникот секогаш циркулираше во триаголник помеѓу очите и врвот на носот, со страв продираше во срцата на подредените. Вклучувајќи го тука и твоето срце.

– Сакав… Ништо, ми требаше… – пелтечеше додека стануваше од масата и дланките механички ти се споија зад грбот, поради што веројатно изгледаше како дете кое чека да биде опоменато за непослушност.

– Сакавте само што? Само што? Сакавте само ние да Ви плаќаме придонеси, а Вие, ако е можно, да не правите ништо. Дали некогаш сте слушнале за ефективност на работното место и за квотите што ја одредуваат? – Бубрежњевиќ со повишен тон почна да го дроби своето евангелие, кое веќе толку пати си го чул. Сè уште те стрелаше со двете сини очи во неговото ќелаво, момчешко лице.

– Не е баш така. Станав на пет минути.

– Ма, вие постојано станувате, постојано шетате. Знам дека движењето е здраво, но не сте на бања, човече. Секогаш доцнат Вашите предмети, секогаш Вашите извештаи ги пробиваат роковите, и секогаш морам да Ве правдам пред моите претпоставени. Ама, Жарковиќ, не сакам образите постојано да ми се црвенат поради Вас, не сакам повеќе да си го правам тоа. Кога ќе биде готов кварталниот извештај за пазарот? Ајде, кажете ми сега убаво, со Ваши зборови, кога можам да очекувам дека извештајот ќе биде готов?

Тоа е лага, дека те правда пред шефовите. Ова го знаеш зашто понекогаш те обвинуваат и за нешто што не си го направил ти, или пак твојата грешка била многу мала и бенигна, а реакцијата непропорционално голема. Исто така, и двајцата знаете дека ти си толку долго во фирмата што шефовите имаат разбирање за тебе, некои од нив дури и те сакаат, па затоа нема тукутака да реагираат на секоја жалба против тебе. Од друга страна, корпоративните питбули како Бубрежневиќ им се и тоа како драгоцени, тоа ти е јасно. Па сега седиш со него како на клацкалка на која и двајцата сте како две дебели деца.

Под око ја погледнуваш госпоѓица Мина. Таа одеднаш го исправила грбот на столицата, се наведнала малку над масата и се преправа дека работи нешто. Ти засмета тоа што нејзиниот став кажува дека е отсутна, дека не знае што се случува пред неа, а згора на тоа, таа нема никаква врска со твојата шега за извршниот директор. „Какво смеење, ви се молам, госпоѓицата работи. Сам си, брат“, си помисли.

Со помирлив и тивок глас, гледајќи намерно над главчето на човекот, горко рече:

– Извештајот ќе биде готов до утре напладне.

Сфаќајќи дека тој твој одговор доаѓа од високо, Бубрежњевиќ брзо и енергично одговори:

– Утре? Значи извештајот што требаше да биде готов пред една недела ќе биде готов утре? Дали имате идеја колку трае една недела, колку време е тоа? Дали Ви е јасно дека дека моравме да го поместиме колегиумот поради вас? Знаете што, кога во иднина ќе ми поставуваат незгодни прашања во врска со Вас, нема повеќе да го трпам ова, оваа ваша мрзеливост. Вие како цел живот да сте во црна дупка, како да сте родени со некој минус во времето. Дваесет години сте подолго од мене во оваа фирма. Јас сум тука само четири години, и гледате која е разликата во нашите позиции? За две децении едвај сте…

-Тоа е моја лична работа и Ве молам да не зборуваме за тоа.

– Е, па мислам дека сепак ќе мораме да разговараме. Кога вашата непоправлива стагнација во работата води до тоа мене да ме прашуваат зошто нема извештај за пазарот, таа Ваша лична работа секако станува и моја. И бидејќи јас тој извештај треба да го носам после цела недела доцнење, и тоа по којзнае кој пат, тоа значи дека би требало добро да се запрашам за човечките ресурси со кои управувам. Одговорете ми на едно прашање, штом успеете да завршите, дај Боже, со тој извештајот до утре попладне, дали ќе можете во понеделник да ми ја предадете интерната статистичка анализа која и тоа како навремено ја побарав?

– Не знам дали ќе успеам. Имам премногу од работата што веќе ми ја дадовте. Не знам што да ви кажам. Ако никој не ме прекинува, можеби ќе успеам.

Малото интермецо што следеше по оваа реченица беше исполнето само со монотониот „цак-цак“ звук од копчињата на тастатурата на која Мина се преправаше дека пишува. Вжарен во лицето, Бубрежњевиќ ќе просаска:

– Слушај ме Жарковиќ! Подобро ќе биде за тебе ако утре, не до пладне, туку до девет наутро, извештајот е спремен, укоричен и во секоја смисла готов. А следниот понеделник сакам исто така средена и готова интерна статистичка анализа. Дали е тоа јасно? Во спротивно, не само што ќе престанам да те правдам на газдите, туку и ќе им пренесам сѐ детално и директно, вклучително и твоите шеги на сметка на работата на директорот. Дали ти е јасно?

Го погледна навреден и затечен поради тоа обраќање „на ти“, но со исчезнувањето на персирањето, како наеднаш да се намали и првичниот страв и како преку целиот настан во канцеларијата да падна церада од небрежност. Лесно си најде задоволство во тоа, со кое праша:

– Значи, отказ?

– Што друго освен отказ! – извика господинот помошник на заменикот на главниот секретар на сиот глас, отворајќи ја со слободната рака вратата пред која се собраа неколку случајни минувачи, додека во другата рака го стискаше марамчето натопено во пот. Тогаш истиот господин, помошникот на заменикот на главниот секретар, ја тресна вратата од канцеларијата најсилно што можеше, свесен дека таквата театралност ќе ги подигне хартиите од масата на госпоѓица Мина, ќе го заниша лустерот и ќе направи да ти прескокне срцето во градите. А сепак, ти, без да се помрднеш и трепнеш, гледајќи во шарите од вратата, небаре тој малечок и лут човек сѐ уште стои таму, регистрираш тапа мачнина во стомакот, најмногу од неизмерната досада со која сето ова се повторува.

Евтиниот алкохол што ти талка низ празните и гладни ходници од цревата се надоврзува на сензациите во телото што ги воскресна ова сеќавање. Шеташ по широкиот булевар во жолтото и жешко попладне на новобелградскиот асфалт кој попушта под женските потпетици, а пред тебе се чини како тротоарот и патот да се спојуваат во една точка која ги пречекува огромно вжарено сонце што паѓа. И сè е толку едноставно рамно, испружено, испеглано како оние тротоари по кои шетаат живи, работни луѓе, се смеат и умираат во овој летен запалив воздух, а притоа изгледаат како ништо од тоа да не им пречи. Рамно, совршено рамно. Толку рамно што ни Бубрежњевиќ со својата разлигавена усна и испотено марамче не би можел да го разбранува. Ете, пак дозволи тоа гадно човече да ти се врати во мислите. Доста!

Штом свртиш кон помалата улица која не е толку прометна, метежот стивнува и за чудо и воздухот како да се оладува. Сè некако се одмотува, се протега и се расфрла по рамницата на оваа патека која како со добра намера да те води во вистинската насока. Војнички заклучуваш дека на ваков терен нема напад ни одозгора ни одоздола, непријателот ќе мора да се приближи челно и да биде разоткриен во своите намери. Сè е предвидливо, сè може да се контролира. Не треба да им се дозволи на околностите да те вознемират и исфрлат од такт, по никоја цена, затоа одлучуваш дека веднаш, штом влезеш низ вратата, ќе им кажеш на жената и децата кај си се задржал досега, и така ќе спречиш да почнат веднаш да ти трубат. Убаво ти е, дури и на тие тромави нозе што те лулаат, и тоа е во ред зашто најважно е дека знаеш дека никому ништо лошо не си направил и дека никој нема зошто да ти се лути. Кавгичка со жената, што е тоа? Ќе помине, како и обично.

Стигнуваш до самопослугата во маалото, на вратата чекаш да излезе единствениот муштерија во продавницата, му намигнуваш на продавачот Бане, дечкото што го спаси од отказ пред половина година кога некои клошари украдоа неколку шишиња виски и маслиново масло од продавница, додека овој бил во оставата со малата Лела од комшиите. Поразговаравте другарски со газдите од продавницата со кои се знаете уште од детството и момчето доби втора шанса. Оттогаш, секојпат штом му намигнеш Бранислав реди по неколку шишенца во твојата торба, ти заверенички му тутнуваш пари во раката и никогаш не чекаш кусур. Така беше и овојпат. Бидејќи сега немаш никаква торба, земаш само едно шишенце, инаку би ти штракале во џебот.

Поминуваш покрај свечената делегација на староседелци од блокот на клупата пред твојот влез. Ти мавтаат и те канат да поседиш малку со нив. Седнуваш и разменувате неколку зборови, точно колку што е потребно за да си го испиеш пијалокот. Стануваш за да си одиш, а тие инсистираат да останеш зашто сите се шворц и знаат дека ќе ги частиш ако бидат доволно упорни. Овој пат ги одбиваш, уморен си и на раб да прегланеш, па само им дофрлаш „Чувајте ми место за следниот пат“. Потоа те забележуваат децата на игралиштето меѓу кои ги препознаваш другарите и другарките на Лука и Ема. Пискавата смеа ти го пренасочува вниманието на малите, прашливи војници со пластични шлемови и пушки со кои диво пукаат еден на друг, изведувајќи ја својата какафонска ра-та-та мизансцена, навидум не обрнувајќи внимание на девојчињата. Тие се, од друга страна, посветени на облеката на нивните кукли, гривите на нивните пластични коњи и изборот на бои на кредите. Те развеселуваат тие нежни детски лица измиени од кроткото мајско сонце и како во секое од нив да ги препознаваш лицата на своите близнаци.

Неочекувано, едно од децата истрчува и испалува кон тебе рафал од пластичната имитација на калашников.

– Ра та та! – викна во еден здив, па уште еднаш – Ра та та! – со напучени усни, да биде сигурен дека те ликвидирал. Откако потврди дека секој негов куршум ја погодил целта, тој стои мирно и те гледа пркосно, дрско. Изненаден, помислуваш колку чудно изгледа тоа дете, ако имаше боева муниција, навистина ќе пукаше. Како и да е, ја прифаќаш играта. Ги креваш рацете, како да се предаваш, се преправаш дека си ранет, нагло одиш чекор назад, сопнувајќи се од повредите од невидливите куршуми од воздух.

Тука си го осеќаш телото како слободно лета низ воздухот и нагло паѓа долу, а нозете одеднаш ти го попречуваат видното поле кон небото. Земјата ја дочекуваш на левиот колк и дланката од левата рака со која рефлексно сакаше да го ублажиш падот. По слетувањето, под нозете гледаш празно литарско шише вотка, преку кое очигледно си го извел ова салто мортале. Прво гледаш како на дланката итро се пробиваат капки крв низ излупената кожа и прашина, а во месото до крвта ти е навлезено едно поголемо парче срча. Тоа не е ништо во споредба со болната вкочанетост што ја пробива левата страна како струја, со таква брзина и сила, што мислиш дека колкот ти испаднал и се стркалал по улицата. Усните ти се згрчени додека го загушуваш извикот, не сакаш да привлечеш внимание кое ќе ја тестира твојата гордост. До свеста ти допира колку е неописливо иритирачка оваа ситуација во која седиш во прашината со испружени нозе, а не си ни толку поматен за тоа да е оправдување за падот. Те мачи тоа што не смееш да допреш ниедно место на болната лева страна од телото за да не го извалкаш со крв тоа твое глупаво одело. Кога ќе се смири грчот на лицето, полузамижано низ трепките ги гледаш децата како се движат кон тебе.

Пред тебе одненадеж се појавува некоја непозната жена, како да се создала самата со непристоен магичен трик. Вели:

– Падна човекот! Господине, дали сте добро?

(…)

 

Превод: Радмила Ванкоска

 

Тагови од објавата
Напишано од
0 replies on “Кревок”