Точки на изгрејсонце / И така натаму / Тапетно лето

„Вечен мир? Каков подмолен рекламен трик“, ѝ рече Ц (упокоен 1976) на неговата сопруга С (упокоена 1993) и бесно ја тресна мермерната плоча зад себе.

ТОЧКИ НА ИЗГРЕЈСОНЦЕ

Откако трае пандемијата која го покри светот со целофан и го смести во изолиран излог далеку од очите на луѓето, јас почнав сам да си мотам цигари. Сите цигари што ги мотам се различни и за секоја од нив ми треба различно време. Прво земам филтер и го ставам во уста (како столар со клинец). Потоа, вадам ризла и на крај ставам онолку тутун колку што ми се конзумира во моментот. Понекогаш помалку, понекогаш повеќе. Потоа ја обликувам цигарата во помалку или повеќе препознатлива форма, го лизнувам лепакот и цигарата е готова. Обично ја палам веднаш и ја пушам за 2-3 минути. Вовлекувам длабоко и го чувствувам чадот до левиот прст на мојата нога. Кога дозата никотин убаво ќе се всади во моето битие, ја гасам цигарата во пепелникот и продолжувам да правам што и да правам во моментот. Често не правам ништо и само гледам во облаците над мојата глава. Некои од нив имаат запирки, некои извичници, некои прашалници, но на крајот секогаш на нив се појавуваат точки кои ме чешаат до изгрејсонце. Комшискиот петел кој е опседнат со точкестите облаци ме прашува дали на нив навистина има точки, или му се причинуваат поради кокошкиното слепило што го мачи последниве неколку месеци. „Навистина“, му велам и му намигнувам. Потоа долго пиеме кафе и го чекаме крајот на светот облечени во целофан и сместени во некој изолиран излог далеку од очите на луѓето.

 

И ТАКА НАТАМУ
(Вечерни погреби)

Сум присуствувал на повеќе погреби отколку на свадби, или, пак, погребите ми се закачиле за сеќавањето како тврдоглави крлежи. Сеедно. Сум бил на погреби кај соседи со кои сум разменил неколку добардени на улица, кај далечни и блиски роднини, кај дедо ми В и дедо ми И, кај татко ми Л, кај познајници, пријатели, миленичиња; сум бил ковчегоносец, ме дарувале со крпи и сум пролеал илјадници солзи кои би биле доволни да се наполни аквариум со златна рипка и плус да ми останат уште неколку голтки за да го измијам вкусот од таговната блага пченица во устата. За да си олеснам, ги гледам лицата на вистински натажените, на полунатажените и на залутаните и пробувам да им ја измерам тагата на кантар: госпоѓата со кратка руса коса – половина килограм тага, господинот во темносин костум – четири килограми тага, осумдесет-годишната госпоѓа во избледена црнина – тринаесет килограми тага и така натаму. Секогаш натаму – кон смртта. Оплакувачките и оплакувачите, видно потресени, си ги јадат сендвичите, си ги пијат сокчињата, истураат малку ракија за душа и разговараат како да не зборувале со години. Гробиштата ечат од „Бог да ја/го прости“, „Лесна ѝ/му земја“, „Се спаси“… Неколкумина се издвојуваат од групата и почнуваат да крстосуваат низ соседните гробови: бараат некој свој, или, едноставно, се воодушевуваат од туѓите надгробни плочи. Еден стар господин (кого никој не го познава), размислува зошто нема вечерни погреби, кога веќе има вечерни свадби. Гробоуличните кучиња се надеваат на остатоци од храна, а духовите на одамна починатите едвај чекаат да си заминат живите за да можат да си поспијат во тишина. „Вечен мир? Каков подмолен рекламен трик“, ѝ рече Ц (упокоен 1976) на неговата сопруга С (упокоена 1993) и бесно ја тресна мермерната плоча зад себе.

 

ТАПЕТНО ЛЕТО

Нејзината дневна соба беше буржујски наместена: масичка од жад, голема трпезариска маса со копаничарски орнаменти, десетици луксузни порцелански предмети и два кристални лустерa со висечки украси во форма на дијаманти. Не знам како тие предмети се најдоа во нејзиниот стан, зашто таа беше наставничка по биологија во основно училиште и платата едвај ѝ стигнуваше да си ги подмири месечните трошоци.

Бев дете и сите тие предмети во мене будеа илјадници фантазии, а таа ме оставаше да си играм во нејзиното мало кралство, додека ми приготвуваше највкусни еклери, тулумби, крофни и торти.

Но, тоа што најмногу ме привлекуваше беше тапетот-фотографија на кој беше претставена тропска плажа без туристи, без чадори, без продавачи на пченки и бижутерија, без таи-масери, без очила за сонце, сламени шапки и шарени фустани. Плажата беше долга неколку километри, а песокта бела како сите планини на светот да донирале по еден шлепер снег.

Ја сакав таа плажа. Поминував часови и часови правејќи песочни кули и копајќи дупки кои во себе криеја непроценливи богатства. Многупати забележував како од морето изнурнуваат чудовишта од длабочините, перки на ајкули кои се движеа по совршено кружни заканувачки траектории, делфини кои се подаваа со топки на надувување (оданочени од плимите и осеките) и двобои помеѓу албатроси и пеликани контролирани од галеби-секунданти. Уживав во изгрејсонцата и зајдисонцата и во овошните коктели со чија помош ги издржував летните тапетни горештини.

Години подоцна, кога таа почина, новите сопственици на станот го тргнаа егзотичниот тапет и го варосаа ѕидот во здодевна светлосива боја, но мораа да го преваросуваат најмалку двапати годишно, зашто пркосните сеќавањата на ѕидот негодуваа со влага кога ја уништуваше бојата и создаваше апстрактни слики на кои беа претставени едни поинакви, сончеви времиња.

Тагови од објавата
Напишано од
More from Владимир Лукаш
Драга Сеси
Писмо од промоцијата на „Се гледаме наскоро. Е.“, 14.6.2017, „Ла кања“.
Повеќе
0 replies on “Точки на изгрејсонце / И така натаму / Тапетно лето”